Добро упатени извори во дипломатските состојби сметаат дека нема неменливи работи и дека секогаш може нешто да се дополни, дообјасни, да се додаде понекој анекс, за договорот да може да функционира, оти во спротивно ефектот не е постигнат

Двојни европски стандарди – Европската комисија (Владата на ЕУ) со предлог за промена на преговарачката рамка за Србија

Наративот што изминатава година и половина го пласираат во јавноста одредени домашни и странски кругови е дека преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија е завршена работа и дека таа не може да се промени.
Со месеци во земјава доаѓаа странски емисари, кои ги повторуваа мантрите на дел од домашните политичари, дека уставните измени се поставени во преговарачката рамка и дека без нивно усвојување нема напред. Сето тоа беше запечатено со констатацијата дека рамката не може да се менува.
И додека од една страна истата таа ЕУ упорно повторува дека не може да има промена на преговарачката рамка, пред некој ден Европската комисија и Европската служба за надворешни работи поднесоа предлог за измени на преговарачката рамка на Србија. Со овој предлог, обврските од Договорот за патот кон нормализација на односите, како и од Анексот за имплементација договорен лани во март во Охрид, формално се составен дел од преговарачкиот процес за членство меѓу Белград и Брисел. Претходно ЕУ уште еднаш ја промени преговарачката рамка за Србија, тогаш кога беше усвоена новата методологија за пристапување.
Од сето ова може да се извлече само еден логичен заклучок, дека преговарачката рамка може да се менува, но само тогаш кога тоа ѝ одговара на ЕУ. Сѐ друго се двојни стандарди.
Сега се наметнува дилемата дали ако утре Македонија и Бугарија седнат на заедничка маса за да најдат решение за пат-позицијата во која западнаа односите меѓу двете земји и од таквиот дијалог произлезе некаков нов договор или некакви анекси на претходно договореното, ЕУ и натаму ќе опстојува на истата преговарачка рамка, која повеќе од очигледно е извор на фрустрации во македонското општество и генерира сериозни проблеми во македонско-бугарските односи.
Добро упатени извори во дипломатските состојби сметаат дека нема неменливи работи и дека секогаш може нешто да се дополни, дообјасни, да се додаде понекој анекс, за договорот да може да функционира и да има ефект.

– ЕУ е организација составена од широк бирократски апарат. Сите тие луѓе таму повеќе се грижат за сопствената кратка биографија, отколку за нечии други интереси. Тие сакаат да затворат одреден проблем и утре да се пофалат дека придонеле за негово решавање. Тука политичарите од власта тврдат дека рамката не може да се менува оти ним им одговара така, ветиле уставни измени, па сега кога не можат да ги испорачаат, излегуваат со наратив дека преговарачката рамка на ЕУ не можела да се менува. Странците го повторуваат истото тоа зашто друго ништо нема на маса. Моќта на дипломатијата е да ги менува работите што не се во прилог на нивната земја. Да не заборавиме, пред францускиот имаше и португалски и германски предлог за надминување на бугарското вето. Германскиот предлог Бугарија прво го прифати, па подоцна се откажа. ЕУ сака резултати, така што ако утре Македонија и Бугарија билатерално најдат решение за излез од оваа заплеткана ситуација, која ги доведе односите меѓу двете земји до најниско ниво, тогаш и Унијата нема зошто да не ја промени преговарачката рамка. Впрочем, ниту еден договор или рамка не се Библија, па да не може да се менуваат, во прашање е само дипломатскиот капацитет, односно луѓето што ги водат процесите – истакнуваат соговорниците.
Ставот на поранешниот министер за надворешни работи, амбасадор и претседател на Генералното собрание на ОН, Срѓан Керим, е дека Европската Унија сака кога земјата излегува со сопствени решенија, што значи дека ако се најде добро решение, нема причина да не се промени и преговарачката рамка.
– Ни треба добро осмислена дипломатија, ни треба стратегија како да се поставиме кон нашите партнери, а тоа да не биде на штета на националните интереси. Значи не да бидеш вазал од една страна, но не и да бидеш постојано бунтовник, само да се жалиш, туку да најдеш една златна средина и да подготвиш решенија што водат напред, а не нѐ враќаат назад. Секому што ќе му пријдеш со сопствено решение, ќе те прими подобро, ќе те сослуша и ќе те разбере, отколку постојано да доаѓаш со листа на проблеми. ЕУ и самата има доволно проблеми, така што не ѝ требаат нашите проблеми, туку ние треба да нудиме решенија – истакнува Керим.
Според него, не е невозможно да се седне и повторно да се разговара со бугарската страна околу прашањата што ги назадуваат процесите и на тој начин да се создаде амбиент во кој ќе се надминат проблематичните точки во актуелната рамка.
– Прво, најважно е ние да имаме еден конструктивен политички дијалог со Бугарија, каде што ќе расчистиме некои работи, што е клучно и кои критериуми Македонија треба да ги исполнува за да биде членка на ЕУ, а никако обратно, ние да ги исполнуваме критериумите што Бугарија нам ни ги наметнува билатерално, како предуслов и услов за европските стандарди и критериуми.

А ЕУ треба добро да се замисли. На пример, Данска и Холандија да ни упатуваат сериозни критики, тоа држи, но Бугарија да биде главен кочничар, а знаеме дека таа самата се соочува со најголеми критики во самата ЕУ и затоа не е дел од шенген, не е дел од еврозоната и некои други поинтегративни елементи во самата ЕУ, тоа политички е проблематично. ЕУ сепак мора да заземе појасен артикулиран став и да не се поставува во улога на навивач, кој повеќе инклинира кон земјата членка, отколку кон земјата што треба да стане членка. Треба да биде обратно, да ѝ помогне на земјата кандидат да го забрза процесот, но не со условување на тие билатерални прашања. Да постапеа така во случајот меѓу Словенија и Хрватска, Хрватска и ден-денес немаше да стане членка. Нивниот проблем е територијален, а тоа гледано од меѓународноправен аспект е многу потежок проблем – посочи Керим во гостувањето во „Аргумент плус“.
Според него, по изборите во Македонија ќе има потреба од ново динамизирање на дијалогот со Бугарија, што отвора можност за заемно прифатливи решенија во насока на подобрување на состојбите меѓу двете земји.
– Уверен сум дека по изборите ќе има и потреба и желба да се динамизира тој дијалог, да се разговара сериозно, но не гледајќи назад илјада години, туку гледајќи напред. Европската заедница е формирана со погледи напред, а не со враќање наназад. Треба да се договараме што да направиме заеднички, подобра инфраструктура, инвестиции на двете страни, луѓето да соработуваат, универзитетите да соработуваат. Дијалогот со Софија треба да биде за суштински работи, кои нѐ приближуваат кон Унијата, а не кон толкување на историјата – заклучува Керим.