Инклузивното џудо е наменето за лица што по која било основа имаат одреден неправилен или дисхармоничен развој на моториката, интелектот, емоциите, социјалните вештини или, пак, соматско заболување што не подразбира мирување и избегнување физички и ментален напор. Она што џудото ним може да им го понуди не може да го стори ниеден друг спорт, во однос на личниот просперитет и напредок

Од мој агол: Јованчо Велески, џудо-мајстор и специјалист по медицинска психологија за инклузивноста на спортот

Кога доктор Џигоро Кано ги формирал контурите на современото џудо, тој секогаш се водел од ставот дека џудото е борбена вештина на телесен и душевен баланс. Самиот процес на совладување на џудото е долготраен и систематизиран во етапи на ученички рангови, до степен на мајсторски појас.
УНИЦЕФ го прифатил џудото како еден од најдобрите спортови за развој на деца и млади со посебни и специфични ефекти по здравјето, како телесна, ментална и социјална благосостојба.
Еден вака дизајниран концепт дава поголема можност за просперитет и на оние единки од нашето современо општество што имаат послаби индивидуални перформанси и недостатоци за да воспостават правилен личен развој, стабилност, самодоверба и да доживеат спортско задоволство. Со други зборови, да станат подобри луѓе. Тоа значи дека џудото не е спорт со кој ќе тепаш и ќе малтретираш други луѓе, туку ќе научиш да се почитуваш себеси, општеството и другите. Тоа е една извонредна инклузивна моќност на џудото како спорт за сите. Медалите се предизвик во спортот, но здравјето е најважен приоритет за секого.

За кого е наменето инклузивното џудо?

Инклузивното џудо е наменето за лица што по која било основа имаат одреден неправилен или дисхармоничен развој на моториката, интелектот, емоциите, социјалните вештини или, пак, соматско заболување што не подразбира мирување и избегнување физички и ментален напор. Она што џудото ним може да им го понуди не може да го стори ниеден друг спорт, во однос на личниот просперитет и напредок.

Кои се причините да се повикуваме на инклузивното џудо?

Причините да се повикаме на џудо-тренинг кај овие деца е моторното учење. Тоа е учење спортски вештини, да се изведуваат рутинирано, брзо, прецизно и експлозивно, а за тоа треба добар ментален баланс на сензориумот, скелетно-мускулната координација, мисловна концентрација и флуидност на поврзување на перципираниот материјал и волевата акција.
Кај децата со какви било пречки во развојот имаме отсуство на континуитет на моторното учење. Затоа инклузивното џудо за нив е совладување рехабилитациска програма, чија цел е спортска терапија, а дометот е нивниот личен рекорд.

Како се одвива подготовката на дете за инклузивно џудо?

Ним им е битно да излезат од опкружувањето во кое се секојдневно, да ги надминат некомфорот, стравот, да го истражат светот, да се стекнат со некое ново доживување. Секако дека со намерата се запознава и родителот или старателот. Најпрвин му се објаснуваат спортот и начинот на практикување. Откако детето нема да покаже отпор се одредува само да си одбере клуб или локација. На родителот или старателот му се објаснува дека на првата средба со џудото детето треба да биде само гледач на тренингот, не подолго од 20 до 30 минути, да се запознае со условите и да му се препорача на тренерот. Дури на вториот тренинг детето се пушта да вежба со континуирано присуство на еден од родителите или старател. Во одделни случаи и тие со спортска опрема му помагаат на детето.

Совети за психологот

Работата на психологот во инклузивното џудо е да го тестира, да го подготви и да го иследи детето пред и за време на тренажниот процес. Дијагностиката во согласност со возраста оди со стандардните клинички и развојни тестови. Она што е специфика за дете што се подготвува за спортска рехабилитација е користењето влезно и излезно интервју, мерења со реакциометарот и редовна контрола на секои два месеца во наредните шест месеци.
По овој период се бара друг третман доколку не се постигнала целта на подобрување на состојбата.

Совети за тренерот

Џудо-тренерот не е обичен тренер, тој е сенсеи или учител, кој освен спортските вештини ги учи своите ученици да бидат, храбри, достојни, издржливи, мудри, воздржани и промислени луѓе. Тоа е голема одговорност за еден човек. Но животот нема фер правила, како во спортот, па секој не е соодветно опремен за борба. Принципот на индивидуализација од тие причини е многу битен во инклузивното џудо. Секој според можностите. Понекогаш изнудување детска насмевка или бришење на солзите од лицето на тажното дете е поголем успех од освојување златен медал. Тренерот секогаш треба да го има тоа предвид кога работи инклузивно џудо.
Во општите препораки стои дека воведувањето на овие деца треба да биде постепено, забавено и репетирачко. Понекогаш ќе треба трпение или подолга пауза, но мотивацијата треба да биде континуирана. Не секогаш овие деца ќе совладуваат адекватна техника, но важно е да се трудат и да се социјализираат, да се воспитаат во спортски дух.

УНИЦЕФ го прифатил џудото како еден од најдобрите спортови за развој на деца и млади со посебни и специфични ефекти по здравјето
како телесна, ментална и социјална благосостојба

Совети за родителите/старателите

Родителите треба да знаат дека процесот на рехабилитација е терапевтска техника и оти нивната поддршка е најзначајна, зашто со своето присуство го охрабруваат детето за правилен развој и надминување на тешкотиите. Тоа претставува позитивен пример за детето, потврда дека не е само и дека не треба да биде пасивно и зависно.

Совети за сите други вклучени во процесот

Она што е битно за пошироката заедница е процесот на прогресивно охрабрување дека инклузивното џудо е одржлив развој на општеството. Особено е важно Националната џудо-федерацијата, Агенцијата за млади и спорт и Националниот олимписки комитет да подготват посебни поволности за клубовите во кои ќе се применува инклузивно џудо. Такви активности веќе има во Македонија – во ЏК Дрим во Струга, во ЏК Сеишин и ЏК Санкаку во Прилеп, а во ЏК Пролетер од Прилеп се применува со години. Искуството на ЏК Копар од Словенија е еден позитивен пример на организиран клуб за инклузивно џудо на овој дел од Европа. Она што е општествена одговорност во целиот овој процес е системот на спортска активност за секого. Она што е придобивка од инклузивноста за џудото е популарноста на џудо-спортот, кој во моментот е меѓу петте најпопуларни спортови на светот што луѓето сакаат да ги практикуваат од седум до 77 години. Тоа е голема придобивка во светот на спортот, а и потврда за духовните вредности на овој спорт.
И сосема за крај, лани 136 дечиња беа упатени да тренираат каков било спорт поради разни развојни тешкотии од мојата амбуланта, од нив 63 се одлучија да се зачленат во некој од џудо-клубовите во земјава.

Вежбајте џудо!