фото: Собрание

Техничкиот премиер Талат Џафери одржал координативна средба со претставници на институциите за да се согледаат причините за штрајкот во Фондот за здравствено осигурување. Во интервју за МИА Џафери вели дека треба повторно да се разгледа одлуката со која се препорачува намалување на платите на вработените во ФЗОМ.

-Веќе имавме координативна средба со институциите за да согледаме од каде потекнуваат причините за тоа. И секако институциите добиваат соодветна критика зошто дошле во ситуација по пат на јавен искажан став, преку протести и штрајк, да се дојде до право коешто е стекнато со определени одлуки, и веројатно тоа е оставштина од начинот на менаџирање на соодветните институции кои се надлежни по односните прашања – вели Џафери.

Посочува дека треба да се доразгледа во кој дел одлуката е спорна и зошто требало да дојде до штрајк.

-Во однос на ФЗОМ е последица на Законот односно одлука која што ќе треба да се доразгледа, во кој дел е спорна и зошто требало како резултат на одлука за методологија на определување на бодови на обезбедување на платите… за да се дефинира точно каде е изворот на тоа и таму више да се попречи институционалниот аспект на изворите на таков излив на незадоволство. Значи да сме на чисто – вели Џафери.

Нагласува дека правото на штрајк е неспорно и право обезбедено за секој, но оти институциите имаат обврска да ги спроведат своите обврски за да не дојде преку штрајк да се остваруваат одредени права.

Вработените во Фондот за здравство штрајкуваат поради препораката на Владата за намалување на платите за 21%. Од Владата побараа на денешната седница да го повлече предлогот даден до Управниот одбор за намалување на платите.

Во врска со штрајкот на студентите, Џафери рече дека „бирократското однесување“ на некоја институција, придонело да има задоцнета исплата.

– Очигледно е дека по однос на студентите што најавија, бирократското однесување на некоја институција, допринело да се има доим на задоцнета исплата на она што е законска определба. Што значи некој не си ја вршел својата работа нагоре и тоа ќе треба да го дефинираме и соодветно човечки да се укаже таков начин на функционирање не дозволив и нема да го толерирам, со соодветни методи на контрола и надзор над работата на членовите на Владата и на институциите коишто се обврзани на Влада – вели Џафери.