Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прашањето за „менаџирањето на стоковните резерви“ во услови на криза го извлекоа на површина повеќе наши соговорници. Тие тврдат дека изостана успешното управување со стоковните резерви. Имено, да имало такво нешто, негативните ефекти на кризниот импакт ќе биле драстично помали. Сепак, рака на срце, според нив, и доколку постоеше и многу подобро управување со стоковните резерви, долгорочно можеби немаше да го реши проблемот, но на краток рок ставањето во функција на резервите драстично ќе ги амортизираше недостатоците од одредени производи, односно ценовните амплитуди и шпицови не би биле толку високи

Фронтот помеѓу граѓаните и поскапувањата сѐ поширок

Крајно непредвидливите осцилации на цените на енергентите, златото, пченицата, маслото… на светските берзи ,предизвикани прво од пандемијата, а потоа и од економските санкции и контрасанкции воведени поради војната во Украина и нарушените синџири на снабдување, резултираа со невидени ценовни турбуленции во добар дел од националните економии, кои во обидите да ја следат глобалната динамика и да се споредуваат со други, како уште повеќе да го губат чекорот.

Ценовните шокови и антикризните мерки
во дисбаланс

Во таква ситуација деновиве се најде и Македонија, каде што особено е непредвидлива ситуацијата по обидот на Владата прво со намалувањето на маржите, а потоа и на ДДВ и на акцизите, да ги заузди цените. Вистинска експлозија на негодувања и критики на владините мерки, особено кај превозниците и снабдувачите и трговците со нафта и нафтeни деривати, следуваше по речиси секојдневните интервенции кај цените на енергентите, и тоа во услови на уште пред неколку месеци прогласената енергетска криза. Граѓаните се збунети обидувајќи се, во услови на забрзан развој на настаните, да сфатат што, всушност, за нив значат сите овие ценовни шокови и антикризни мерки. Притоа, не беше многу утешно ниту тврдењето на премиерот Димитар Ковачевски и некои од неговите министри дека Македонија има најниски цени на горивата во регионот. А за да ја истераат работата докрај и да им отворат очи на граѓаните, многумина побрзаа да ја објаснат работата.
– За да се утврди дали горивата се евтини или не, нивните цени треба да се споредат со просечната нето-плата на една земја. За споредба, просечната нето-плата во Македонија е 486 евра, во Босна и Херцеговина е 515 евра, во Црна Гора е 527 евра, во Србија е 634 евра и во Хрватска е двојно повисока или 962 евра. Според официјални податоци, цената на горивото варира од пет до најмногу 15 отсто или неколку центи, додека просечната плата варира од 30 до 100 отсто или стотици евра. За да имаме појасна вредност на цената на горивата и просечната плата, потсетуваме дека во Македонија со просечна нето-плата може да се купат 342 литри дизел, во Бугарија 456 литри, во Србија 409 литри, во Грција 655 литри и во Хрватска 656 литри дизел – беше една од пресметките што, како одговор на тврдењето на премиерот, се споделуваа на социјалните мрежи.
Со свои аргументи излегоа и превозниците, кои велат дека проблемот за нив, пред сѐ, е тоа што нема да можат да ги следат дневните промени на цените на горивата и постојано да ги усогласуваат цените на своите услуги.
И компаниите што снабдуваат нафта и нафтени деривати велат дека „не можат да го преземат товарот на вештачко држење ниска цена на горивата“ и дека „создавањето непазарни услови ќе доведе до криза со снабдувањето“.

Дали потфрли менаџирањето со стоковните резерви

Експертите, пак, во услови на високо ниво на политизација и на овој висококомплексен проблем настојуваат да не навлегуваат во полемиките, за да не бидат ставени во партиски барабан. Сакајќи да се држат надвор од партиско-политичките пресметки, сепак, повеќе од нив го извлекуваат прашањето за „менаџирањето на стоковните резерви“. Тие тврдат дека изостана успешното управување со стоковните резерви. Имено, да имало такво нешто, негативните ефекти на кризниот импакт ќе биле драстично помали. Сепак, рака на срце, според нив, и доколку постоеше и мнoгу подобро управување со стоковните резерви, долгорочно можеби немаше да го реши проблемот, но на краток рок ставањето во функција на резервите драстично ќе ги амортизираше недостатоците од соодветните производи, односно ценовните амплитуди и шпицови не би биле толку високи. Исто така, со побрзото ставање во употреба на стоковните резерви би се добило повеќе време за да се решава прашањето што и како понатаму. Соговорниците што имаат искуство од оваа област објаснуваат дека сѐ ќе беше полесно доколку се знаеше со колкави стоковни резерви се располага во моментов.
– Ако државата располага со законски пропишаните количества на стоковни резерви, тогаш ние барем уште неколку месеци не би требало да имаме проблем и не би требало да одиме во нови задолжувања заради реализација на антикризните мерки. Само овој пакет ќе нѐ чини околу 400 милиони евра, а на времето кога се бараа инвестиции во енергетскиот сектор, износот од сто милиони евра за некои беше стравотен. Но бидејќи, што по нашата вина, што поради објективните околности, се најдовме во оваа ситуација и никој не ги споменува стоковните резерви, можам да кажам дека состојбата воопшто не е наивна и дека сега веќе може да се решава само со нови задолжувања. Не сум оптимист ниту во поглед на прогнозите за развој на настаните, зашто од искуствата ни е познато дека во ваквите кризи сите плаќаат, а сиромашните плаќаат двојно. А ќе настрадаме и како држава, поради нејзината позиција на глобалното ниво и како граѓани во меѓусебните пресметки на внатрешните структури – објаснуваат соговорниците, од кои еден е и од врвните енергетичари во земјава.
Иако министерот за финансии Фатмир Бесими пред некој ден тврдеше дека стоковните резерви се стабилни и во „доволни“ количества, но дека во моментов нема потреба од нивно ставање на располагање, опозицијата и добар дел од јавноста се резервирани во однос на овие тврдења.

Две можни сценарија во однос на движењето на цените и на снабдувањето со горивата

Со слични критики се соочуваат и властите во други земји, каде што исто така има сомневања во однос на располагањето со неопходните стоковни резерви и потребата од интервенции со скапи антикризни мерки.
– Мерките не можат да го запрат натамошниот раст на цените, но можат да го ублажат. Зголемувањето на цените е големо, но е помало од она какво можеше да биде – оцени енергетскиот консултант и поранешен хрватски министер за стопанство Давор Штерн за тамошните медиуми.
Тој предвидува две можни сценарија во однос на движењето на цените и на снабдувањето со горивата.
– Полошата опција е сегашната криза да се продлабочи. Црно Море стана опасна зона и возарините се пораснати за два и пол пати, а поскапе и осигурувањето што доведе до ова што го имаме. Овој пат не се виновни берзите, виновни се несреќните околности. А ако дојде до целосен прекин на снабдувањето, ќе си одиме пеш. Во тој случај барел би можел да се искачи на 200 долари, што досега никогаш не се случило, а цената на еден литар би можела да биде 2,3 долари – објасни тој.
Втората опција, се разбира, е смирување на состојбата во Украина и релаксирање на пазарот, што, според досегашните искуства, не значи и дека поевтинувањето ќе се одвива со истото темпо како и поскапувањето.
– Тоа веќе е прашање на умешноста на трговците. Ако трговците направат резерви со високите цени, тие не ќе можат евтино да ги продаваат – појасни тој, додавајќи дека, во секој случај, е време за ново стратегиско планирање.
А не само енергентите, драстично поскапеа речиси и сите други производи и услуги.
Македонската влада, како што е познато, веќе интервенира со мерки и во тој дел и, иако според многумина, малку подоцна од другите, го ограничи извозот на одделни житарки, брашно, сончоглед и сончогледови масла.
Одлуката, како што е соопштено, била донесена како превентива за да се избегнат шпекулативни дејства на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и на граѓаните, но и како реципрочен одговор на сличните мерки што ги донесоа земјите во регионот. И притоа од Владата уверуваат дека стоковните резерви на основните производи, како што се пченица, пченка, јачмен, сончогледово масло…, ги има во доволни количества и нема потреба од дополнителна интервенција.
Но и тука глобалните состојби не дозволуваат комотна позиција, особено по последниот извештај на Организацијата за храна на обединетите нации (ФАО), според кој, светските цени на храната се зголемија за 24,1 отсто во февруари во однос на истиот месец минатата година, достигнувајќи го највисокото ниво од следењето на податоците. Д.М.М.