Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според претставниците на стопанските комори формирани на билатерална основа, ваков пораст на цените, проследен со празни рафтови и недостиг од нафтени деривати, немало ниту за време на конфликтот од 2001 година, ниту за време на финансиска криза во 2007-2009 година, а ваквото сценарио било избегнато и во рецесиските 2012-2014 или за време на европската должничка криза

ТРГОВСКИОТ ДИСБАЛАНС И РАСТОТ НА ЦЕНИТЕ НИЗ ПРИЗМА НА СТОПАНСКИТЕ КОМОРИ

Проблемите со пандемијата на ковид-19 создадоа сериозни тешкотии во воспоставените економски текови. Но избувнувањето на воениот конфликт во Украина е дополнителен удар врз домашната и светската економија, поради кој се влошија условите за водење бизнис. За тоа какви може да бидат конкретните ефекти и последици врз различните стопански гранки разговаравме со претставниците на стопанските комори формирани на билатерална основа, за уште попрецизно, во интерес на граѓаните, да ги лоцираат новосоздадените негативни стопански појави и проблеми и да се најдат евентуални предлог-решенија за истите тие институционално да се надминат. Во денешното издание ги пренесуваме мислењата на Стопанската комора на Македонија – Турција МАТТО и на Здружението СИДИС, непрофитна организација на компании претставници на српски деловни субјекти.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија – Турција, Ајдован Адемоски, вели дека МАТТО, како и членките, тековно го следи развојот на ситуацијата во Украина.
– Постои ризик, но треба да се напомене дека ние како држава имаме многу мал, незначителен сегмент на соработка со Украина. Но ризиците ќе водат до негативни последици. Сето тоа ќе се одрази врз животниот стандард на граѓаните не само во Македонија туку во сите земји. Тоа ќе следува поради фактот што Украина и Русија се важни извозници на енергенти, суровини и основни намирници. Ќе следи намалена понуда што ќе доведе и до помала глобална понуда. Сето тоа ќе влијае на цените со нивен пораст. Прво, Македонија е зависна од увозот на енергенти, пред сѐ од Русија. Последиците се видливи, секојдневно сме сведоци на зголемување на цените на енергентите. Второ, земјите што се во судир извезуваат многу суровини, што директно влијае на покачување на низа суровини и продукти, меѓу кои и прехранбени. Најголемиот удар ќе биде на цената на енергентите, што директно влијае на работата на сите компании, а сето тоа го чувствуваат граѓаните, било како вработени во компаниите, било како корисници – укажува Адемоски.

Ајдован Адемовски / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Реални мерки за намалување на ударот

Тој додава дека некои компании веројатно нема да можат да го издржат притисокот и ќе почнат да размислуваат и за намалување на бројот на вработени. Но смета дека тоа би било крајна мерка, бидејќи се бараат начини за справување со притисокот што се прави на економиите и пазарите.

– За намалување на ударот, Владата треба да преземе реални мерки, а истите тие да се добро осмислени. Во периодот пред нас останува да видиме како и колку ќе помогнат владините мерки со новиот пакет од 26 мерки, односно 400 милиони евра од буџетот што се насочени за поддршка на граѓаните и компаниите. Останува да видиме каков ќе биде ефектот од измените и дополнувањата на Законот за ДДВ и Законот за акцизи, со кои треба да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати. Потоа намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за исхрана, како и мерките за намалување на стапката на ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергенти и за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенти. Очекувањата се дека по имплементацијата на овие мерки ќе се заштити животниот стандард, како и ликвидноста на компаниите – објаснува Адемоски.

Првиот човек на МАТТО посочува дека во изминатава година и пол основните продукти поскапеа драстично и објаснува оти млекото е поскапо за 22 проценти, брашното за 38, маслото за 46, дизелот за 63, бензинот за 69 отсто.

– Според Агенцијата за храна и ветрина на ОН, цените на храната сега може да се зголемат и со дополнителни 20 отсто поради конфликтот во Украина. Со оглед на тоа што над 30 проценти од светското производство на пченица е од Русија (број 1 по пченица) и од Украина (петта по ред за пченица), влијанието на цените на брашното и лебот би било огромно. Се проценува дури и дека на светско ниво може да дојде до недостиг од храна. Една третина од светското производство на житни култури доаѓа од Украина и од Русија. Не се знае дали Украина годинава ќе може да ги собере житните култури од површините. Македонија има потреба од 300.000 илјади тони пченица годишно. Актуелната ситуација ќе доведе до нарушување на животниот стандард на граѓаните, но загрижува и фактот дека овие трошоци ќе се прелеат на крајните производи што ги користиме, пред сѐ на исхраната. Во ваква состојба би требало да се преземат мерки да се обезбедат стоковните резерви. Од Агенцијата за стоковни резерви информираа дека имаме покриеност за 56 дена, иако законот налага за 90 дена. Поскапувањето на бензините е исто така силен социјален удар врз граѓаните. Цената на горивата во последната година и пол е зголемена и за повеќе од 100 отсто. Стапката на инфлација во Македонија во февруари на годишно ниво достигна околу 8 отсто – посочува Адемоски.

Тој појасни оти ваков пораст на цените, проследен со празни рафтови и недостиг од нафтени деривати, немало ниту за време на конфликтот од 2001 година, ниту за време на финансиска криза во 2007-2009 година, а ваквото сценарио било избегнато и во рецесиските 2012-2014 или за време на европската должничка криза.

Кризата се одразува на сите сегменти од економијата

Претседателот на здружението СИДИС, непрофитна организација на компании претставници на српски деловни субјекти и македонски компании што имаат деловни интереси во Република Србија, Антонио Цветковски, посочува дека случувања на глобално ниво силно се одразиле врз економска ситуација во регионот и додава оти се чувствувале импликации кај сите членки еднакво.

– Согледувајќи го широкиот спектар на дејности на нашите членки како претседател на здружението имам секојдневно директни информации за нивните активности и проблеми со кои се соочуваат. По пандемијата на ковид-19, која остави длабоки траги во сите сегменти на нашето општество, новонастанатата ситуација со воениот конфликт во Украина дополнително донесе отежнати околности за функционирање на сите бизнис-сектори. Нашиот став во однос на конфликтот е дека истиот тој треба веднаш да се надмине, да се најде дипломатско решение за да се спасат илјадници човечки животи. Незамисливо е во 21 век, кога човештвото е отидено толку напред во технологијата, науката и знаењето, несогласувањата да се решаваат со употреба на оружје. Како земја и регион што долги години е во транзиција, менаџерите што ги водат нашите компании имаат искуство за водење бизнис во тешки услови. Меѓутоа, последниве денови сите наши членки беа погодени од поскапувањето на горивата, ограничувањето на трговските маржи. Едноставно, паниката што се создаде се рефлектира кај сите. Добро е што за дел од овие проблеми државата имаше слух, па за кратко време се најде решение – објаснува Цветковски.

Според него, импликациите од почетокот на светската економска криза се чувствуваат веднаш и во намалената економска моќ на населението и додава дека потрошувачите се пред сѐ многу претпазливи, економични и скромни во трошењата.

– Од друга страна, во многу бизнис-сектори, особено во делот на градежништвото, компаниите се соочуваат со бран на поскапувања, конкретно ние како главни увозници на повеќе светски брендови од областа на сува градба добиваме известувања за поскапувања на производите речиси на неделно ниво. Со истите проблеми се соочуваат и производствените компании, кои покрај поскапените енергенти на многу кратки рокови имаат и повисоки трошоци за набавка на репроматеријали. Како единствен излез и начин за надминување на оваа криза сметам дека е потребно државата да му помогне на стопанството и да го амортизира ударот преку субвенции за најпогодените гранки, и тоа пред сѐ во делот на енергентите, чија цена во последниов период вртоглаво расте, а со самото тоа се зголемуваат и варијабилните трошоци на производството и транспортот, односно да се примени истиот модел како кај цената за електричната енергија кај домаќинствата – посочува Цветковски.

Тој исто така укажа дека со работење во вака отежнати услови многу брзо ќе се појави потреба кај компаниите од користење дополнителни парични средства, за што вели дека најдобра варијанта би било државата да овозможи бескаматни кредитни линии.

– Дополнително би можело да се примени начинот на субвенционирањето на минималната нето-плата од страна на државата, слично како што беше овозможено во ковид-кризата, со што би се одржала стабилна куповната моќ на населението како главен генератор на економијата и би им се олеснило работењето на компаниите. Овде би сакал да ја потенцирам и повеќе од добрата соработка на Република Северна Македонија и Република Србија во сите сегменти во општеството, која во овие тешки денови треба да стане уште поцврста и побогата. Се надеваме дека воениот конфликт ќе заврши брзо, со што помалку загубени човечки животи и ќе надвладее разумот – вели Цветковски, претседател на СИДИС, здружение формирано по иницијатива на Амбасадата на Република Србија, во март 2018 година. Здружението има повеќе од 20 членки, кои во делот на македонската економија дејствуваат во секторите трговија, градежништво, производство, угостителство и туризам, компјутерски софтвер, транспорт и шпедиција и слично.