Фото: Маја Јаневска-Илиева

За нас е битно да се подготвиме и да одиграме најдобро што умееме во моментов и, секако, да сме здрави и максимално физички подготвени и без повреди да ги дочекаме дуелите со Романија, вели голманот Никола Митревски, пред мечевите в четврток во Скопје и в сабота во Букурешт, во првиот бараж-двомеч за пласман на СП 2023. Вкупниот победник ќе игра во април со Чешка

РАКОМЕТАРИТЕ ГИ ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА БАРАЖОТ СО РОМАНИЈА

Македонската ракометна репрезентација вчера ги почна подготовките за претстојните бараж-дуели со Романија за пласман на Светското првенство (СП), што во 2023 година треба да се одигра во Полска и во Шведска. Првиот дуел со Романија се игра во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ в четврток (19 ч.), а реваншот е в сабота во Букурешт (17 ч.). Вкупниот победник ќе игра во април со Чешка, во решавачкиот двомеч за пласман на СП 2023. Македонија игра за деветтиот настап на светските првенства, а седми во низа.
– Нѐ очекува тежок двомеч, не би прогнозирал уште од сега, битно е да го дадеме максимумот. Многу работи се битни за понатамошен пласман, желбата, мотивот и искуство, сето тоа заедно ќе одлучи кој ќе оди понатаму во овој бараж-двомеч. Не сум прогнозер и не сакам да давам прогнози предвреме, но за нас е битно да се подготвиме и да одиграме најдобро што умееме во моментов и, секако, да сме здрави и максимално физички подготвени и без повреди да ги дочекаме дуелите со Романија – вели интернационалецот Никола Митревски, кој во голем стил го брани голот на Порто.
Македонската репрезентација во неделата во Скопје го имаше првиот некомплетен собир, а во текот на вчерашниот ден требаше да се комплетира. Од денеска до мечот со Романија ќе се тренира двапати дневно. Македонија во 2018 година играше ваков бараж-дуел за пласман на СП 2019 во Германија и во Данска, и излезе како победник.

Во Скопје, Македонија славеше убедливо со 32-24 против селекцијата на Романија, која и тогаш беше предводена од Хавиер Пасквал, а во реваншот загуби со 26-25. Во Скопје, Кирил Лазаров и Дејан Манасков постигнаа по седум гола, а во реваншот повторно со седум гола прв стрелец беше Манасков, Лазаров имаше еден помалку.
И романската репрезентација ги почна подготовките, предводена од шпанскиот селектор Пасквал, кој е и тренер на романскиот шампион Динамо Букурешт. Тој има големо меѓународно тренерско искуство и е меѓу петте номинирани од Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) за титулата најдобар машки тренер за 2021 година. Во 2021 година ја прекина 12-годишната соработка со шпанскиот тим Барселона со освоени над 60 трофеи во сите натпреварувања и замина во Романија. Пасквал му беше тренер и на Кирил Лазаров додека играше во Барселона.
Судии на мечот во Скопје се Словенците Бојан Лах и Давид Сок, а делегат ќе биде Белгиецот Клаус Конвентц. Влезниците за дуелот Македонија – Романија можат да се набават онлајн на интернет-страницата на МК-тикетс, по цена од 100 денари.