Наместо содржини за зближување и пријателство, БНТ веќе една година емитува програми во кои отворено се негираат македонскиот народ, неговиот јазик, историја и култура, што покажува само дека основната интенција на Бугарија е медиумски да ја шири старата живковистичка пропаганда „еден народ во две држави“
Има ли „стоп“ за дезинформациите на Бугарската национална телевизија (БНТ)
Поради можните последици од агресивната медиумска војна и сѐ поголемата тешкотија, па и неможност да се направи разлика на тоа што значи пропаганда и ширење дезинформации, а што е факт и вистинска информација во врска со конфликтот во Украина, македонската влада, координирајќи се со препораките од сродните институции во ЕУ и хармонизирајќи ја надворешната политика со Унијата и со НАТО, пред некој ден упати препорака до кабелските оператори во земјава да го запрат емитувањето на руските телевизиски канали. Но од друга страна, се продолжува да се толерира најжестокиот вид пропаганда и дезинформации што во земјава ги пласира Бугарската национална телевизија (БНТ). Во исто време, бугарските кабелски оператори и натаму одбиваат да ја реемитуваат Македонската телевизија во бугарскиот етер, иако тоа беше дел од заедничкиот договор за размена на телевизиски содржини, чија основна цел беше двата народа подобро да се запознаат и зближат.
Наместо содржини за зближување и пријателство, БНТ веќе една година емитува програми во кои отворено се негираат македонскиот народ, неговиот јазик, историја и култура, што покажува само дека основната интенција на Бугарија е медиумски да ја шири старата живковистичка пропаганда „еден народ во две држави“.
Од тие причини, јавноста се прашува зошто цела година во македонскиот етер се толерира најдолна пропаганда пласирана од БНТ, наместо да се преземат идентични чекори за спречување на ваквата негативна кампања што бугарската државна телевизија ја води кон земјава и која директно може да се рефлектира врз внатрешните односи и стабилноста на државата.
Сите институции во земјава се прогласија за ненадлежни во врска со содржините што се емитуваат на БНТ, со образложение дека не можат да исклучат странски канал ако не е прекршен законот.
– Странски канал може да се исклучи кај нас само кога се повикува на војна, нарушување на уставен поредок итн., само во таков случај државата може да исклучи странски канал. Во случајот со БНТ, тоа е надлежност на регулаторот во Бугарија – појаснува Зоран Трајчевски, директор на АВМУ, притоа додавајќи дека тие ги мониторираат содржините на оние телевизиски канали за кои тие издале дозвола, но не и странските.
Според Виктор Грозданов, добар познавач на медиумската сфера, Македонија има механизми да го спречи ширењето на бугарската пропаганда со едноставно исклучување на каналот, доколку сака да го направи тоа.
– Има механизам да се исклучи канал, а тој механизам е едноставно исклучување на БНТ. Државата, ако сака, може да најде законска основа за оправдување за евентуален таков потег и да каже дека со содржините што се емитуваат на оваа телевизија се нарушува уставниот поредок на земјава и се омаловажуваат македонскиот народ и неговиот јазик. Со тоа ќе заврши целата приказна со нивната пропаганда. Тоа е она што може да се направи, ако се сака. Нашиот закон предвидува можност за исклучување на кој било странски канал кога е под закана уставниот поредок на земјата во која тој се емитува – вели Грозданов.
Сепак, тој смета дека пред да се случи исклучување на каналот, македонската страна треба да побара реципроцитет, односно можност и македонски телевизии да се реемитуваат во Бугарија.
– Лично сметам дека пред да се случи исклучување, треба на бугарската страна да ѝ се даде некој рок од петнаесетина дена, во кој ќе им се наложи на сите бугарски телевизиски оператори во листата на канали да ја вклучат МРТВ и секој македонски канал што сака да се реемитува таму. Ако го одбијат тоа, тогаш нема реципроцитет и нема зошто БНТ да не се исклучи кај нас. Ова не треба да важи само за бугарските, туку и за словенечките, српските, хрватските и други оператори. Како што ние ги реемитуваме нивните канали кај нас така и тие треба да реемитуваат македонски канали – нагласува Грозданов.