Од денеска започнуваме со објавување на два интересни проекта што редакцијата на „Нова Македонија“, заедно со нашиот соработник Сотир Костов, ги реализира подолго време. Сметавме дека најдобар момент за нивно објавување е токму во времето на претседателската кампања, кога до граѓаните многу повеќе доаѓа она што тие сакаат да го слушнат, отколку она што кандидатите за претседател сакаат да го кажат за себе. Ние и авторот истакнуваме дека двата проекта не влегуваат во ничија политичка кампања, ниту сакаме проектите да бидат третирани на тој начин. Ова е само уште еден обид, поаѓајќи од професионалните принципи и кодекс на новинарството, во функција на граѓаните и јавноста, да се допре до суштината на работите, со мисија да се отворат нови перспективи за да се дојде што поблиску до целосното остварување на поширокиот, јавен интерес. Одговорите на претседателските кандидати ќе ги објавуваме интегрално, во целост, онака како што ќе пристигнуваат во редакцијата, со надеж дека ќе ја пренесеме и енергијата што во себе ја носат испитаниците. И за крај уште една напомена за граѓаните и читателите: доколку некој од кандидатите за претседател не сака и не достави одговори, нема да може да го видите во овие два проекта на страниците на медиумот со најдолга традиција во Македонија.

Поглед на вредносниот систем, желбите, карактерот, вистинската природа и светогледот на кандидатите за македонски претседател

Прустов прашалник за Билјана Ванковска

Каква е Вашата претстава за совршена среќа?
– Среќата е убава само додека се чека – во меѓувреме уживам во малите моменти што го прават животот вреден.
Кој е Вашиот најголем страв?
– Дека моите прогнози и анализи ќе се покажат точни.
Со која историска личност можете да се идентификувате?
– Секој човек своја историја. Копиите не се на цена.
На која жива личност најмногу ѝ се воодушевувате?
– Најголем восхит имам за оние што во време на колапс имаат сила за борба и оптимизам. Професорот Ричард Фалк (на 94 години) е еден од нив.
Која Ваша особина не Ви се допаѓа?
– Нема да ги откривам сите тајни, но Скорпија сум.
Која е Вашата најголема екстраваганција?
– Тоа што сум левичарка и атеистка кога тоа не е нималку популарно.
Каде најмногу сакате да патувате?
– Сакам, ама не можам – во Кенија, Иран, Русија, Кина, земји во кои никогаш не сум била.
За која особина на личноста мислите дека е најмногу преценета?
– Разумот. Сите се „крстат“ во него, а создаваат хаос и несреќа.
Дали во некои ситуации лажете?
– Куртоазијата/лагата е основа на секое цивилизирано општество, рекол Оскар Вајлд. Се согласувам.
Што не Ви се допаѓа во Вашиот физички изглед?
– Мојот физички изглед е последната работа за која се грижам, за разлика од многу жени.
Кои зборови или реченици премногу често ги користите?
– Македонија, македонско, македонски (сите тие се сега чин на бунт и отпор) – и повторно не е доволно.
Кое е Вашето најголемо каење?
– Премногу научени и горчливи лекции дека не треба да им се верува на луѓето безрезервно, ама јас и натаму преферирам да грешам и да им верувам – додека не ме разочараат.
Која е Вашата животна љубов?
– Без двоумење: моите три ќерки! И двете внучиња.
Каде и кога сте се чувствувале најсреќно?
– Личната среќа никогаш не ми била приоритет, скромна сум во очекувањата, а во несреќно општество е дури и непристојно да се биде среќен.
Каков талент би сакале да имате?
– Пишувам проза, ама никогаш не успеав да напишам стих, поезија, како татко ми.
Како се чувствувате во моментот?
– Како и секој зависник од работа.
Кој е Вашиот најголем успех?
– Моите деца и студентите на кои сум им помогнала да тргнат по сопствениот пат.
Доколку по смртта би се вратиле на овој свет, како личност или предмет, што би сакале да бидете?
– За атеист ова е несоодветно прашање. Ние се ужасуваме од идејата и за задгробен вечен живот и за враќање. Човекот е дел од природата/материјата, а таа циркулира, тоа е тоа.
Кој е најдрагоцениот предмет што го поседувате?
– Не е предмет.
Што е страдање за Вас?
– Секое страдање е приказна за себе, но лично ме погодува немоќта да им се помогне на оние што страдаат, а уште повеќе отсуството на емпатија. Сега она во Газа.
Со која професија би сакале да се занимавате?
– Ова што го имам не би го менувала за ништо на светот.
На кого сакате да се угледате во животот?
– Доцна е за тоа. Тоа што сум е благодарение на подобри и поумни од мене. Мнозина што оставиле белег врз моето созревање.
Кој е Ваш омилен писател, а кој сликар?
– Томас Вулф, Ван Гог.
Кој е Ваш омилен фиктивен јунак?
– Мартин Идн (Џек Лондон) и кнезот Мишкин, кој е толку неправедно перципиран како идиот (од истоименото дело на Достоевски) од луѓе што не го прочитале романот, па стана и метафора.
Каде би сакале да живеете?
– Се наоѓам токму таму каде што треба да бидам.
Што најмногу мразите?
– Лицемерство и страшливост.
Како би сакале да умрете (кога ќе дојде време за тоа)?
– Во сон, како татко ми.
Кое е Вашето мото?
– De Omnibus Dubitandum.


Прустов прашалник

Овој прашалник, според авторот Марсел Пруст, е начин да се стекне што подлабок поглед во човековата личност. Преку одговорите се разоткриваат вредносниот систем, желбите, карактерот, вистинската природа и светоглед на испитаникот. Редакцијата во соработка со авторот е длабоко уверена дека граѓаните ќе добијат една поцелосна слика за личноста, пополнувајќи го мозаикот за испитаникот што е сега кандидат за претседател на Македонија и дека тоа ќе им помогне во одлуката да го дадат својот глас за личноста што според нивната перцепција е најблиску до идеален претседател на државата.


Од А до Ш со Билјана Ванковска

А – Амбиција, добриот и лошиот демон на секој способен човек.

Б – Благодарност, кон сите оние што нѐ направиле она што сме.

В – Волја, ама не за моќ.

Г – Гордост, нешто што е во одумирање.

Д – Добрување, како што пишуваше мојот покоен колега Јанаков.

Ѓ – Да не го спомнам нечастивиот, ќе кажам ѓезве (што асоцира на кафе-муабет).

Е – Енергија, онаа духовната, која те тера да чиниш повеќе и подобро.

Ж – Знаеш ли што е најубавото во животот, пријателу? Желбата. (М. Селимовиќ)

З – Заедништво, зашто животот е живот само кога е поврзан со давањето и сочувствувањето со другите.
Ѕ – Ѕуница, чудото на природата што не престанува да восхитува.

И – Инает. Чудесно моќна движечка сила.

Ј – Јавашлак, облик на управување.

К – Книги прочитани и непрочитани, книги напишани и ненапишани.

Л – Лебедот не само што е прекрасно суштество туку е и симбол на трансформацијата на личноста.

Љ – Љубов, смислата на животот. Љубов кон саканиот, децата, родителите, татковината, човештвото.

М – Македонија (е сѐ што немаме).
Н – Навика, уништувач на секој авантуристички дух и потфат.

Њ – Његошевата: „Во добро е лесно добар да се биде, на мака се познаваат јунаците“.

О – Опстанок, за жал нешто на што сѐ почесто помислуваме.

П – Правда, па тамам и небото да се урне.

Р – Радикализам, промени од корен, не козметички.

С – Сиромаштија, најстрашниот облик на насилство што го толерираме.

Т – Танталовите маки низ кои мина Македонија чекајќи ја ЕУ, толку загубени години и надежи.

Ќ – Ќерамидата како асоцијација на патот до успехот на некои луѓе. Ете, дотаму стасавме.

У – Упорност, не потклекнување пред предизвиците.

Ф – Фантазија, без моќта да сонуваме, осиромашени сме од визија за себе и општеството.

Х – Химера, асоцијација на Европската Унија.
Ц – Цензори, јунаци на нашето време, кои внимаваат да бидеме политички коректни.

Ч – Чедо, најмилото на секоја мајка, а јас ги имам три.

Џ – Џагор, детски џагор, најубавата музика за ушите и срцето.

Ш – Шапшали, многу шапшали се намножиле.


Од А до Ш со…

Проектот содржи одговори дадени од страна на претседателските кандидати за тоа кој поим или појава им доаѓа на памет како асоцијација при изговарањето на 31 буква од македонската азбука. Имено, за секоја буква се избира збор, кој се објаснува со една или две реченици. Всушност, се претставуваат поимите од вредносниот систем на испитаникот (вредносни начела, животни принципи, личности, настани, места итн., а по избор на личноста што пополнува).