Фото: Архива

Во рамките на иницијативата Отворен Балкан

Вчера во Белград, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, министрите за транспорт и врски на Македонија и Србија, Благој Бочварски и Горан Весиќ, потпишаа меморандум за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси. Станува збор за железничката линија што треба да ги поврзе Атина – Солун – Скопје – Ниш – Белград – Загреб – Љубљана – Салцбург, со крак кон Будимпешта. Конкретниот договор се однесува на делницата Скопје – Ниш – Белград и, секако, за кракот што во Скопје ќе се поврзе со Меѓународниот аеродром во Скопје.
Се работи за пруга што треба да се изгради во должина од околу 50 километри на територијата на Македонија во првата фаза, а интенцијата е, како што кажа и премиерката на Србија, коридорот 10 комплетно да биде изграден со нова пруга што ќе биде од Скопје до Солун, потоа од Солун до Пиреја и Атина.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, веднаш по потпишувањето на меморандумот имаше заедничка прес-конференција со претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ.
– Денешната средба, уште еднаш ги потврдува нашите заложби за важноста од економската соработка во регионот, која е неопходна за соработката со земјите од Европската Унија и која на крајот резултира со Балкан што е поврзан и кој успешно може да соработува и меѓу себе меѓутоа и со земјите од ЕУ.
Нашата посветеност на унапредување на соработката со сите земји во регионот, даваат бенефиции за нашите граѓани, ние сме држава како и сите други држави од регионот со не толку силни економии како на земјите членки во ЕУ и затоа од голема важност е меѓусебно да соработуваме бидејќи во заедништвото е секогаш силата. Кога зборуваме за соработката, потврдуваме дека нашиот фокус мора да остане Европската Унија, бидејќи земјите од Западен Балкан таму припаѓаат. Ние имаме нагласена европска ориентација, реформски сме ориентирани и подготвени да даваме придонес во меѓународната соработка во сите области – рече притоа Ковачевски.
Зборувајќи за проектот на брзата пруга, Ковачевски истакна дека коридорот 10 за нас е важен европски коридор и неговата реконструкција е повеќе од неопходна за да ја одржиме конкурентската позиција во регионот и генерално преку брзата пруга да го развиваме целиот регион.
– Продолжуваме да градиме и да се движиме кон зајакнување не само на нашата земја туку и на целиот регион. Овој меморандум ни носи огромни придобивки, како за привлекување инвестиции така и директно од транспортните услуги. Железничката инфраструктура е најефикасна форма на транспорт за регионот, Европа и целиот свет, а наедно е и најеколошка. Србија секако ќе продолжи со огромни инвестиции во железничката инфраструктура – рече Брнабиќ и додаде дека заедничките проекти во голема мера се веќе започнати.
Таа потенцираше дека изминативе месеци се работело на планот на железничката делница до Скопје, а сега со потпишувањето на меморандумот и официјално се започнува со работа.
– Ќе инвестираме во железничкиот коридор 10, а потоа продолжуваме да разговараме за изградба на пруга до Солун, а потоа од Солун до Атина. Ова е од големо значење за Република Србија бидејќи ние сме важна маршрута од пристаништето Пиреја до Европа и затоа ги повикувам партнерите од Македонија што поскоро да формираат локална комисија за економска соработка, бидејќи лани имавме рекорден успех во размената на стоки, со оглед на тоа што таа бројка достигна милијарда и 480 милиони евра – заклучи премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.