ВО РАМКИТЕ НА ПЕТТАТА ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА

Во рамките на Демирхисарската летна школа, студентите од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, Архитектонскиот факултет, Институтот за археологија и историја на уметност, го посетија Смилево, родното место на македонскиот великан Дамјан Груев. Во текот на обиколката на селото, студентите ги посетија спомен-костурницата каде што се положени останките на Даме Груев, споменикот посветен на македонските партизани од НОБ, црквата „Св. Ѓорѓи“ и Меморијалниот-музеј Смилево. Студентите се предводени од проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, проф. д-р Сашо Цветковски, научен раководител на школата, дописен член на МАНУ, д-р Виктор Недески и проф. д-р Елизабета Касапова.
Професорот Ванчо Ѓорѓиев пред присутните го истакна националното значење на Даме Груев во историјата на македонскиот народ. Тој посочи дека Груев бил најголемиот авторитет во македонското револуционерно движење, основач на МРО и еден од главните водачи на Илинденското востание. Ѓорѓиев нагласи дека спомен-костурницата во која се положени останките на Даме Груев била подигната во 1953 година, по повод педесет години од Илинденското востание од тогашните власти, кои имале државотворни чувства.
Ѓорѓиев исто така укажа и на бугарските обиди за манипулација во 1943 година во текот на бугарската фашистичка окупација на Македонија. Според Ѓорѓиев, бугарската фашистичка власт се обидела да ги злоупотреби старите илинденци учесници во Илинденското востание, во пропагирање на бугарските шовинистички идеи пред жителите на Смилево. Како што посочува Ванчо Ѓорѓиев, како знак на револт и отпор, македонските партизани извршиле напад во Смилево токму на денот кога бугарските власти ја организирале манифестацијата.
Учесниците во летната школа ги посетија и гробните места во кои се сместени останките на учесниците во Илинденското востание жители на Смилево. Гробните места се подигнати пред создавањето на македонската држава и се јасни историски сведоштва за целите на македонските револуционери. На гробот на Веле Чипуров и Кузевски Чипуров може да се прочита дека загинале за слободата на Македонија.
Студентите ја посетија и црквата „Св. Ѓорѓи“, каде што беа запознаени со одредени аспекти на овој верски објект. Проф. д-р Сашо Цветковски пред присутните укажа на значењето на хартиените икона што се наоѓа во црквата. Според него, до пред десет години никој не им обрнувал внимание на хартиените графички икони, но тие се многу вредни. Цветковски исто така укажа дека досега се откриени 400 книжни икони, околу 100 од нив се реставрирани.
Учесниците во летната школа посетата на Смилево ја завршија со посета на Меморијалниот музеј – Смилево. Во просториите на музејот, пошироко обраќање имаше студентот Душан Богичевиќ, кој се задржаа на значењето на ликот и делото на Даме Груев. Богичевиќ посочи дека и покрај српската и бугарската пропаганда, кои се обиделе од Даме Груев да создадат Србин и Бугарин, Груев до крајот на својот живот останал идеолог и водач на македонското национално и револуционерно движење, движење за создавање на македонска држава.
Посетата на Смилево беше во рамките на петтата Демирхисарска летна школа, која е поддржана од Општина Демир Хисрат и од Слепченскиот манастир.