Фото: Игор Бансколиев

Жестоките реакции со кои дел од јавноста го проследи објавувањето на резултатите од пописот на населението, домаќинствата и становите во 2021 година, заедно со дилемите што притоа се појавија кај повеќето од граѓаните, укажуваат на две генерални насоки во колективното размислување. Едната насока ги обединува тие што, од разни мотиви и причини, се сомневаат во веродостојноста на резултатите и бараат ревизии и корекции на податоците. Втората насока на размислување е онаа каде што граѓаните сметаат дека пописот, со сите негови слабости, би требало да се прифати и да се оди понатаму во санирање на штетите предизвикани од повеќегодишниот негативен природен прираст на населението, засилените внатрешни миграции од село во град и од масовното иселување од државата

ДИЛЕМИ ШТО ИЗВИРААТ ОД РЕЗУЛТАТИТЕ НА НАЈШИРОКАТА СТАТИСТИЧКА ОПЕРАЦИЈА, ПОПИС 2021

За повеќето од претставниците на власта „огромен успех“ е веќе и самото реализирање на статистичката операција. Другите, пак, алармираат дека нема време за губење. Обете страни, пак, низ годините не направија ефикасен инструментариум со конкретни мерки за запирање на демографската ерозија, што се покажа како факт со пописот.

Центрирање на фокусот- се ситниме наместо
да се окрупнуваме

Помалите политички партии, пред сѐ тие што, барем формално, ги претставуваат помалобројните етнички заедници, како и дел од граѓаните од неформалната група што го бојкотираше пописот, беа оние што реагираа меѓу првите. Тие го ставија фокусот на дел од податоците поврзани со националната и со верската структура на населението, што, според експертите, воопшто не е небитно, но никако не би требало да се третира како клучен проблем во услови на генерално, големата демографска ерозија. И најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, во повеќето настапи, по објавувањето на првиот сет податоци од пописот, изнесе свои аргументи за повторување на операцијата веднаш штом ќе ја освои власта, иако констатира дека нивото на депопулацијата од околу десет проценти во изминативе 20 години е поразително. Никој од нив не побара, а и никој од надлежните не најави конкретни мерки за запирање на демографската ерозија. Напротив, за повеќето од претставниците на власта „огромен успех“ е веќе и самото реализирање на статистичката операција, која редовно и без многу помпа се спроведува во сите уредени земји.
Поупатените, пак, алармираат дека нема време за губење.
– Тоа е она на што јас предупредував сите овие години и што беше видливо и од претходно објавуваните податоци. Само во претходната, 2021 година, имавме некаде 18.850 живородени, а 28.816 умрени, што е разликата од 10.236 жители. Колку жители се отселија, никој не знае затоа што не се водат евиденции. Голем број од нив ги нема ниту во нерезидентите. По ова што сега е објавено, неопходно е веќе утре Владата да реагира и да формира стручно тело, кое без политизации ќе го анализира проблемот и ќе понуди конкретни мерки за решавање на проблемот. Повеќето држави го прават тоа, особено во регионот. Погледнете го српскиот претседател Александар Вучиќ, тој лично се нафати да го координира таквото тело и донесоа повеќе мерки за зголемување на наталитетот и за запирање на иселувањето. Тоа е она што треба да се прави, а не да се проблематизира пописот, кој е завршен и признаен од релевантни меѓународни фактори – објасни поранешниот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски.
Колку е голема опасноста увиде и претседател на Македонско-бугарската стопанска комора, Кирил Лазаров.
– Јавно апелирам, мобилизирање на сите економски, стопански и бизнис-чинители во државата за подготовка на конечна, суштинска и сеопфатна економска стратегија и образовна платформа приспособена врз овие структурни статистики за да ја спречиме белата чума и да се задржи во државата она што останало. Погубно е за државата и за економијата губењето на речиси 200.000 луѓе. Впрочем, 100.000 стари жители повеќе и околу 200.000 млади луѓе помалку е вистинската главоболка и огромен предизвик по националната безбедност и економската одржливост на државата – оцени тој.

Каде се семејните политики, миграциските политики и политиките за активно стареење и меѓугенерациската солидарност?

А дали темата за забрзаното губење на населението во Македонија ќе го добие заслужениот третман од надлежните, тешко е да се прогнозира. Демографот Герасимовски се надева, иако потсетува дека во изминативе години, и покрај сите неповолни индикатори, ништо не е сторено.
– Едно време, додека покојниот академик Никола Кљусев беше жив, тој во МАНУ го водеше отсекот за демографија и имаше значителни придвижувања во тој поглед. Потоа, никој особено не се заинтересира – објасни Герасимовски.
Интересно е да се спомене и дека во 2015 година, во екот на кризата со мигрантите, дел од стручната јавност, загрижен дека голем број од нив би можел да остане во земјава и со тоа значително да ја наруши демографската структура, ѝ предложи на Владата основање институт за население и за миграции, во кој на научна основа би се правеле детални анализи за движењето на населението, реперкусиите и за процените за миграции во наредните години.
– Движењето на населението мора да се испитува на научна основа. Не смееме да ја оставиме работата без корен и затоа ваков институт е повеќе од потребен. Во години кога нема попис на населението, ваков институт би ги следел состојбите и би давал научно мислење и препораки за сите сценарија со миграциите. Со оглед на тоа дека демографската слика на државата се менува од ден на ден, мора да имаме планови за иднина, и тоа на научна основа – објаснија тогаш иницијаторите.
Но и тоа остана само иницијатива, исто како што и „Стратегијата за демографски политики на Република Македонија 2015-2024“ што ја донесе Министерството за труд и социјална политика остана хартија.
Спроведувањето на стратегијата требаше да се базира на интегриран пристап кон демографскиот развој, со јасно дефинирани надлежности во однос на трите подрачја на дејствување од стратегијата (семејни политики, миграциски политики и политики за активно стареење и меѓугенерациска солидарност). Во рамките на Министерството за труд и социјална политика требаше да се воспостави организациска единица за развој и евалуација на демографските политики, и меѓуресорска координација со другите ресорни министерства и надлежни институции, во имплементирањето на истите тие и статусот на имплементирање и следење на нивната делотворност. Во функција на обезбедување ефикасност на имплементацијата на стратегијата, двапати годишно требаше да се прави оцена на спроведувањето на мерките и активностите од стратегијата и за истото тоа да се доставуваат квартални извештаи до Владата, а за одредени отстапувања од планираното требаше да се пристапи кон ревизија на целите, активностите и начинот на нивна реализација. Пописните резултати, како што посочуваат упатените, покажуваат дека тоа не е спроведено. Д.М.М.