Во повеќе европски држави функционира таканаречена алтернативна онлајн берза, преку која се бараат работници или партнери за дружење, но под услов да не се вакцинирани. Што мислат социолозите и психолозите за оваа појава и дали истата таа може да пристигне и кај нас
Куриозитети во екот на пандемијата на ковид-19
Во екот на пандемијата кога омикрон-сојот ги полни болниците и во време кога траат дебатите (за или против) за задолжителна вакцинација, на интернет е регистриран куриозитетен феномен. Имено, на онлајн „берза на трудот“ се бараат невакцинирани лица за вработување!?
Исто така, забележана е појава да се огласуваат „барања за запознавање со партнери, но и за романтични средби“, при што услов е исто така „да не се вакцинирани против ковид-19!“
Истражувајќи на оваа тема, „Дојче веле“ информира дека во Германија, Швајцарија, Грција, Канада и во САД на интернет е активна појава со која невакцинирани гаѓани на овие земји започнуваат „меѓу себе“ да градат економски и приватни релации.
Медиумот додава дека постојат интернет-страници, како на пример „impffrei.work“, каде што компаниите трагаат по работници што не поседуваат сертификат за вакцинација.
Според „Дојче веле“ оваа „алтернативна берза на трудот“ постои од јули 2021 година и ги покрива сите земји од германско говорно подрачје, но и оние како САД и Канада.
– На огласите се трага по работници од занаетчии, преку менаџери за продажба, па сѐ до софтверски инженери. Како што е нагласено на сајтот, главната цел е да се „спротивстават на исклучувањето и рушењето на угледот на вработените“ и „за заштита и на работодавачите и вработените од економските штети“, кои се закануваат поради „таканаречената пандемија“ – информира медиумот.
Од друга страна, пак, во Швајцарија е активен порталот „Невакцинирана љубов“, на кој се овозможуваат средби и контакти на партнери што не се приврзаници на вакцината во повеќе европски земји.
Во меѓувреме, состојбите во Македонија се поинакви од оние во светот.
Соговорниците со кои се консултиравме велат дека овој тренд на автосегрегација на населението на вакцинирани и на невакцинирани, за среќа, не пристигнал сѐ уште кај нас.
Раде Ненадиќ, директорот на агенцијата за вработување „Партнер“, вели дека куриозитетот што е актуелен сега во Европа и во светот во Македонија сѐ уште не е присутен.
– Она што можам да го кажам е дека кај нас за време на пандемијата порасна и побарувачката за вработување лица што би работеле на краток временски рок, додека постојано вработените работници се на боледување од ковид. Некогаш закрепнувањето од болеста се одолжува, па компаниите мораат да најдат лица што би дошле како замена за работникот што е заболен, и тоа во траење од неколку седмици, па сѐ до неколку месеци – вели Ненадиќ.
Тој додава дека ваквата берза за невакцинирани работници во Македонија тешко би можела да се оствари, иако е интересна како концепт, бидејќи кај нас не постојат закони со кои се принудени нашите работници да се вакцинираат во приватниот сектор, но доколку се сменат работите, сѐ е можно.
Психолог-психотерапевтката Милка Ололоска во својот осврт на случувањата вели дека поделбата на вакцинирани и на невакцинирани граѓани во светот е само еден нов показател дека човештвото функционира секогаш во сегрегација.
– Имено, вработувањата и романтичните средби меѓу невакцинираните и слично се само еден феномен од низата случувања во кои граѓаните се одделуваат во т.н. касти едни од други. Граѓаните во секојдневието се одделуваат едни од други поради националната припадност, верската припадност, образованието и буквално секакви причини, а вакцинирањето е само помодарство, во кое има очигледно уште една причина луѓето да се етаблираат во некакви табори – вели Ололоска.
Според неа, како што ќе исчезнува пандемијата така и ќе се намалува сегрегацијата по основа на ова помодарство, бидејќи во суштина сето тоа нема некоја научна сериозна заснованост и длабочина како другите поделби што постојат помеѓу луѓето во општествата.
Докторот Мартин Јовановски смета дека ваквиот чин што се случува во Европа не е воопшто добар и доколку продолжи, залудни ќе бидат напорите на светот да ја победи пандемијата.
– Има научна и здравствена логика зошто државите ги стимулираат луѓето да се вакцинираат, но сепак вакви штетни појави сѐ уште се, за жал, евидентни. Смртноста од вирусот е поголема кај невакцинираните, а вакви групирања на работни места и во приватниот живот можат да го зголемат само морталитетот – вели Јовановски.
Докторот апелира нашата земја, но и државите во светот да започнат подинамична кампања за едукација на населението дека вакцините се придобивка за сите нас и додава дека што повеќе луѓе би го разбрале значењето на вакцината толку помалку луѓе би членувале или би поддржувале вакви групи на антиваксери.