Фото: Маја Јаневска-Илиева

Спојување на неколку институции во една, трансфери на вработени и затворање агенции се некои од промените што ќе бидат преземени во рамките на реорганизација на администрацијата.
Реорганизацијата се прави во рамките на ИПА-проектот, финансиран и поддржан од Европската Унија, во кој учествува целата влада, а целта е да се овозможи поекономично и поефикасно работење на администрацијата.
Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити најави дека неколку институции и агенции ќе бидат споени во една, бидејќи експертите констатирале дека вршат иста работа, поради што нема потреба да постојат две или три како досега. Планот е некои од агенциите да се затворат, односно да бидат трансферирани како сектор во некое друго министерство.
– Експертите констатираат дека не мора да има некоја агенција со седум члена на управен одбор и директор, односно само администрацијата е битна во таа агенција. Има и случаи каде што, на пример, во Министерството за информатичко општество и администрација ќе креираме нова институција – дигитална агенција – појасни Алити, притоа додавајќи дека во оваа агенција ќе бидат префрлени дел од вработените во администрацијата.
Министерот Алити најавува дека ќе има намалување на бројот на директори и членови на управни одбори, но не и на административците.
– Вработените ќе бидат трансферирани. Значи, со реорганизација нема ниеден вработен да биде отпуштен од работа, бидејќи посебно во централната власт ние имаме дефицит на вработени, така што е можно да има прераспределување, меѓутоа вработените ќе останат. А, да, ќе има директори што денеска се директори, но во 2024 штом таа институција нема да има веќе директор нема да бидат директори – прецизираше Алити.
Како пример го посочи постојниот Инспекциски совет, кој со реорганизацијата нема да постои, односно администрацијата што е во Инспекцискиот совет ќе биде трансферирана во министерството, исто како и МАРНЕТ (Македонската академска истражувачка мрежа), која ќе биде префрлена во Министерството за образование и наука.