Фото: Игор Бансколиев

И додека државниот врв деновиве почнува да сфаќа оти системот е во застој, што граѓаните веќе одамна го чувствуваат, експертите објаснуваат дека проблемот не е само во тоа дали и кога ќе се дооформи Уставниот суд, туку многу подлабоко, земајќи го предвид начинот на кој тој досега функционираше, како и односот што носителите на извршната и на законодавната власт го имаат кон него

Долгогодишната тешка состојба во правосудството кулминира во Уставниот суд

Уставното судство во светот, без оглед на тоа кој модел се применува, го подразбира највисокиот дострел во супремацијата на Уставот и на уставното уредување врз парламентот, извршната власт, политичките партии, уставноста и законитоста на изборите и референдумите, остварувањето на уставноста и законитоста, сите оние што сметаат дека им се повредени загарантираните човекови права и слободи, одделните акти, постапувањата и непостапувањата на државните органи, органите на локалната самоуправа, правните лица или на други субјекти што вршат јавни овластувања. Тоа е една од општоприфатените дефиниции, кои на уставното судство му го обезбедуваат највисокото место во однос на признавањето и на прифаќањето на начелото на владеењето на правото, без кое е незамислив животот на кое било ниво и во која било општествена заедница.

Повеќе од една година во составот на Уставниот суд има само четворица членови, наместо девет

Во Македонија, веќе подолг период, од сега веќе сосема јасни политички причини, таа функција е блокирана. А добиеното образложение на претседателката на собраниската комисија за избори и именувања, Марија Георгиева, за продолжението на седницата на споменатата комисија, во врска со изборот на уставни судии, во најмала рака може да се квалификува како трагикомична гротеска.
– Поради обврски на членови на комисијата надвор од државата и поради закажани пленарни и седници на комисии не беше закажано продолжението на седницата за избор на уставни судии. На претходната седница беа доставени девет предлози за уставни судии, и тоа три од мнозинството и шест од опозицијата. Биографиите на предложените кандидати се доставени до пратениците и очекувам дека расправата ќе биде конструктивна – изјави Георгиевска, откако повеќе од една година наместо девет, во составот на Уставниот суд има само четворица членови, што го доведува во прашање одлучувањето за прашања од негова надлежност.
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во изминатиот период повеќепати алармираше за ваквата ситуација, објаснувајќи дека судот не може да носи одлуки поради недоволното мнозинство.
– Пред судот треба да се разгледуваат предмети што се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав, со што одлуките би имале поголема тежина – предупредуваше Кацарска.
Таа, поради проблемот, одржа работен состанок со претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, при што ги информира за сериозноста на ситуацијата со која е соочен Уставниот суд во последните шест месеци. Поради недостиг од судии, повеќе од 30 предмети не може да добијат разврска и се одолжуваат за понатаму, а штетата ја трпат граѓаните, посочи Кацарска.

Никој не го сака „заштитникот на граѓанските слободи и права“

– Судот не може во целост да ја оствари улогата на заштитник на граѓанските слободи и права и да одлучува за согласноста на законите со Уставот. Оваа состојба не е проблем само за функционирањето на Уставниот суд туку и за државата – рече Кацарска.
Претседателката на Уставниот суд предупреди дека во декември оваа година завршува мандатот на уште еден судија и ако дотогаш не се комплетира судот, државата ќе влезе во уставна криза.
– Уставниот суд функционира на граница на кворум и многу луѓе се засегнати од предметите што заостануваат, како на пример Законот за социјална заштита, Законот за јавно обвинителство, одлуки со кои се оспоруваат детални урбанистички планови, барања за слободи и права на граѓаните – истакна Кацарска.
Таа посочи дека освен предметите што не добиваат мнозинство, проблемот со недостигот од судии се рефлектира и врз можноста да се спроведат реформи во Уставниот суд, како што е донесувањето нов акт, бидејќи тој сѐ уште работи според деловник што е донесен во 1992 година.
Тројцата клучни луѓе во државата потоа само констатираа дека „моменталната“ ситуација е загрижувачка и дека во интерес на државата и на сите граѓани е Уставниот суд да работи во комплетен состав и најавија поддршка за надминување на овој проблем.
Експертите, во меѓувреме, ја објаснија оваа состојба.

Чиј интерес е целокупниот систем да биде на „стаклени нозе“?

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, споредувајќи ја ситуацијата со вкупната состојба во општеството, ја оквалификува како крајно несериозна.
– Имаме таква состојба да Уставниот суд не ја остварува законитоста и уставноста на државата. За таквата состојба е виновно самото Собрание што речиси една година непотребно го одолжува изборот на новите уставни судии заради партиски цели и запоставувајќи ја грижата на државата за остварување на уставноста. Со оглед на тоа, оваа средба со државниот врв е со задоцнување, иако претседателката на Уставниот суд, Кацарска, прави обиди да се реанимира и реактивира работата на Уставниот суд што побрзо – рече Ивановски.
Тој констатира дека ваквите состојби се резултат на несериозноста, најмногу на политичките чинители во земјава.
– Целокупниот систем, вклучувајќи го и Уставниот суд, е ставен на климави нозе токму поради интересите на политичките партии и нивните калкулации – објасни Ивановски.
А дека вината, како и секогаш, не е само на едната страна и дека причините што доведоа до оваа состојба не се од вчера, треба да се потсети дека со години речиси сите уставни судии беспоговорно ја ползуваа функцијата дури и тогаш кога законодавците им наметнуваа неиздржани и неодржливи решенија, а органите на извршната власт упорно ги игнорираа нивните одлуки. Најдиректно кажано, и самите, според голем број досега изнесени мислења во јавноста, со своето постапување и непостапување придонесоа за оваа состојба.
Јасно е дека некои околности не им одеа на рака во, како и за сите други, макотрпниот процес за постигнување целосна независност во работењето. И тоа е проблемот со кој се соочуваа и се соочуваат не само уставните судии во Македонија туку и пошироко. Затоа, цело време, во форма на разни работилници, семинари, стипендии… и добиваат поддршка од меѓународните институции и организации, со цел да ги дооформат своето професионално знаење и интегритет, како припадници на една од клучните институции од кои државата и општеството имаат големи очекувања, не само во форма на одлуките по конкретните прашања, како што во изминативе години се практикуваше во Македонија, туку и во создавање еден амбиент во кој граѓаните и органите на власта јасно и недвосмислено ќе ја почувствуваат потребата за одговорност и доверба.

– Уставните судови во посткомунистичките држави имаат обврска постепено да го насочуваат правниот поредок кон идеалите прифатени во нивните нови транзициски устави, со тоа што треба безусловно да го прифаќаат тоа дека нивното работење е базирано врз принципот на самоограничување и да се обидуваат да пронајдат оптимални решенија, така што, во контекстите на уставните вредности, при постигнувањето на правичната рамнотежа помеѓу интересите на поединците и на пошироката заедница, нема да се лизнат кон недозволивиот политички конформизам – се вели во дефиницијата што во нејзиниот научен труд го дава Хана Шаркиновиќ Косе од Интернационалниот универзитет во Сараево.
Авторката притоа предупредува дека уставните судови, остварувајќи ја својата трансформациска функција, се должни да го почитуваат фактот оти државните и општествените модели пропишани во поновите европски транзициски устави се идеал, кој не кореспондира целосно со реалниот живот, зашто уставите се само рамки што допрва треба да се пополнуваат со содржини произлезени од сѐ подинамичните општествени процеси. Д.М.М.