Ликот на Карлос низ годините

За Карлос Шакалот, садоромантичниот мит се претвори во брилијантно, со крв натопено чудовиште што организира атентати со експертиза на еден аналитичар на пазарот, кој е темелно упатен во платите, трошоците, распределбата и поделбата на трудот во подземјето…

Три децении енигма за Карлос Шакалот

Роберт Ладлам, еден од најпознатите автори на политички трилери, вака го опишува Карлос Шакалот: „Веќе една деценија името Карлос се шепоти низ тивките улици на предградијата на Париз, Техеран, Бејрут, Лондон, Каиро и Амстердам. Се вели дека е врвен терорист посветен на ликвидации, иако е прогласен за марксист, лишен е од секоја политичка идеологија. Врз основа на приказните за неговите активности се создава слика за свет исполнет со насилство и заговори, со силни експлозии и уште побрзи жени, со факти што покажуваат со прст кон шкотскиот економист Адам Смит, или и на таткото на Џејмс Бонд, Јан Флеминг. За него садоромантичниот мит се претвори во брилијантно, со крв натопено чудовиште што организира атентати со експертиза на еден аналитичар на пазарот, кој е темелно упатен во платите, трошоците, распределбата и поделбата на трудот во подземјето.“

Како Илич се преобрази во Карлос Шакалот

Роден е на 12 октомври 1949 година во Каракас, Венецуела, како Илич Рамирез Санчез. Неговиот татко, Алтаграција Рамирез Неваса, бил успешен венецуелски адвокат и ортодоксен ленинист. Трите сина на Алтаграција ги носат имињата Илич, Ленин и Владимир, во чест на Владимир Илич Ленин, водач на руските болшевиците и организатор на Октомвриската револуција. Алтаграција вели дека не се обидувал да ги насочува своите деца, но бидејќи бил марксист во неговиот дом постојано се дискутирало за комунизмот. Тој посочува дека во детството, Карлос посветувал најголем дел од времето на читање и ретко излегувал надвор, тој бил дете што на единаесетгодишна возраст започнало да го чита Лав Троцки. Алтаграција за своите синови вели дека никогаш не помислил „дека некој од нив може да стане толку важен герилец.“
По разводот со сопругата во 60-тите години на 20 век, Алтаграција ги испратил своите синови да живеат со мајка им во Лондон. Карлос тогаш имал шеснаесет години и токму таму се радикализирал и ѝ се приклучил на вооружената борба на Палестинците. Алтаграција вели дека најверојатно „таму стапил во контакт со арапските милитанти или со елементи поврзани со борбата на Палестинците и така почна сѐ.“
Во 1968 година, Алтаграција ги запишал своите синови на фамозниот московски универзитет „Патрис Лумумба“, советски центар за обука на револуционери. Многумина веруваат дека за време на студиите во московскиот универзитет, Карлос бил регрутиран од страна на советската разузнавачка служба Комитет за државна безбедност, позната и како КГБ. Во Москва, Карлос стапил во контакт со Народниот фронт за ослободување на Палестина предводен од Жорж Хабаш. Илич Рамирез Санчез во 1970 година ѝ се придружил на терористичката организација Црн септември и тогаш го прифаќа името Карлос.

Првите убиства и терористички акции

Легендата за Карлос растеше со бројот на неговите терористички акции, а неговиот мит се зголемуваше со неуспехот на агентите низ светот да го лоцираат. Експертите велат дека Карлос извршил повеќе убиства и атентати низ децениите. Во јуни 1975 година, при обидот за негово апсење од страна на двајца иследници и еден поткажувач, Карлос веднаш отворил огин и ги убил сите тројца. По убиството успешно успеал да избега преку париските покриви. Француските власти веруваат дека Карлос покрај ова трикратно убиство, на територијата на Франција, извршил уште пет терористички напади. Во периодот помеѓу 1973-1975 година, Карлос извршил неколку напади во Париз и во Лондон, а меѓу нив е неуспешниот атентат врз еврејскиот бизнисмен Џозеф Сиеф, основачот на „Маркс и Спенсер“. Во 1974 година се верува дека се обидел да изврши атентат врз францускиот претседател Жак Ширак.
Најголемата драма со
заложници на 20 век

Светот за првпат го виде во 1975 година, иако од далеку и со лош квалитет, кога се ракуваше со австрискиот министер за внатрешни работи по најголемата драма со заложници на 20 век. Карлос со своите соработници упаднал на состанокот на ОПЕК во Виена и заробил 70 луѓе, вклучувајќи и неколку министри на државите членки на нафтениот картел. Во текот на акцијата загинале три лица, а за ослободувањето на заложниците, Карлос Шакалот добил откуп од 50 милиони долари.
Нападот на конференцијата на ОПЕК е едно од најзначајните поглавја во историјата на тероризмот во 20 век. Во нападот, покрај Карлос учествувале и Ханс-Јоаким Клајн и Рудолф С., како и фамозната Нада, за која се верува дека е германската терористка Габриеле Тидеман. Според „Зидојче цајтунг“, Ханс-Јоаким Клајн им посочил на германските власти дека нападот во ОПЕК бил нарачан од Либија, односно од Моамер Гадафи.

Покровители на терорoт

Карлос добивал помош од повеќе поранешни комунистички држави, а се верува дека со експлозив бил снабдуван и од источногерманската разузнавачка служба Штази. Еден од најголемите спонзори била Романија, предводена од Николае Чаушеску, која му помогнала во нападот на Радио Слободна Европа во 1981 година. Карлос честопати престојувал во Бугарија, Чешка и во поранешната Југославија, каде што и еднаш бил уапсен, но бил ослободен од југословенските служби. До 1991 година најголем спонзор му била Сирија предводена од Хафез ал Асад.
По падот на Берлинскиот ѕид и промената на политиката на лидерот на ПЛО Јасер Арафат, Карлос останал без финансии и покровители. Бил принуден да ги напушти засолништата во Сирија, Либија и во Ирак, и заедно со својата сопруга во 1991 година се засолнил во Судан.

Крајот на една „легенда“

Потерата по Карлос, која траела две децении, завршила кога француските разузнавачки служби добиле информации во 1994 година за неговиот престој во Судан. Во текот на рутинска операција, додека Карлос бил под анестезија, суданските власти ги уапсиле. Потоа им бил предаден на француските власти, кои го ставиле во вреќа и го пренеле во една воздушна база во близината на Париз. Во текот на транспортот, Карлос бил по анестезија бидејќи француските агенти не сакале да ризикуваат.
Во Париз, Карлос бил изведен пред суд и осуден на доживотен затвор за убиството на двајцата француски агенти и нивниот информатор во 1975 година. Во своето излагање пред пресудата Карлос истакнал: „Ниту го потврдувам ниту го демантирам тоа што е кажано. Јас не сум информатор. Кога триесет години се води војна, се пролева многу крв, моја или туѓа. Мора да се каже дека ние никогаш не убивавме за пари, туку за нашата кауза.“