Фото: Игор Бансколиев

Како Македонија преку процесот на едно системско планирање да ја поттикне домашната економија и да креира услови за побрз економски напредок?

Преку системско планирање до поуспешно стопанство, но и развој на нестопанските дејности

На кој начин планирањето на економијата и предвидувањето мерки би можеле да ги поттикнат секторите од економијата што се сметаат за области каде што нашата држава има потенцијал за побрз развој? И не само во стопански потентните сектори туку и во сите дејности што го сочинуваат општеството, заради општествен просперитет и побрз развој?

Некои примери и аспекти за планирањето што покажуваат позитивни ефекти

Во последниве години кинеската економија постојано расте и земјaта стана најголем производител и најголем извозник во светот. Но сличен економски успех постигнуваат и другите источни земји, кои економски се значително понапред од нас и од нашите соседи. Едно од прашањата што се наметнуваат е колку размислувањата и сфаќањата на тамошниот народ имаат удел во економскиот раст на земјата и како да се откријат „тајните“ на успехот.
Во својата последна анализа, Имон Финглтон, аналитичар и публицист, кој во своите текстови ги анализира глобалните економски текови, посочува на планирањето, продуктивноста и штедењето како феномени што го акцелерираат економскиот развој.
Интересно е, како што посочува тој, дека во Азија стапката на штедење на луѓето е многу повисока отколку на Запад, што им овозможува на банките да инвестираат во производство што работи побрзо.
– Во САД луѓето се принудени да консумираат на кој било начин, додека во Азија потрошувачката е потисната, а клучната цел таму е продуктивноста на секој работник. Во срцето на целата појава е почитувањето на општеството на скромниот начин на живот (кој ги стимулира инстинктите за штедење). Втората тајна на успехот е да ги заштитите вашите пазари на различни начини. Најпримитивниот е едноставно затворање на границите за туѓи добра, но има и друг начин: да се работи преку големи корпорации, иако приватни, но тесно поврзани со државата. Ова се темелите на успехот на Јапонија и Јужна Кореја. На пример, можете да го поттикнете нивниот извоз со паметна надворешна политика. И во срцето на овој феномен, се разбира, е конфуциската идеја за општеството како единствен систем, пирамида на заслуги, во која сите се некако поврзани и обврзани еден на друг – пишува Финглтон, кој се осврнува и на споредба меѓу сите азиски земи, вклучувајќи ја и Кина, со американската економија, укажувајќи на големите разлики во основата на општествата.
Она во што се разликува кинеската економија е самата основа, бидејќи во неа се применува планска (таму наречена социјалистичка) пазарна економија, составена од државни претпријатија и домашни и странски приватни бизниси, со примена на економско планирање. Ваквиот начин на организирање е различен од принципите во либералниот пазар, каде што е оставено самите компании да одлучуваат каде ќе инвестираат, што ќе произведуваат, водејќи се секако од она што се бара на пазарот.

Во Македонија многу задоцнети мерки, многу пропуштени можности…

За нашата земја е значајно што можеме да научиме и да примениме од туѓите успешни искуства за поголем економски развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Колку Македонија би можела преку долгорочно планирање да креира предвидиливи резултати во бизнисот, но и дали државата треба да учествува во формирање на големите бизниси? Во Македонија има навика на штедење, граѓаните чуваат резерви во комерцијалните банки, а една од навиките што Финглтон ги одвојува кај кинескиот, но и другите азиски народи е штедењето, наспроти пазарното трошење карактеристично за американската економија.
Може ли Македонија преку системско планирање да ја поттикне домашната економија и да креира услови за побрз економски напредок? Треба ли државата да размисли за некоја форма на гарантни фондови, во кои граѓаните ќе ги вложат своите пари или преку кои ќе гарантира сигурен поврат на парите на граѓаните ако нивните средства се искористат за финансирање големи инвестиции, наместо преку задолжување.
Домашните економски експерти и бизнисмени ја гледаат идејата за планирање на економијата во земјава како добра стратегија, но потенцираат дека најголем дел од одлуките и мерките кај нас се презема „ад хок“, што резултира со несинхронизираност во политиките и плановите.
– Искрено сметам дека не сме подготвени, ниту пак сметам дека е можно во овој период да направиме посебен долгорочен концепт како и каде ќе се движи и развива нашата економија. Сега, за жал, сме во една фаза каде што се гаснат пожари, и тоа дури се гаснат со бензин. Значи, имаме многу задоцнети мерки, имаме многу пропуштени можности. Можеби кога имавме 30 отсто задолженост од БДП ќе можевме да правиме долгорочни планови и да се позајмуваме за да ги реализираме, но сега тоа е тешко остварливо. Инвестициите во патишта, во железница, општо во инфраструктура, ни се многу задоцнети, ниту пак имаме финансии да ги реализираме. Владата не прави концепт како ќе се развива економијата во иднина, ниту пак долгорочни планови. Суштината на економијата е искористување на расположливите ресурси, а еден од ресурсите што ги имавме е човечкиот потенцијал, но и тој потенцијал како земја го губиме. Многу наши сограѓани заминуваат во странство поради состојбите во земјава, кои воопшто не изгледа дека се движат кон подобро. Се ветуваат многу работи, а притоа сите владини претставници го прават истото, се вработуваат и назначуваат кадри и лица на раководни позиции на разни институции без знаење, без искуство или, пак, со сосема поинакво образование. Се поставуваат и вработуваат само затоа што се членови во партија. Се зборува за реформирање, за намалување на административната бирократија, за промена на принципите на вработување, но не се прави ништо конкретно, а сето тоа влијае на граѓаните, кои ги следат состојбите и кои разочарани од ова што се случува ја напуштаат државата – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија. Тој потенцира дека кога владините претставници и лидери ќе најават или ветат нешто, тоа мора да се испочитува и реализира.

Планирање во стопанството, но неопходно е планирање и во нестопанските дејности

Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, нагласува дека планирањето треба да има системски пристап, и тоа паралелно да оди во образованието и науката, здравството и во многу други области и да биде координирано и синхронизирано.
– Дополнително, кај нас не се планира и инвестира во научна фела, ниту пак во другите видови области, не ги користиме предностите или претставниците што ги имаме… Петнаесет години градиме патишта, а сепак ништо не сме изградиле, досега можеше да има хотели и разни стојалишта покрај автопатиштата… Сите значајни ресурси од суштинско значење, наместо да ги користиме, ние ги продаваме, или ги оставаме да скапуваат за отпосле да се продадат по ниски цени. Сето тоа ги девастира граѓаните – потенцира Бошков.
Тој појаснува дека вложувањето на средствата што ги имаат граѓаните во банките како заштеди, може да се направи на еден индиректен начин, а тоа е преку планирани инвестиции значајни за државата, како патишта, или други големи проекти на државата, на кои банките може да се јават како инвеститори.

Да се дефинираат контурите, па да се знае што ќе се планира и развива

Економистите укажуваат дека фактот оти кинеската економија забрзано расте, и тоа со години, не е за занемарување, ниту за потценување, напротив, тоа е еден исклучително позитивен пример, каде што државата има голем удел во планирањето на економијата.
– Теоријата предвидела два типа планирање на економијата, едниот е индикативно планирање, или попознато како пазарно планирање, каде што државата обично прави политики на управување, со кои се дефинира кои сектори ќе се стимулираат. Додека вториот препознаен начин на управување во економските теории е директното планирање и договорна економија, кое се применуваше во времето на поранешна Југославија. Секако, има и мешани економии, при што некаде државата повеќе се меша во економските правци, некаде помалку – велат повеќе наши соговорници.
Тие истакнуваат дека кон феноменот на планирањето во стопанството кај нас мора посериозно да пријдат и државата и сите други чинители во економијата. Тој процес мора да стартува системски, и кај политичките чинители и програмите на Владата, но и во бизнисот. Мерките на Владата на тој начин ќе бидат предвидливи за економијата, ќе можат да се анализираат и ќе се овозможи антиципација на економскиот амбиент што ќе следува во поблиска или подалечна иднина. Тоа би значело и дека треба најпрвин да се дефинираат контурите и да се знае што ќе се развива, каде ќе се движи државата, да се стимулираат секторите што сакаме да се развиваат. Ако сакаме поголемо производство на храна, тогаш треба низ мерки и проекти да се поттикнува производството, не да отвора државата фирми, туку да презема мерки што ќе го направат производството исплатливо, дали преку намалени даноци, или други мерки. Но, за жал, кај нас беа вложени огромни средства во земјоделска поддршка, а производството и понатаму се намалува, ефект нема, поради тоа што изостанува сериозно планирање. Затоа е значајно да имаме индустриска, земјоделска или друг тип политика, која ќе таргетира што ќе произведуваме, каде ќе се развиваме, а над сѐ што ќе испланираме за тоа.