Патот кон НАТО го трасиравме одамна, во далечната 1993 година, а по речиси три децении ја минавме и целта. Гледано од денешна перспектива, сосема е јасно – станавме членка на Алијансата во вистински момент. Тоа ја потврдува исправноста на нашите разумни, храбри и прагматични одлуки. Со членството во НАТО стабилноста на државата не може да биде разнишана, а безбедноста здружено ја гарантираат Северна Македонија и 29-те сојузници, рече денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето на настанот „Денот на НАТО – 4 Април“.

Петровска порача, „ние сме НАТО, а Денот на НАТО е и наш ден, ние сме на праведната страна на историјата. Цврсто веруваме во принципот на Алијансата: еден за сите – сите за еден.“

– Не дозволивме фрустрацијата од чекалната во НАТО да нѐ поколеба. За сето време демонстриравме капацитет и историска мудрост, но не ја загубивме и амбицијата да бидеме уште подобри дури и кога го минавме прагот на НАТО. Денес повторно сме соочени со предизвици, со немилосрдна војна. Оваа криза покажува колку е непредвидлив светот во кој живееме и колку е важно да имаме сојузници – подвлече министерката.

Таа напомена и дека земјава е рекордер по брзината со која го заврши процесот на воена интеграција во Алијансата. Ние сме, додаде, целосно посветени на колективната одбрана и на одвраќањето на секоја потенцијална закана.

– Со досега невидени инвестиции во опрема и модернизација, ја зацврстуваме нашата сила на копно, а заедно со НАТО го зацврстивме нашиот суверенитет и во воздух. Не ја изгубивме амбицијата да бидеме уште подобри, дури и кога го минавме прагот на НАТО. Рекордери сме во брзината со која го завршивме процесот на воена интеграција во Алијансата кој за нас траеше само 19 месеци по членството. Со над 30 проценти од одбранбениот буџет наменет за опремување и модернизација, денеска сме дел од 24-те сојузници кои веќе ги исполнија насоките од Самитот на НАТО во Велс, а посветени сме да го исполниме и вториот критериум – до 2024 година да одвојуваме два процента од бруто-домашниот производ годишно за одбраната и Армијата. Имајќи предвид дека го дуплиравме нашиот одбранбен буџет за само четири години, немам сомнеж дека ќе ја достигнеме и оваа цел – истакна Петровска.

Настанот „Денот на НАТО – 4 Април“ традиционално го организира Евроатлантскиот совет на Северна Македонија и на него, покрај одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор и формирањето на НАТО, јавноста се информира за развојот на настаните на глобално ниво, придонесот на државава и бенефитите од членството во Алијансата. На настанот се презентираат и реформите и напредокот на годишно ниво, со посебен осврт на Армијата. Оваа година посебен фокус е ставен на пандемијата и војната во Украина, во пресрет на Самитот на НАТО во Мадрид.

Пред присутните, освен министерката Петровска, се обратија и премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани и американската амбасадорка Кејт Брнз.


Ковачевски: Стоиме рамо до рамо со нашите сојузници

Република Северна Македонија го слави Денот на НАТО со полно право како 30-та земја членка на Алијансата – најмоќниот воен сојуз во светот изграден и заснован на највисоките цивилизациски и демократски вредности. Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот во која граѓаните имаат сигурна иднина, изјави премиерот Димитар Ковачевски, на одбележувањето на Денот на НАТО – 4 Април, настан во организација на Евроатлантскиот Совет на Македонија, а во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот Центар М6 и НАТО Секторот за јавна дипломатија од Брисел.

На Денот на НАТО, Ковачевски рече дека гордо стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и заедно градиме просперитетно, мирно и слободно општество – вредностите на НАТО и ЕУ и вредности на граѓаните на Македонија – Ние сме НАТО.

Ковачевски, исто така, порача дека ни се потребни предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ, бидејќи прашањето на проширувањето, веќе е и геостратешко и безбеносно прашање и дека евро-интегратвните процеси треба да започнат без ден одлагање и Македонија да има кристално јасна перспектива во ЕУ.

– Процесот на интеграција во НАТО Алијансата беше долг, но сега во криза гледаме колку значи да се биде земја чија безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз. Продолжуваме мотивирано и одлучно кон остварување на втората наша стратешка цел – членство во ЕУ. Ја имаме целосната поддршка од САД и нашите европски партнери и високо ги цениме пораките за забрзување на отворањето на пристапните преговори со ЕУ – изјави Ковачевски.

Македонија, порача Ковачевски целосно ја усогласи својата надворешна политика со политиките на НАТО и ЕУ, ги донесовме сите одлуки заедно со сојузниците, и ја оценивме руската воена агресија во Украина како неиспровоцирана и неоправдана и како сериозно кршење на меѓународното право и брутално загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

– Сите земји членки на НАТО се залагаат за итно запирање на воената агресија, а преземањето на активности за економска изолација на Русија ќе овозможи деескалација на воените активности – изјави Ковачевски.

Македонија, рече тој, е одлучна да придонесе во справувањето со овие ризици преку заеднички пристап и соработка со нашите НАТО партнери и со институциите и агенциите на ЕУ.

Претседателот на Евроатлантскиот Совет на Македонија, Исмет Рамадани, на отворањето на настанот, порача дека одбележувањето на Денот на НАТО, тие како совет во изминатите 25 години промовираат евроатлански вредности и понекогаш бараат и нудат поддршка за сите влади, само под еден услов – се додека се двигател на евро-атлантските вредности.

– Порака до сите европски претставници. Во овие тешки времиња, кога се наоѓаме пред економска, политичка и безбедносна криза, да направиме еден ангажман сите заедно, со взаемен интерес, што побргу да се отворат преговорите со ЕУ и што подинамично да стапиме како членка на ЕУ, за да ја заокружиме и втората стратешка цел како држава – изјави Рамадани.