Фото: МИА

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе оствари работна посета на Софија. Османи ќе се сретне со неговиот бугарски колега Николај Милков, при што заедно заеднички ќе го посетат повредениот македонски државјанин, кој беше физички нападнат во четврток во Охрид, соопшти вчера МНР.

Посетата ќе биде искористена, како што велат од МНР, за да се разменат мислења меѓу двајцата министри за инцидентот во Охрид, за зачестените провокации, како и за активностите на двете министерства за превенција и отпорност од сличните провокации.

Инаку, засега нема официјален став и појаснување од МНР, ниту од Министерството за здравство за процедурата по која македонскиот државјанин Пендиков ја напуштил државата, а од Обвинителството велат дека во однос на други постапки за наведеното лице, повеќе детали ќе изнесат в понеделник откако ќе биде направен увид во предметите што се споменуваат.

– Оштетениот досега два пати даде свој исказ во постапката и е достапен на органите на прогонот. Освен тоа, тој има правен интерес да учествува во постапката. Јавното обвинителство нема ниту една законска основа да задржува оштетено лице – велат од Обвинителство за МИА.

Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ вчера за ТВ Телма рече дека е преседан начинот на којшто 22-годишиот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб Цар Борис Трети од Охрид е изнесен од државата, а истрагата за кафеанската тепачка што прерасна во дипломатски скандал е целосно компромитирана со изјавите на политичарите.

– Факт е дека начинот на кој сето тоа е направено, со целосно игнорирање на македонските правосудни власти, е опасен преседан, бидејќи се работи за активна истрага, која веќе е компромитирана со политичките изјави на политичките чинители. На тој начин се отежнува работата на јавниот обвинител – вели адвокатот Туфегчиќ.

Лицето е осомничено како сторител на кривично дело, но и во таа постапка, додава Тугефчиќ, имајќи го предвид настанот што го предизвика вниманието, не знам дали јавниот обвинител во тој контекст побарал од судот за лицето да бидат определени мерки за обезбедување присуство токму за спроведување на оваа постапка.

Полицијата во петокот приведе тројца охриѓани осомничени дека синоќа физички нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид.

Инцидентот го осудија претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, како и нивните бугарски колеги, Румен Радев и Галаб Донев, а Делегацијата на ЕК во Скопје, и побараа од властите да го истражат случајот.

Извори од истрагата за МИА потврдија дека против Х.П. во текот на декември полицијата покренела кривична пријава под сомнеж за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ според член 215 од Кривичниот законик.

Според очевидци во угостителскиот објект, во четвртокот околу 22.30 часот веднаш што во угостителскиот објект влегле тројцата денеска приведени, Х.П. почнал да ги пцуе и навредува, по што тие го извадиле надвор и го натепале, при што му биле скршена вилицата.

Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, бил претепан во четвртокот вечерта во градот и тој завчера со бугарскиот владин авион „Фалкон“ беше пренесен на лекување во Воено – медицинската академија во Софија.

Според бТВ, повредениот Пендиков е на интензивна нега на ВМА во Софија и в понеделник ќе биде опериран.

Неколку дена пред инцидентот во Охрид, се одржа панихида за Мара Бунева во Скопје, на која присуствуаа бугарскиот политичар и европратеник Ангел Џамбаски, како и членови на бугарската Фондација „Македонија“. Џамбаски тогаш испрати провокативни пораки за територијални претензии и дека македонските политичари се „србомани кои вршат геноцид врз Бугарите“, а земјава ја нарече „бугарска“.

Бугарското МНР по три дена се огради од ваквите ставови и кажа дека тие не кореспондираат и не се став и на Бугарија како држава.

– Јавните изјави со кои се навредува или провоцира Република Северна Македонија се апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни и тие не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и не можат да се толкуваат како такви – соопшти тогаш бугарското МНР.

Од македонското МНР, пак, тогаш наведоа дека „со големо внимание ги следат изјавите на одредени маргинални политички фигури од Бугарија чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите кои ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави“.

Од МНР исто така посочија дека „Министерството, по дипломатски пат соодветно реагира до официјална Софија, во кое побара оградување од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Македонија, и воедно серизно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји“.