Република Бугарија се согласи да ја користи кратката верзија на уставното име, подеднакво како и долгото име, за што веќе ја има известено и Организацијата на Обединетите нации. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и бугарскиот колега Кирил Петков, по средбата во Скопје, соопштија дека Бугарија го прифаќа краткото име Северна Македонија, откако земјава, практично, направи отстапка, испраќајќи дипломатска нота до светската организација.
По средбата меѓу премиерите на Македонија и на Бугарија е направен првиот исчекор, отворен е нов прозорец на соработка и пријателство меѓу двете земји, којшто веруваме дека ќе резултира со поддршка на нашата евроинтеграција, објавија во средата од владејачката СДСМ, ден по посетата на Скопје од страна на бугарскиот премиер Кирил Петков.
Во оваа насока е и воспоставувањето работни групи во повеќе области, во економијата, инфраструктурата, трговијата, културата, образованието, кои значат за граѓаните, за нивната иднина, но се и особено важни за младите.
Актуелните состојби врзани за односите меѓу двете земји биле темата на средбата на бугарскиот премиер Кирил Петков со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во седиштето на партијата во Скопје. Во кусото соопштение од партијата е посочено дека Мицкоски се задржал на „истите позиции, кои се и претходно јавно познати“. Во него е наведено дека на средбата била посочена потребата за соработка на темите што ќе обезбедат иднина, инвестиции во образованието, науката, Коридорот 8 и други проекти важни за двете земји.