„Мојата порака до граѓаните е да бидат сигурни дека никогаш, ама никогаш и по никоја цена нема да ги изневерам очекувањата на граѓаните, ниту да ги напуштам одредниците што значат интерес на огромно мнозинство македонски граѓани, а тоа е одбрана на националните интереси и интеграција на земјата во рамките на Европската Унија“, изјави македонскиот премиер
Берлинскиот процес во фокусот: Ставови на премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски по учеството на самитот на Берлинскиот процес и остварените средби во Берлин е поголем оптимист во однос на очекувањата за евроинтегративниот процес на земјава и е во дилема дали ќе го испрати најавеното писмо до Европската Унија, со кое ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите.
– Имавме посета што ме направи поголем оптимист отколку што бев пред посетата. На маргините за време на работниот ручек, но и другите состаноци што ги имав таму, видов дека има иницијативи, кои ги спомна и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, и мислам дека сето она што го водев како разговор и го добив и испратив како порака има додадена вредност ако се спореди со состојбата пред мојата посета таму – рече Мицкоски на вчерашната прес-конференција во Владата.
Премиерот истовремено упати порака до граѓаните дека нема да ја напушти одредницата за одбрана на националните интереси и евроинтеграцијата на земјата.
– Мојата порака до граѓаните е да бидат сигурни дека никогаш, ама никогаш и по никоја цена нема да ги изневерам очекувањата на граѓаните, ниту да ги напуштам одредниците што значат интерес на огромно мнозинство македонски граѓани, а тоа е одбрана на националните интереси и интеграција на земјата во рамките на Европската Унија. Ќе продолжиме да ги решаваме проблемите дома, но ќе се бориме надвор со сите сили што ги имаме на располагање, врз основа на Копенхашките критериуми, врз основа на вистинските вредности на ЕУ, а тоа не се ултиматуми и диктати, туку разговор, конструктивен дијалог, кој ќе биде основа за наоѓање трајно и долгорочно решение со кое нема едните да бидат понижени, туку, напротив, сите задно ќе се бориме за одбрана на овие вистински европски вредности. Наша задача како влада е прво да ги браниме националните интереси, а национален интерес претставува полноправно членство на земјава во рамките на ЕУ – нагласи македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Н.М.
Промовирана книгата „Слова за македонскиот непокор“ од академик Љупчо Коцарев
Книгата „Слова за македонскиот непокор“ од академик Љупчо Коцарев, во која се застапени 69 есеи објавени во периодот од 2021 до 2023 година, во кои авторот пишува за македонските национални премрежиња, беше промовирана завчера во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ во Скопје.
Изданието го промовираше писателот Ефтим Клетников, истакнувајќи дека „Македонија во есеите на Коцарев е точката на математичкиот златен духовен пресек како топас на локалното одразено во сликата на универзалното“.
Академик Коцарев пред присутните почитувачи на неговото дело од академската, културната и општествената сфера изрази благодарност до промоторот и до издавачот на неговата книга, како и за уметничкиот настап на Андријана Јаневска во придружба на Драган Даутовски.
Љупчо Коцарев е поранешен претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Работел на УКИМ во Скопје, на универзитетот „Калифорнија“ во Беркли и на универзитетот „Калифорнија“ во Сан Диего. Автор е на над 200 научни труда објавени во педесет водечки светски списанија со фактор на влијание во природно-математичките науки, техничко-технолошките науки, општествените науки и во хуманистичките науки. Тој е дел од водечките два процента светски научници од сите научни области на сите времиња, во согласност со тимот на универзитетот „Стенфорд“ во САД (од 2020 година до денес). Добитник е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката, како и изумител на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и во Европа.
Николоски: Нема уставни измени под бугарски диктат, без гаранции дека нема да има нови вета
Позицијата на Владата е јасна, директна и отворена, а тоа е дека нема уставни измени под бугарски диктат и оти единствен начин тоа да се реши е да се даде гаранција дека нема да има натамошни блокади од ваков тип, истакна вчера вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, коментирајќи ја завчерашната изјава на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, која рече дека уставните измени се клучен чекор кон почетокот на преговорите на Македонија со Европската Унија.
– Нашата позиција е многу јасна, директна, отворена, а тоа е дека уставни измени под бугарски диктат нема да има и дека единствен начин ова да се реши е да добиеме гаранција дека ова нема да ни се повторува на секои шест месеци, Македонија да се соочува со шок и да имаме нови и нови вета. Еден од начините што ние ги предложивме – е одложено важење на уставните измени, кои би стапиле во сила на денот на ратификација на протоколот за членство на Македонија во ЕУ од страна на бугарскиот парламент. Доколку Бугарија навистина сака Македонија да влезе во ЕУ, не гледам што им прават разлика три години затоа што, нели, сите велат дека сме подготвени и дека за три години ќе ги завршиме преговорите – порача Николоски одговарајќи на новинарски прашања во Велес.
Тој нагласи дека доколку земјава ги почне преговорите есенва, тие ќе бидат завршени есента во 2027 година, а потоа, како што рече, може да се ратификува договорот за членство во бугарскиот парламент.
Шефицата на германската дипломатија Бербок завчера, по средбата со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Берлин, изјави дека таа се залага за укинување на едногласноста во ЕУ, но додека не се случи тоа, Македонија мора да ги почитува компромисите.