Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, редовно ја објавуваме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец издвојуваме настани поврзани со македонската историја и со истакнати национални дејци
1 март 1913 година – Во Петроград е објавен и издаден Меморандумот за независноста на Македонија од страна на ополномоштените Македонци, членови на МНЛД. Меморандумот е испратен до британскиот и до рускиот министер за надворешни работи, амбасадорите на големите сили и е објавен во европскиот печат. Во прилог на овој меморандум, Димитрија Чуповски ја изработил и ја објавил политичко-географската карта на Македонија во нејзините природни, географски, етнички и економско-стопански граници насловена „Карта Македонија“ со поднаслов „по програма на македонските народници“. Во меморандумот, кој е своевиден прв јавен настап на „ополномоштените Македонци“ пред светската јавност, се изложува и истакнува борбата на Македонците за својата слобода и држава, со акцентирање на учеството на Македонците во Првата балканска војна како рамноправна војувачка страна.
3 март 1822 година – Повеќе од 8.000 востаници и цивилно население во Његуш го прогласија избувнувањето на Његушкото востание против османлиското владеење. Во востанието учествуваа Македонци, Грци и Власи. Востанието претставува предвесник на разгорувањето на националноослободителното и револуционерно движење на македонскиот народ.
3 март 1944 година – Во близината на Ново Село, Кумановско, Третата македонска бригада заробила околу триесет четници, кои по разбивањето на четничкиот Вардарски корпус се криеле во овој регион.
4 март 1942 година – Во Софија, бугарската полиција го уапсила поетот Никола Вапцаров, еден од организаторите на „Македонскиот литературен кружок“ во Софија. Од самите членови бил сметан за „срж“ на кружокот. Вапцаров се занимавал со поезија, пишувал критики и бил еден од организаторите на списанието „Литературен критик“. Своите најзначајни стихови ги создал во периодот од 1936 до 1942 година. Во 1940 година ја објавил својата прва и единствена поетска збирка „Моторни песни“, а во 1946 година во Бугарија посмртно била објавена збирката „Антологија“, како и книгата за деца „Пролет“.
4 март 1945 година – Во Скопје е одржан првиот слободен црковно-народен собор. Во присуство на над триста делегати, свештеници, претставници на народната власт и на Народниот фронт, делегатите го искажале расположението на македонскиот народ за создавање на Македонската православна црква преку обнова на старата Охридска архиепископија, во 1767 година незаконски укината од турскиот султан Мустафа, а по барање на Цариградската патријаршија.
10 март 1879 година – Роден е Леонид Јанков, македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација, учесник во Илинденското востание. Неговата јуначка судбина е опеана во познатата песна „Трба трби Гевгелија“.
11 март 1945 година – Во Македонија почнале првите слободни избори за селски, градски и околиски народноослободителни одбори. На овие избори, кои траеле до 25 март, за првпат гласале и жените, лицата со навршени 18 години и сите припадници на армијата.
14 март 1944 година – Иницијативниот одбор на АСНОМ упати писмо до НО одбори во Македонија во кое ја изнесува одлуката на Второто заседание на АВНОЈ, со која Македонија е признаена за рамноправна федерална единица. Потоа ја објаснува постапката за избирање легални и нелегални, општински, околиски и окружни НО одбори и делегати за Првото заседание на АСНОМ.
15 март 1903 година – Загинува Тома Давидов учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонскиот комитет од Софија, соработник на Борис Сарафов, подоцна станува војвода на Македонската револуционерна организација.
18 март 1909 година – Починал Кузман Шапкарев – еден од најзначајните собирачи, афирматори на македонски народни умотворби, како и еден од првите македонски учебникари.
18 март 1947 година – Починал Михаил Герџиков, револуционер и анархист од Бугарија, основач и раководител на Македонскиот таен револуционерен комитет, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација, подоцна деец на ВМРО (Обединета).
19 март 1903 година – Идеологот на Македонската револуционерна организација (МРО), Гоце Делчев, со својата чета го разурна тунелот кај реката Драматица (Ангиста), Серско. Тоа беше последната негова акција против османлиската власт пред неговата смрт.
22 март 1943 година – Сите Евреи од Македонија што беа собрани од страна на бугарскиот окупатор во Монополот во Скопје беа транспортирани во логорот на смртта Треблинка, во Полска, во кој по извесно време беа убиени од германските нацисти.
25 март 1860 година – На традиционалниот конкурс за поема, кој се одржа во Атина, македонскиот писател Григор Прличев доби лаворов венец за поемата „Сердарот“.
25 март 1884 година – Роден е Арсениј Јовков, македонски револуционер, филмски сценарист и публицист. Јовков е првиот македонски филмски сценарист, според чие сценарио е снимен документарниот филм „Македонија во слики“ во 1923 година. Автор е и на сценариото за играниот филм „Илинден“.
27 март 1903 година – Во штипското село Карбинци, четите на војводите Гане и Стојан Бочварот се судриле со турскиот аскер при што борбата завршила со трагичен крај за македонските револуционери.