Обединување на членството, дискусии и дебати за сите политички збиднувања во земјата како и анализа на причините за поразите кои ги доживеа СДСМ на овие избори, исто како и на локалните избори во 2021 година, ќе бидат основите на кои Славјанка Петровска ќе раководи со СДСМ, доколку биде избрана за претседателка. Таа денес, по поднесувањето на кандидатурата, рече дека е подготвена низ долги и мачни дебати да ги откријат причините за поразите за да можат да продолжат понатаму.
– Ниедна причина за овој пораз кој сега го доживеавме не смее да остане скриена и не смее да остане да виси, да лебди некаде. Тоа, за жал, ни се случи во 2021 година. Тогаш се сметаше дека само со повикувањето на тогашниот претседател Зоран Заев ќе се надминат некои пропусти, но очигледно дека требала некоја посериозна реформа и подлабински промени. Мислам дека овој пат таа лекција е научена, барем од моја страна, и токму затоа ја поднесувам кандидатурата и сакам да застанам на чело на СДСМ – рече Петровска.
Таа се одлучила за кандидатура по долги советувања со, како што рече, поискусните од неа и по 24 години активно членство. Заедно со кандидатурата ја поднела и програмата за работа стокмена во манифест на социјалдемократијата.
– Во програмата се осврнувам на тоа што треба да бидат итни приоритети на новото раководство на СДСМ по големиот пораз што го доживеавме на овие избори. Иако СДСМ во минатото доживувал и порази, но и победи исто така, овој пат ситуацијата е специфична, особено имајќи ги превид политичките околности во државата. На ниту една државна, особено на Северна Македонија не ѝ треба слаба опозиција или никаква опозиција. Затоа пред се е сериозен предизвик над се СДСМ да се исправи, да продолжи по патот на идеологијата на СДСМ и што е најважно да биде цврста опозиција за да може на таков начин да го гарантираме и патот на Република Северна Македонија – вели Петровска.
Таа не сакаше да открие од кого добила поддршка за кандидатурата, но кажа дека тоа што веќе ја поднела значи дека има членови кои ја поддржуваат. Не сакаше да ги каже нивните имиња за да не ги злоупотреби, но рече дека можат оние кои ја поддржуваат доколку сакаат, јавно да го направат тоа.
Освен Петровска, во трка за лидер на СДСМ по двата последователни изборни порази, засега се Венко Филипче и Јован Деспотовски кој допрва се очекува да поднесе кандидатура.