Сателитска снимка од Кочани со точна локација каде се наоѓа дискотеката

Факти за трагичната несреќа во дискотеката во Кочани

Најмалку 59 млади животи згаснаа, а 155 лица се повредени во стравотниот пожар што ноќта во саботата спроти неделата избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани, за време на концертот на скопското дуо ДНК.
Според првичните, официјални информации од надлежните институции, пожарот во дискотеката бил предизвикан од употреба на пиротехнички средства, од чии искри бил опожарен таванот, кој потоа се проширил врз целата покривна конструкција. Чадот и пламенот предизвикале паника меѓу присутните што биле во тој момент во дискотеката, при што дошло до стампедо во обидот побрзо да го напуштат просторот.
Брзото ширење на пожарот, ентериерот, кој бил од лесно запаливи материјали, недоволниот број на излези и големиот број на присутни, кој го надминувал капацитетот на објектот, придонеле за толку големиот број на жртви.


Пожарот се прошири со молскавична брзина

Според изјави на присутни на трагичниот настан што успеале навреме да излезат од дискотеката, пожарот избувнал многу брзо и сѐ се случило за неколку минути.
– Видовме дека почна да гори дел од плафонот, за две минути пожарот го зафати таванот. Почна да чади, но никому не му беше јасно што се случува. И одеднаш почнаа панично да викаат да излегуваме надвор, во таа паника не се гледаше дали одиме еден врз друг, дали некого газиме, само гледавме некако да се спасиме. На крајот на краиштата успеав некако да се спасам така што бев блиску до излезот и некако се истиснав од толпата. Имам повредени другарки и другари, блиски личности за кои немам никакви информации. Тука сум пред болницата и чекам информации за мој другар што има изгореници на рацете и на лицето – изјави за Канал 5 студентка по медицина што сакаше да остане анонимна.
Друго момче што било во публиката кобната вечер вели дека пожарот се случил некаде околу 2.30 часот по полноќ, при што од прскалките што биле на сцената се запалил стиропорот на таванот.
– Слушнав експлозија и падна покривот. После сите брзавме да излеземе, сите трчавме кон една врата, таа е и за влез и за излез – рече младото момче, кое исто така не го откри својот идентитет.


Пиротехниката кобна при употреба во несоодветен простор и без стручен надзор

Пиротехниката се посочува како главна причина за стравотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија најмалку 59 лица, а 155 се повредени.
Според изјави на очевидци што биле на концертот во дискотеката, како и од дел од видеозаписите објавени на социјалните мрежи, се гледа дека по стартувањето на пиротехниката искрите завршуваат во таванот, кој почнува да гори, по што присутните панично се обидуваат да избегаат. Дополнителен проблем е што објектот нема повеќе излези, но и тоа што бројот на присутните го надминува предвидениот капацитет на објектот.


Поранешен вработен во обезбедувањето на дискотеката тврди дека предупредувал на опасностите

Поранешен член на обезбедувањето на дискотеката „Пулс“ во Кочани, Благојчо Ѓорѓиев, вели дека таму се вградувала најевтина изолација и дека редовно се пуштале малолетници.
– Внатре дискотеката, јас колку што знам, а бев присутен додека се правеше, е излепена со најевтината изолација, со сунѓер – тврди Ѓорѓиев, кочанчанец, кој порано работел како обезбедување во дискотеката.
Според неговите зборови, тој редовно го предупредувал газдата дека внатре постојано влегуваат деца, но тој не реагирал, бидејќи се плаќале влезници.
– Кој даде дозвола таа шупа да се нарекува дискотека? Кој направи контрола? Јас имам лично пријавувано дека внатре има еден куп малолетници – вели Ѓорѓиев.


Дискотека надвор од сите стандарди?!

Дискотеката „Пулс“ е сместена во стара приземна куќа, со блокирани прозорци и еден мал влез, кој истовремено се користел и како излез. Покривот бил од дрвена конструкција, врз која биле наредени азбестни табли. Објектот порано се користел како магацин за теписи, а подоцна бил пренеменет во дискотека и како таква работела повеќе години. Дискотеката е сместена во улица со густо наредени куќи и згради. Некои од медиумите објавија дека лиценцата за работа на дискотеката важела до 24 март, но се појавија и информации дека дозволата била истечена минатата година и дека не се знае дали таа била продолжена.


Загина полицаец што контролирал дали има дрога и малолетници во дискотеката во Кочани

Меѓу загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани е и припадник на Министерството за внатрешни работи, вработен во полициската станица во Пробиштип.
Како што изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, животот го загубил полициски службеник од ПС Пробиштип, кој во моментот бил службено ангажиран, односно постапувал по претходно подготвен план за контрола на угостителски објекти во делот на недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во дискотеката во која изби пожарот.
– Искрено сочувство до неговите најблиски. Бев информиран од страна на началникот на СВР-Штип дека полицаецот требало да биде награден за најдобар полицаец на територијата на Пробиштип и на СВР-Штип. За жал, таквото одликување ќе биде дадено постхумно – рече министерот Тошковски на прес-конференцијата пред полициската станица во Кочани.


Од грешките од слични трагедии не научивме… Букурешт, Гетеборг, Сен Лоран-ду-Пон…

Ова е идентичен несреќен случај на она што во октомври 2015 година се случи во дискотеката „Колектив“ во Букурешт, Романија, кога при употреба на пиротехнички средства дојде до пожар во внатрешноста на објектот, при што 27 лица загинаа, а над 200 беа повредени, повеќето млади луѓе и тинејџери.
Експлозија на пиротехнички средства употребени за време на концерт предизвика силен пожар во клубот „Колектив“, кој се наоѓаше на подземен кат во зграда во центарот на главниот град на Романија. Сведоци на настанот потврдија дека таванот се запалил од огнометот што бил пуштен во ноќниот клуб, по што дошло до експлозија и чад. И овој клуб бил несоодветен на намената, немал противпожарен систем, ниту, пак, доволен број на излези за евакуација.


Силјановска-Давкова: Не можам да сфатам како е можно да се случи ова

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова вчера ги посети болниците во Скопје – „Свети Наум Охридски“, „8 Септември“ и Клиничкиот центар, каде што посети дел од повредените во трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој, според досегашните информации, загинале 59 лица, а 155 се повредени.
Македонската претседателка изрази уверување дека повеќето од повредените лица ќе успеат да се спасат.
– Ништо не можам да кажам, страшно. Знам дека тоа се млади храбри луѓе. Верувам дека повеќе од нив ќе се спасат, лекарите се тука. Не можам да сфатам како е можно да се случи ова – рече Силјановска-Давкова.
Таа истакна дека ја споделува болката со родителите, додавајќи дека не може да поверува како се случило ова.
– Ова е нешто што мора однапред да се предвиди, бидејќи не е првпат да сме се соочиле со вакво нешто – рече Силјановска-Давкова.


Мицкоски разговарал со Руте, можно активирање на системот за справување со несреќи на НАТО

Премиерот Христијан Мицкоски вчера разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во врска со несреќата во дискотеката во Кочани, при што зборувале за можно активирање на системот на НАТО за справување со несреќи.
– Се разговарало за актуелната несреќа и за можно активирање на НАТО-системот за справување со несреќи. Испратени се пораки за обединување и сила за справување со последиците од трагичниот настан – информираат од Владата.
Во разговорот Мицкоски посочил дека во овие моменти остануваме обединети и одлучни во борбата против корупцијата, промена на системот и одговорност за причинителите на несреќата.


Тошковски: Осомничени 20 лица, 15 се во полициска станица

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека МВР во координација со Јавното обвинителство до овој момент, во врска со трагедијата во Кочани, има осомничено повеќе од 20 лица. Околу 15 лица се во полициска станица, дел од осомничените за предизвикување на овој кривичноправен настан се починати, дел се во болница.
– Четири осомничени лица се во болница. Два члена на бендот, син на сопственик на дискотека и управител на правното лице што ја менаџира дискотеката. Дел од приведените лица што моментално се во полициска станица се луѓе што имаат директна вина, во согласност со доказите што ги имаме досега. Приведено е едно лице што е организатор на настанот и за кое имаме сомнение дека е еден од оние што имаат директна вина – рече Тошковски.
Приведени се поранешен државен секретар на Министерство за економија, раководител на сектор во Министерство за економија, приведени се и поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени во Дирекцијата.
„Легална лиценца оваа фирма нема. Не би сакал да откривам детали за тој дел оти сме рано во истражната постапка. Сакам да кажам дека оваа лиценца како и многу други работи во Македонија е поврзана со мито и корупција и сакам да напоменам дека во овој случај имаат име и презиме тие кои што се вклучени во нелегалното издавање лиценци и ќе одговараат за тоа“, кажа Тошковски
Претходно министерот Тошковски информираше дека се дадени насоки до сите болници каде што има моментално починати лица, по нивна идентификација да бидат известувани семејствата на истите тие.
Според министерот, ангажирани се полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции, Одделот за форензички испитувања, хеликоптерска единица, антитероризам, Одделот за криминалистичко разузнавање и анализа, криминалистичката полиција и други, се постапува во координација со Министерството за здравство и Центарот за управување со кризи (ЦУК), увидот го води тим од јавни обвинители, а Одделот за форензика при МВР асистира за постапувањето.
– Од страна на МВР се обезбедени болниците и во зависност од повредените ќе бидат извршени разговори со сите контактибилни лица. На сите повредени што се згрижени во болниците во Скопје им е укажана лекарска помош. Од страна на полициски службеници се извршени разговори со над десетина лица, кои се хоспитализирани во скопските болници. Извршен е разговор и со еден од членовите на бендот „ДНК“ – информира Тошковски.
Тој изрази сочувство за починатите во трагедијата во која животот го загуби и полициски службеник од Полициската станица – Пробиштип, за кој кажа дека бил на должност за откривање дрога кај малолетници.
– Работиме интензивно со сите сили со кои располагаме, вклучено е Обвинителството, ќе бидат вклучени повеќе инспекциски служби, кои во текот на денот ќе извршат контроли и вклучени се сите што имаат каква било врска во процес на контрола и конкретни процесни дејствија што може да ги преземе. Се анализира буквално сѐ што може да биде поврзано со овој ужасен настан, како во делот на градежно-техничката документација така и во делот на потребни предуслови за ставање во функција на таков објект, како во делот на соодветни лиценци што би требало да ги поседува истиот тој, како во делот на конкретно постапување за време на настанот, во делот на обезбедување на истиот тој, постапување во согласност со правилници и подзаконски акти – рече Тошковски.


Мицкоски повика на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност

Премиерот Мицкоски се огласи на социјалните мрежи по големата трагедија во Кочани.
– Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна.
Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови.
Ги повикувам сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства. Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија.
Во текот на денот, по согледување на околностите од надлежните институции ќе ѝ се обратам на јавноста со повеќе информации за преземените чекори.
Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија, повикувам на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност.
Бог да биде со семејствата на жртвите и повредените и со народот на Македонија! – напиша македонскиот премиер.


Коцевски најави целосна и брза истрага

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски во првата изјава за медиумите по пожарот во Кочани изјави дека според првичните сознанија најверојатно пиротехничките средства го предизвикале пожарот во дискотеката во Кочани, но нагласи дека не може ништо повеќе да каже бидејќи се врши увид на самото место.
Тројца јавни обвинители вршат увид на местото на пожарот во Кочани и ги прибираат сите потребни докази.
Коцевски најави повеќе информации по завршување на увидот, ќе се издадат наредби и ќе бидат сослушани повеќе лица.
– Можам да гарантирам дека истрагата ќе биде навистина целосна, брза. Ќе ангажираме вештаци од сите области така што ќе ги видиме причините и ќе видиме чија е одговорноста – рече Коцевски.
Обвинителот кажа дека во моментот јавните обвинители издаваат наредби во однос на одговорноста, како хоризонтална така и вертикална, и евентуалните лица што можат да бидат инволвирани и да има одговорност во овој настан.
– Откако Јавното обвинителство беше известено, формиравме тим од петмина јавни обвинители, со тоа што двајца јавни обвинители од ОЈО-Скопје, еден јавен обвинител од ОЈО-Штип и двајца јавни обвинители од ОЈО-Кочани. Дел од обвинителите се на терен, а другиот дел издаваат наредби за одредени процесни дејства – посочи обвинителот.
Коцевски изрази сочувство до семејствата на загинатите, до граѓаните на Кочани и до целиот македонски народ.
– Се работи за голема трагедија – рече тој.
Поради потребата од преземање повеќе дејствија за пожарот во дискотеката во Кочани од кои дел во Основното јавно обвинителство- Штип, обвинителскиот тим е проширен и е вклучен уште еден, шести јавен обвинител од штипското Oбвинителство – информираат од Јавното обвинителство.

Муцунски: Во координација сме со нашите соседи и партнери што понудија помош

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски истакна дека ова е тажен ден за државата и оти нема зборови што можат да бидат утеха за оваа трагедија.
– Тежок и тажен ден за државата. Нема зборови што можат да бидат утеха за оваа трагедија. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите им изразувам најдлабоко сочувство и сила да ја издржат оваа незамислива загуба – наведува Муцунски во објавата на Фејсбук.
Министерот информира дека вчераутро остварил телефонски разговор со свои колеги од повеќе земји, кои изразиле сочувство за несреќата во Кочани и ги понудиле својата поддршка и капацитети на располагање на нашата држава.
– Веќе сме во координација и комуникација со нашите соседи и меѓународни партнери за обезбедување соодветна помош, во согласност со потребите на пациентите и процените на стручните медицински лица – напиша Муцунски.
Муцунски додава дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со сите свои капацитети стои на располагање за секоја неопходна поддршка и помош, во координација со надлежните институции.


Гаши: Целосно расветлување на случајот

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изрази сочувство за трагичната несреќа во дискотеката во Кочани каде што загинаа 51 лице, а над 100 лица се повредени.
– Со длабока тага ја примив веста за тешката трагедија во Кочани, каде што во огромен пожар животот го загубија повеќе од 50 лица и десетици други се повредени. Во мое лично име и во име на Собранието на РСМ изразувам најискрено сочувство до семејствата на жртвите. Ги повикувам надлежните власти да се ангажираат со посветеност за целосно расветлување на случајот, додека ние целосно се солидаризираме со оние што поминуваат низ овие тешки моменти. Нашите молитви и мисли се со сите погодени од оваа трагедија – вели Гаши.


Седумдневна жалост во земјава

Со едноминутно молчење во знак на почит за трагично настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани, македонската влада ја започна вчерашната седница, на која беа донесени повеќе одлуки.
– На вонредна владина седница по трагичниот настан во општината Кочани, Владата донесе одлука за прогласување седумдневна жалост на територијата на целата држава. Секој да се придржува до одлуката, бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Во овие денови Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамките на министерството за огромната несреќа што се случи.
Исто така, на владината седница се донесе одлука со која се задолжува Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор) на територијата на Република Северна Македонија и за наодите од надзорот веднаш да ја известат Владата, за да се утврди фактичката состојба дали истите тие работат според стандардите и ги исполнуваат условите во согласност со законите и прописите на државата.
Влада донесе заклучок за активирање на механизмот за барање меѓународна помош.
Наедно, Владата ја информира јавноста дека во соработка со Министерството за внатрешни работи и другите институции надлежни за целосно расчистување на случајот се собираат материјални докази и дека секој што е инволвиран во овој трагичен настан и свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе биде изнесен пред органите на правдата и соодветно ќе одговара. Никој не е над законот.
Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, во овој трагичен настан не постои збор што може да ја ублажи болката за ненадоместливата загуба.
Целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и нуди здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените.
Наедно, во овие исклучително тешки и тажни моменти за целиот македонски народ, замолуваме да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот – се наведува во соопштението на Владата.