Фото: Архива

Да биде уште поголем парадоксот на непотизмот како општествен феномен, дури и еден Авганистан, кој важи за земја во која буквално не се почитуваат никакви човекови права, едноставно реши да ѝ стави крај на практиката на непотизам и вработување роднини на државни функционери. Имено, деновиве водачот на талибанците им нареди на авганистанските функционери да ги отпуштат роднините што ги ангажирале на позиции во државната управа и компаниите. Во декретот што го потпиша врховниот верски лидер се вели дека функционерите треба да ги отпуштат и заменат синовите или другите членови на семејството што ги вработиле и да се воздржат од вработување роднини во иднина…

Непотизмот со години ја разјадува македонската држава и можеби тука треба да се бара причината зошто толку млади ја напуштија Македонија изминатите години без никаква намера повторно да се вратат.
Без оглед на декларативните заложби на функционерите дека ќе се борат против непотизмот со сите сили, јавноста сведочи токму на спротивното, на масовно вработување синови, сопруги и други блиски роднини на клучни функции. И не само функции, ним им се делат профитабилни бизниси, ексклузивни деловни простори, недвижен имот на локации каде што по некоја „случајност“ редовно следува експропријација и се наплатуваат огромни суми, хотели, одморалишта и буквално сè што може да донесе профит. Ним им е дозволено да градат во заштитени подрачја без дозвола, да прават прекршоци и да минуваат неказнето.
Најнов пример дека непотизмот станува матрица на структурно организирање на државата откриваат списоците на Советот на јавни обвинители, од кои може да се увиди дека на конкурсот за избор на нови обвинители во Кичево и во Гостивар се пријавиле сопругата на Ислам Абази, шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, и синот на Талат Џафери, претседателот на македонското собрание. Повеќе од извесно е дека тие речиси сигурно ќе ги добијат обвинителските места, најмногу поради влијанието на актуелните високи државни функционери.

Непотизмот – прекршок без казна

Несомнено и овој класичен пример на непотизам ќе заврши како и сите други, без вистинска разврска од страна на оние што треба да се борат против непотизмот и корупцијата.
– Сензацијата е поголема кога станува збор за дете на функционер. И моето дете има право да конкурира и да биде примено на работа – изјави неодамна Талат Џафери, без да објасни зошто само неговото дете добило можност предвреме да полага правосуден испит, ако веќе се повикува на еднаквост со сите.
Синот на Џафери е само едно од децата на политичарите што положија во Академијата за судии и јавни обвинители. Речиси 18 отсто од положените кандидати, кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители.
Слична е состојбата со непотизмот и во другите сфери, почнувајќи од образованието, здравството, културата, па дури и спортот. Синови и ќерки ги наследуваат своите татковци и мајки на факултетите, на клиниките, во институтите, буквално секаде каде што нивниот родител ќе може да ги пикне додека е на функција.
Затоа и не треба да зачудува зошто сè повеќе млади не ја гледаат својата иднина во земјата во која израснале и заминуваат во странство. Знаењето што го стекнале едноставно ниту можат да го наплатат во Македонија, а уште помалку да го развиваат, додека за некакво напредување во кариерата воопшто и не станува збор.
Да биде парадоксот уште поголем, дури и еден Авганистан, кој важи за земја во која буквално не се почитуваат никакви човекови права, едноставно реши да ѝ стави крај на практиката на непотизам и вработување роднини на државни функционери.
Имено, неодамна водачот на талибанците им нареди на авганистанските функционери да ги отпуштат роднините што ги ангажирале на позиции во државната управа и компаниите. Во декретот што го потпиша врховниот верски лидер се вели дека функционерите треба да ги отпуштат и заменат синовите или другите членови на семејството што ги вработиле и да се воздржат од вработување роднини во иднина.
Апсурдно е што дури и талибанците покажуваат поголема свесност за токсичноста на непотизмот за општеството и преземаат некакви чекори да го спречат тоа, а во исто време во Македонија не само што никој не се бори против непотизмот туку оваа појава станува нормален начин на општествено функционирање.

Карванот си врви, а не смее да помине како таков

Непотизмот можеби ги влече корените од средновековна Италија, кога тој термин го вовеле папите, кои на членовите на нивните семејства им ги отстапувале највисоките места во клерот, но ниту од средниот век нешто се променило, ниту, пак, непотизмот останал само во Италија. И Македонија е добар пример за запоседнување на државата преку непотизам. Сето ова завршува според онаа народната „кучињата лаат, карванот си врви“. Ваквите афери повремено ќе се најдат во медиумите, ќе има некаква реакција од јавноста два-три дена, но во суштина многу брзо сè ќе се заборави и никој за тоа нема да преземе одговорност.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека непотизмот веќе зел силен замав, а реакцијата изостанува.
– Во Македонија веќе 30 години владее непотизам и тоа е одлика на сите администрации досега, без разлика од која провиниенција или етникум доаѓа, и тоа е навистина екстремно лошо. Една од тежишните причини е непотизмот, за што сите квалитетни кадри се иселија од Македонија и не постои веќе квалитетен човек што останал во земјава токму поради таквите политики на вработување синови, ќерки и други роднини – вели Пекевски.
Според него, и ова е една од причините за состојбата во која се наоѓа Македонија, односно поради ваквите роднински политики на поставување луѓе на клучни позиции.
– Резултатот е тоа што Македонија ферментира, но ќе видиме во која насока… Имаме носители на јавни функции што немаат никакви знаења, образование и квалитети ниту да водат куќен совет, а не, пак, држава. Одговорност – никаква, и за ништо сторено и за штетни поведенија! Тоа е недопустливо! Затоа ни се иселуваат луѓето, затоа владее корупција, затоа ни умираат шестгодишни деца во болници, затоа се вадат погрешни органи при операции, затоа затворениците излегуваат од затвор како да е шеталиште итн. Состојба на системски застој – констатира Пекевски.
Повеќе од јасно е дека проблемот на непотизмот е толку длабоко вкоренет што веќе и не се препознава како зло само по себе, туку како нешто нормално и пожелно.
– Да замислиме дека во некој момент на искреност секој, а особено луѓето на некоја „функција“, ќе се запраша: Дали ги должам својата позиција и работно место на критериумот на знаење и струката или, пак, некому, односно на нешто друго? Тука се крие одговорот зошто проблемот на „врските“ и натаму опстанува, без оглед на сознанието дека тоа навистина е проблем – сметаат социолозите.
Според нив, непотизмот е присутен од почетокот на самостојноста на Македонија пред нешто повеќе од 30 години, но бил присутен и во поранешната држава.
– Од почетокот на 1990-тите години до денес не стана јасно дека критериумот „наши и нивни“ и „партиски кадри“ секогаш произведува проблеми, а не само кога го применуваат „нивните“. Напротив, приврзаниците на тој модел на вработување и кадровски политики се обвинуваат меѓусебно за проблемите, во зависност од политичката припадност. Но кога тие ќе дојдат на власт, продолжуваат со истите практики на вработување блиски луѓе од семејството. Затоа денес сме заплеткани во тешкопроодна и високоотпорна мрежа на партиски и роднински врски, кадровски решенија според подобноста, како и вечната парола „снајди се“ – заклучуваат социолозите.