Будимирка Поповска, уметница

„Супа од чиопа и други фосфени“ е насловена изложбата на Будимирка Поповска во галеријата „Метаноја“, која претставува приказна за птиците чиопи што живеат во пештера на остров среде најтивкиот океан на планетата Земја. Од нивните гнезда луѓето ја прават највкусната супа во светот. Ако супата се јаде со затворени очи, во внатрешното видно поле се појавуваат т.н. фосфени, лажни ѕвезди што постојано трепкаат зад спуштените очни капаци…
Будимка Поповска е писателка, поетеса, сликарка. Досега ги објавила книгите: „Врата“ во 1994 година – графичка поезија, „Ботичелиев каталог“ во 2019-та, „Феминистички народни песни“ (заедно со Д. Димитровска и М. Стефановска) во 2021-та и „Пргавиот зајак“, нејзина прва илустрирана книга за деца.

Што раскажуваат цртежите од изложбата?
– „Супа од чиопа“ е приказна за моето соочување со себеси во текот на пандемијата. Една од фазите на моето самоспознавање. Првата година од пандемијата со леснотија се приспособив на вонредната ситуација во поглед на изолациите, карантините и сличните други моменти, но потоа нештата добија поинаков тек, а кулминацијата достигна со почетокот на војната во февруари 2021-та: емигрантската криза од пред тоа се претвори во приказна за глобална вакцинација на светот и наеднаш сето тоа, како на филмско платно, прерасна во инвазија на Украина… На индивидуален план, сето тоа многу влијаеше на приватноста на сите осум милијарди жители на планетата Земја. Стравот и колективната истрауматизираност со феноменот на умирачката се избанализираа до максимум. Сликите изложени на оваа изложба за мене беа еден вид терапија за полесно да се справам со не баш розовата реалност.
Така, некаде веднаш по почетокот на војната си ја поставив задачата: „Секој ден слика!“, сакајќи да си одговорам на прашањето дали навистина „во војна музите молчат“, инспирирана од една латинска поговорка, која вели: „Во војна музите молчат!“. Наметнатата криза со пандемијата траеше веќе добри две и пол години и таа паричка за мене имаше две страни: едната беше одличната можност за продлабочување на работата на себе (нешто од што јас интимно веќе чувствував презаситеност), а од друга страна еден блескаво (и по мое длабоко убедување, спонтано) изведен блицкриг на глобалните геополитички случувања и директен упад во манирот на кој проблемите ги решавала една античка Спарта. Ужасна регресија на цивилизацискиот тек, нешто како изведба на нашето традиционално (локално, ама одеднаш толку светско) оро „две назад, едно напред“, при што секое наредно напред е условено од две назад. Познатиот но подзаборавен спартански метод на решавање на проблемот со недостатоците на општеството беше слабите, немоќните, болните и старите да се доведат до работ на амбисот. И таму едноставно да им се помогне да го направат потребниот чекор кон напред: фамозниот „скок во празно“, при што секој што ќе видеше нелогичност или бесмисленост на методите, немаше како да го изартикулира своето несогласување. Токму поради наметнатите супресивни околности на фрагментација и стераност во аголот на нешто „ново“ и непознато, кое зад истиот тој агол ќе треба да се стандардизира како некакво „ново нормално“, се разбира ако молкот и покорноста на старите ненормални успеат да поминат преку работ на масовна роботизација и заглупавување на населението на планетата Земја.
Од што се инспирирате?
– Инспирацијата е најчудесната работа на овој свет. За уметникот е нешто како лебот насушен. Кога нема инспирација, уметникот не може да дише. Таа доаѓа и си оди кога сака, а уметникот е целосно зависен од нејзината милост. Од друга страна, постои и нешто што се вика „дисциплина на ᾿рбетот“, што можеби секој уметник, за да си го олесни креативниот процес и воопшто животот, може и треба да го научи. Да си осмисли свој сопствен, автентичен ритуал на привикнување на инспирацијата. Но тоа воопшто не е толку лесно како што се чини: инспирацијата е неумолива, па ритуалот мора да биде некаква умешност на создавање празен простор во себе, место испразнето од сѐ друго, за да може нешто ново, непознато да атерира во моментот кога ќе посака. Скротување на каприциозноста. Како птица кога се дресира и се пушта наоколу да лета, се следи нејзиниот лет и се чека мигот кога ќе се врати на рамото на дресерот. Оваа „дресура“ честопати знае да биде и исцрпувачки неизвесна за уметникот експериментатор – не знаеш дали птицата ќе се врати и дали ќе се врати таква каква што била?! Таа е секогаш чудесно нова и од неа блика силата на Изворот. И во една фаза од правењето на делото, јас лично секогаш преживувам своевидна криза (или катарза), во смисла ми доаѓа да престанам со работата, бидејќи не знам каде води сето тоа, таа неизвесност на потегот, движењето, изборот на бојата. Како да се прелеваат свесното и несвесното, како две струи во подземните води на океанот коишто всушност го одредуваат движењето на брановите на површината. Таа фаза е некаде пред крајот на процесот и ако се преживее успешно, за кратко време сликата е родена. Потоа радоста е неопислива. Уметникот е некаков канал низ кој тече овој флуид и треба само да биде доволно смирен да дозволи сликата „сама“ да се нацрта. Истовремено, има многу недовршени слики оставени на милост и немилост на времето, чекајќи некој среќен миг кога птицата самата ќе долета и ќе му шепне на уметникот, ќе го вдахне каде да стави линија, боја, како да продолжи и да дојде до крајот… може да се работи и без инспирација, но тоа е како силување на делото, тоа е само техничка изведба и имитација на уметност, амбиција. Уметниците понекогаш го прават овој компромис со себеси поради големата желба да создаваат уметност. Но и тоа не е катастрофа, тоа исто така внесува убавина во животот на луѓето.
Каква симболика носи насловот?
– Симболиката е буквална. Навистина на островот Борнео живеат во пештери птиците наречени чиопи, кои со својата плунка прават гнезда коишто луѓето кога ги откриле ги оквалификувале како вистински мали архитектонски чуда, а освен тоа случајно откриле дека кога овие гнезда ќе се сварат, се добива многу вкусна и високопротеински богата супа, која набрзо станала познат специјалитет по рестораните и хотелите на островот. Бидејќи животните како мотив и воопшто природните феномени се многу присутни во моите слики, решив токму чиопата, за која еден пријател ми кажа (Коста) дека во превод на македонски би било пиштарка, да биде во насловот на изложбата.
Како ги опишувате цртежите?
– Зборови што органски се поврзани со ликовниот израз. И тие зборови или се наслови на сликите или, пак, се испишани како мали текстови-поезија на самите слики. Бидејќи многу ги сакам македонските шлагери (од 1970/80/90-тите години), тие често наоѓаат место на моите слики, како што е на пример преубавата песна „За нас почнува живот“ од Драган Ѓаконовски-Шпато, во изведба на Даниела Панчетовиќ. Оваа песна од поетски аспект е едно вистинско мало зен ремек-дело. Феноменот на испреплетеноста на животот и смртта, она што мене секојдневно ме фасцинира, дека животот се раѓа од пепелта, дека семето за да про᾿рти прво мора да умре исто така го обработувам во сказната што е визуализирана на сликата „Пепелашка и Феникс“. Инаку, за да дојде воопшто до изложбата на „чиопите“ се најзаслужни Наде и Коста Милкови, од галеријата „Метаноја“, на кои во оваа пригода им изразувам огромна благодарност. Како што рече една моја фејсбук-пријателка, тие се „луѓе со кои животот во Македонија е поубав и вреди да се живее…“
Споивте делови од песна и цртеж….
– Да, за мене е тоа неодолива комбинација. Обидот да објасниш дека ние луѓето сме чиста светлина.. Колку е посилен околниот мрак или примрак, оваа светлина посилно сјае. Самите букви за мене се како ремек-дела од слики, секоја буква е приказна за себе, еден совршен архетипски симбол на мисла, идеја, поим вообличен во ликовна претстава… а во неговата крајна суштина претставува звук. Тој предизвик да се спојат звукот и светлината за мене е еден бесконечен извор на инспирација и постојано вдахновување со нови идеи, а за ова пронајдов аналогија во објаснувањето на поимот „фосфени“, кој во квантната физика, па и во биомедицината, се објаснува како еден вид внатрешни светулки или фосфори под притисок. И тоа го искомбинирав со приказната за пештерските птици чиопи. Имено, фосфените се визуелна појава што се карактеризира со гледање светлина, без таа (светлината) всушност да влезе во окото: триењето на очите додека се затворени ги стимулира клетките на мрежницата и оптичкиот нерв го пренесува овој притисок создавајќи во внатрешното видно поле обоен прстен на светлина, најчесто од другата страна на полето. Ова може да се случи при кивање, кашлање или при удар на главата, нели тогаш велиме „ги видов сите ѕвезди“.