Премиерот Димитар Ковачевски ги претстави приоритетите на новата влада
Удвојување на економскиот раст, справување со енергетската криза, одговор на пандемијата, зголемување на минималната плата и пензиите, бескомпромисна борба против корупцијата и продолжување на евроинтегративниот процес со заштита на идентитетот се клучните столбови во програмата на новата македонска влада, предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Македонското собрание во неделата пред полноќ ја избра новата влада на чело со Ковачевски, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Новиот министерски состав беше избрана со 62 гласа, а против беа 46 пратеници на опозициските партии. Од партиите од владејачкото мнозинство не гласале пратеничката од СДСМ, Лолита Ристова, поради ковид-19, и пратеникот од ДУИ, Изет Меџити.
Во владата на Димитар Ковачевски има девет нови имиња, додека 11 беа дел од владата на Зоран Заев, во која Ковачевски беше заменик-министер за финансии. Во новата влада коалицијата „Можеме“ на СДСМ има 11 министри, ДУИ на Али Ахмети шест и тројца од новиот коалициски партнер – Алтернатива на Африм Гаши.
Министри без ресор се поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битичи и поранешниот министер за правда Бојан Маричиќ, а нови имиња во Владата се Славица Грковска и Џемаил Чупи.
Во експозето на програмата, Ковачевски најави дека неговата влада ќе се посвети на економијата, енергетскиот развој и зголемувањето на вработеноста, и на напорите за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Како приоритети се поставени раст на платите и покачување на минималната плата, зголемување на пензиите и удвојување на економскиот раст на БДП до 5 отсто.
Тој додаде дека очекува опозицијата да биде конструктивна и да соработува со владејачката коалиција за да се носат најдобри одлуки за државата и граѓаните.
– Легитимитетот на Владата е неспорен и со зголемената поддршка на мнозинството одржлив во следните две и пол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. Дотогаш, ќе работиме посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на секој граѓанин – порача Ковачевски.
Во пресрет на преговорите со Бугарија и посетата на нивниот премиер Кирил Петков, Ковачевски испрати јасна порака до граѓаните.
– За Владата не постои никаква дилема – никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик. Разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, бидејќи ние сме пријателска земја, која развива добрососедство, и бидејќи имаме исклучителен стратегиски интерес да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ – рече Ковачевски.