Фото: ЕПА

Она што охрабрува во целиот контекст на регионалната војна со глобални последици е дека и покрај разликите во ставовите на големите светски сили, како на пример САД и Кина, при барањето решение за надминување на оваа состојба на постојана закана за глобално прелевање на конфликтот и повеќеслојна криза во светски размери, како и покрај евидентното ривалство во процесот за репозиционирање на моќта и влијанието, се слушаат гласови на разумот, но и конкретни предлози за решавање на споровите и за одговорност кон историјата

Охрабрувачки заложби на големите сили за окончување на воениот конфликт во Европа и санирање на последиците од него

Развојот на настаните на фронтот во руско-украинската војна и понатаму предизвикува глобална загриженост веќе 16 месеци. Од оваа временска дистанца се препознаваат повеќе фази во пристапот на меѓународната заедница во обидите за надминување на конфликтот, но исто така забележливо е дека овој воен геополитички предизвик сериозно се рефлектира на геополитичкото позиционирање на големите сили, кое некои аналитичари го нарекуваат репозиционирање на зоните на влијание на центрите на моќ. Секако дека таквите процеси неизбежно влијаат и на филозофијата и начинот на живеење на целата планета, најмногу преку економските процеси, достапноста на енергентите и другите суровини неопходни за одржлив развој на населението и државите, како и за економскиот развој и просперитет на глобалното општество. Она што охрабрува и дава надеж во целата состојба на „глобален општествен слободен пад“ е дека токму сега, во екот на воениот европски судир, големите сили увидоа дека е крајно време да се поттикне и најде решение за надминување на оваа состојба на постојана закана за глобално прелевање на конфликтот, и покрај евидентното ривалство во процесот за репозиционирање на моќта и влијанието. Гласот на разумот, миротворството, конструктивноста и уважувањето стануваат сѐ подоминантни, но, рака на срце, ништо од тоа не би можело да се реализира доколку големите светски сили не најдат заедничко прифатливо решение за запирање на војната и давање нова форма и импулс за развој на светските трендови.

Чувство на одговорност за историјата, човештвото и светот и правилно
заедничко справување со предизвиците

При неодамнешната посета на државниот секретар на САД, Антони Блинкен, на Кина, тој и кинескиот претседател Си Џинпинг го „скршија мразот“, промовирајќи нов пристап на одговорност во барањето решенија за светските кризи.
– Двете земји треба да дејствуваат со чувство на одговорност за историјата, луѓето и светот и правилно да се справат со односите Кина – САД. За да се биде одговорен за историјата, треба да се разбере дали двете земји можат да го најдат вистинскиот начин заеднички да се соочат со иднината и судбината на човештвото – изјавил во тој контекст Џинпинг, ставајќи го акцентот на широката и длабока одговорност што ја имаат големите држави.
Токму на таа средба беше искажан ставот за нецелисходноста на постојаната ирационална трка на велесилите, наместо таа да се насочи во заедничка трка за просперитет и напредок.
Натпреварот на велесилите не го претставува трендот на времето, а уште помалку може да ги реши проблеми на САД или предизвиците со кои се соочува светот, бил ставот искажан на заедничката средба, при што заеднички било заклучено дека „трендот на светот е недвосмислен: тоа е тренд на мир, развој и победничка соработка. За одржување на таквиот тренд, стариот систем на колонијализам и хегемонизам нема да функционира во денешниот свет“.
На средбата било истакнато дека двете страни, САД и Кина, треба да останат посветени на заедничкото разбирање што претседателот на САД, Џо Бајден, и претседателот на Кина, Џинпинг, го постигнаа минатата година на Бали, Индонезија, и да ги преточат позитивните изјави во активности за да се стабилизираат и подобрат односите меѓу Кина и САД.

Конечно духот на добра волја, соработка и миротворство се почувствува кај светските лидери

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, во името на Вашингтон, но и во името на иницијативата за воспоставување стабилност и соработка, јасно порачал дека „САД се посветени на враќање на агендата поставена од двајцата претседатели на Бали. Соединетите Американски Држави стојат на обврските преземени од претседателот Бајден“. Блинкен потврдил дека САД не бараат нова студена војна, не бараат промена на системот на Кина и не бараат конфликт со Кина.
Иако делови од средбата беа многу различно интерпретирани од различните центри на моќ во светот, јасно е дека главната нишка на средбата беше во духот на добрата волја а миротворството, враќањето и воспоставувањето ред и одржлив меѓународен поредок беа лајтмотивот на оваа извонредно значајна средба. Битно е дека големите сили веќе се свесни дека времето истекува, а во ваква ситуација тоа не работи во полза на европските држави, на светот и на човештвото. Напротив, спиралата на насилство, војна, економска и енергетска криза ги влече сите надолу. Затоа е јасна пораката за што побрзо и поефикасно преземање заеднички мерки, првенствено на големите сили, кои имаат и најголема одговорност.