ФУДБАЛ
Бускетс ќе игра со Меси во Интер Мајами

Интер Мајами го објави потписот и на капитенот на Барселона, Серхио Бускетс, обединувајќи го со поранешниот соиграч Лионел Меси, пишува „Би-би-си“. Бускетс во мај објави дека ќе го напушти шампионот во Ла лига по 18 години во клубот. Меси (35) овој месец потврди дека се преселил во Интер Мајами од Пари Сен Жермен. Бускетс и Меси играа заедно во Барселона од 2008 до 2021 година. Тие беа дел од успешен тим, кој освои три трофеи во Лигата на шампионите, осум шпански титули и шест купа на таа земја.
Поранешниот капитен на Шпанија, Бускетс, одигра 722 натпревари за Барселона и со тоа е трет со најмногу настапи за тој клуб. Во текот на неговите 15 години во сениорскиот тим постигна 18 гола и имаше 40 асистенции. Бускетс му се приклучи на клубот во 2005 година како младинец, напредувајќи во Б-тимот на Барселона пред да дебитира за првиот тим кај тренерот Пеп Гвардиола во лигашкиот натпревар во 2008 година против Расинг Сантандер.
Во објавувањето на одлуката на Бускетс да го напушти клубот, Барселона го опиша како „еден од најдобрите играчи што некогаш го претставувале клубот“. Тој се повлече од меѓународниот фудбал во декември лани, откако ги освои Светското првенство во 2010 година и Европското првенство во 2012 година со Шпанија. Н.М.


Клупски рекорд на Барселона – има шпански прваци во шест спорта

Спортското друштво Барселона сезонава израмни клупски рекорд, откако професионалните спортски тимови освоија вкупно 19 различни големи трофеи, со што е израмнет највисокиот резултат на сите времиња, објави клубот на својата интернет-страница. Згора, тимовите на тој клуб освоија шест домашни титули, што е рекорд за тоа спортско друштво, откако Барселона ги освои шпанските титули во фудбал и за мажи и за жени, во машките првенства во кошарка, ракомет, ролер-хокеј и во футсал.
Најблиску до ваков резултат Барселона претходно беше кога ги освои сите четири домашни титули во четирите спорта во кои настапија тимовите во сезоната 1998/1999. Но во тие денови Барселона немаше професионален тим во футсал и во фудбал за жени. Женскиот тим беше основан во 2002 година, футсал-тимот во 2006 година, а оттогаш Барселона имаше по пет титули од шест можни во сезоните 2011/2012 и 2020/2021, кога ги освои сите домашни првенства освен во фудбал за мажи, пишува Барселона.
Вкупно 19-те трофеи сезонава собрани од тие шест екипи се најголемиот број пехари во клупската историја, што се совпаѓа со трофеите освоени во сезоните 2011/2012, 2014/2015, 2017/2018 и 2018/2019. Машкиот фудбалски тим ги освои Ла лига и шпанскиот Суперкуп. Покрај четвртата последователна титула во лигата, жените го освоија и шпанскиот Суперкуп, а потоа вторпат победија во Лигата на шампионите. Во кошарка, тимот ја освои шпанската лига, а славеше и во каталонското првенство. Неодамна крунисаниот шампион на Шпанија во хокеј на ролери претходно славеше во Купот и во Суперкупот на Шпанија. Најголем број пехари освоија ракометните и футсал-тимовите. Ракометниот тим освои пет, и тоа пехарите во Лигата, Купот, Лига-купот, Суперкупот и во првиот Ибериски суперкуп, во кој во финалето го победи Порто. Футсал-тимот ја комплетира колекцијата трофеи со победите во првенството, Купот, шпанскиот Суперкуп и во Копа Каталуња, пишува Барселона. Н.М.


АТЛЕТИКА
Хјуз истрча за три стотинки побавно од европскиот рекорд на 100 метри

Жарнел Хјуз го собори 30-годишниот британски рекорд на Линфорд Кристи на 100 метри за атлетичари и оствари втор најдобар резултат на Европеец, откако забележа време од 9,83 секунди на митинг во Њујорк (САД). Резултатот на Кристи е 9,87 секунди од Светското првенство во 1993 година. Европскиот рекорд е во сопственост на Италијанецот Марсел Џејкобс, кој патеката од 100 метри ја истрча со време 9,8 секунди, кога го освои златниот медал на Летните олимписки игри во Токио, во 2021 година. Хјуз во минатата година стана европски шампион на 200 метри. Во Њујорк втор беше Јамајчанецот Аким Блејк (9,93 секунди), а трет беше светскиот шампион на 100 метри од 2019 година, Кристијан Колман од САД (10,02 секунди).
Победничкото време на Хјуз е второто најбрзо на 100 метри досега забележано на митинг во Њујорк. Единствениот атлетичар што истрча 100 метри побрзо е светскиот рекордер Усеин Болт, чиј резултат од 9,72 секунди во 2008 година беше светски рекорд во тоа време. И двајцата беа тренирани за нивните настапи од Глен Милс, пишува Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница. Н.М.


ФУДБАЛ – МЛАДИНСКО ЕП 2023

Шпанија и Украина веќе се четвртфиналисти

Репрезентациите на Шпанија и на Украина по само две кола први се пласираа во четврт-финалето на Европското првенство за фудбалери до 21 година, кое се игра во Романија и во Грузија. Во таа група во второто коло со по 1-0 Шпанија и Украина ги совладаа селекциите на Хрватска, односно на Романија и сега имаат по шест бода.
По првите два натпревара Грузија води во групата А, со четири освоени бода, по два повеќе од Белгија и од Холандија, а три повеќе од Португалија. Синоќа се играа вторите кола во групите Ц и Д, во кои во првото коло победи забележаа Англија (група Ц), Швајцарија и Франција (група Д). Титулата на минатото младинско континентално првенство ја освои селекцијата на Германија, која во првото коло на групата Ц ремизира 1-1 со репрезентацијата на Израел. Н.М.


ФУДБАЛ

САД со реми ја почнаа одбраната на титулата

Фудбалската селекција на САД со реми ја почна одбраната на титулата првак на Северна Америка, откако одигра 1-1 со Јамајка, во Чикаго, на отворањето на 17-то континентално првенство, кое се игра во САД и во Канада. На шампионатот настапуваат 16 репрезентации, а како гостин игра селекцијата на Катар.
На фудбалското првенство на Северна Америка во 2021 година, репрезентацијата на САД, која беше домаќин на турнирот, во финалето ја победи селекцијата на Мексико со 1-0 по продолженијата и ја освои седмата континентална титула, по што има една помалку од водечкиот Мексико. Еден трофеј освои репрезентацијата на Канада.