ВОЈНАТА ВО УКРАИНА СЕ ПРИБЛИЖУВА КОН СВОЈОТ КРАЈ – МАКЕДОНИЈА ДА ПОБРЗА!
Доколку во наредниот период навистина дојде до прекин на огнот и до конечен мировен договор во Украина, Европа ќе влезе во една сосема нова политичка и економска ера. За милиони луѓе тоа ќе биде добра вест поради мирот и стабилноста. Но за државите што знаат да размислуваат стратешки, тоа ќе биде и историска економска можност. Предизвикот што се наметнува е Македонија да биде подготвена!
Економска шанса за Македонија: Украина ќе стане најголемото
европско градилиште во следните децении
Разговорите меѓу големите светски сили и дипломатските иницијативи, кои се интензивираат во последниот период, укажуваат дека постои сериозна политичка волја за отворање мировен процес. Паралелно со тоа, од изјавите на релевантни функционери може да се заклучи дека комуникацијата меѓу одредени безбедносни структури на завојуваните страни никогаш целосно не престанала. Сето тоа покажува дека се создава амбиент во кој мировните преговори повеќе не се далечна можност, туку реално сценарио. Доколку дојде до траен мир, Украина ќе стане најголемото европско градилиште во следните децении. Ќе бидат потребни милијарди евра за реконструкција на инфраструктурата, енергетиката, транспортот, станбениот сектор, земјоделството, дигиталните системи и индустријата. Тоа ќе биде еден од најголемите економски проекти на европскиот континент по Втората светска војна.
Македонија нема право да го преспие историскиот момент
Во вакви околности, нашата држава не смее да се задоволи само со декларативна поддршка за мирот. Не смееме да останеме набљудувачи додека другите се подготвуваат за огромните економски можности што доаѓаат. Нашата задача не е да чекаме. Нашата задача е да се организираме. Токму затоа уште денес треба да почне подготовката за формирање македонски конзорциум за Украина.
Национален проект надвор од дневната политика
Ова не е партиска идеја. Ова не е владина или опозициска тема. Ова е национален економски интерес. Владата, стопанските комори, бизнис-асоцијациите, универзитетите, експертската јавност и македонската деловна дијаспора треба веднаш да седнат на заедничка маса и да започнат со креирање институционална платформа за настап на украинскиот пазар. Потребен ни е национален центар за координација. Потребна ни е стратегија. Потребна ни е мапа на капацитетите што Македонија може да ги понуди.
Визија во насока на напорите за градење на посакуваниот национален консензус
Македонските компании поединечно тешко ќе можат да конкурираат за големи проекти во Украина. Но доколку настапат обединето, како конзорциум, можат да понудат комплетни решенија и да бидат сериозен партнер на меѓународните инвеститори. Уште повеќе, треба да размислуваме и регионално, на пример. Доколку е потребно, македонските компании треба да се поврзат со фирми од соседството и заеднички да настапуваат на тендерите што ќе се отвораат во повоена Украина. Во современата економија победуваат оние што се организираат навреме.
Единствениот европски пазар и новата геополитичка реалност
За Македонија е исклучително важно да го забрза својот пат кон подлабока економска интеграција со Европската Унија. Влезот во европскиот економски простор, пристапот до единствениот пазар и слободното движење на стоки, услуги и капитал ќе бидат клучни предуслови за нашите компании да можат успешно да се позиционираат. Доколку Украина навистина добие забрзан европски пат, тогаш и Македонија мора да покаже поголема амбиција и поголема подготвеност. Историјата нема долго да чека.
Време е за мобилизација на македонскиот мисловен и творечки дух
На Македонија денес не ѝ недостигаат идеи. Не ѝ недостигаат претприемачи. Не ѝ недостигаат инженери, градежници, ИТ-компании, земјоделски експерти, логистичари и визионери. Она што ни недостига е организираност. Затоа е потребна широка национална мобилизација на мисловниот, творечкиот и на стопанскиот потенцијал! Време е државата да ги собере најдобрите умови. Време е институциите да покажат лидерство. Време е бизнисот да покаже визија. Време е јавноста да ја препознае големината на можноста што се отвора пред нас.
Повик до јавноста да се дејствува сега и веднаш!
Утрешните можности се освојуваат со денешни подготовки. Затоа повикот е јасен: Да започне иницијатива за формирање македонски конзорциум за Украина. Да се создаде национален центар за координација на активностите. Да се направи база на компании, експерти и капацитети. Да се воспостават контакти со украинските институции и стопански организации. Да се подготват конкретни проекти и партнерства уште пред да заврши војната. Кога ќе дојде мирот, ќе биде предоцна за подготовка. Тогаш ќе победи оној што бил подготвен. Затоа Македонија мора да почне веднаш. Не утре. Не следната година. Туку денес. Бидејќи во повоената обнова на Украина нема да се дели мал колач. Ќе се гради нова економска реалност на европскиот континент. Прашањето е само едно: дали Македонија ќе биде дел од неа?
Редакција „Нова Македонија“
ВРЕМЕ Е ЗА МАКЕДОНСКА СТРАТЕГИЈА ЗА УКРАИНА
„Национален центар за Украина“„Национален центар за Украина“
Некои размислувања за акциски план во 10 точки

































