Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја прифати поканата на Српската православна црква за одржување литургија на помирување, што треба да се одржи денеска во храмот „Свети Сава“ во Белград.
– Ја прифативме поканата од српскиот патријарх, односно Соборот на Српската православна црква за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет, се разбира, со оваа архијерејска литургија што ќе се отслужи во Соборниот храм посветен на Свети Сава – изјави вчера портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј.
Според најавите, заедничката литургија ќе почне денеска, во девет часот, а српскиот патријарх Порфириј, како што наведуваат српските медиуми, го повикал верниот народ во што е можно поголем број да присуствува на архијерејската литургија.
Владиката Тимотеј по вчерашниот координативен состанок на Светиот синод во врска со одлуката на СПЦ за прогласување канонско единство со МПЦ-ОА, посочи дека МПЦ на литургијата ќе ја предводат архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и тројца митрополити во ранг најстари, во придружба на неколку нивни соработници.
Тој појасни дека со ова се воспоставува единство не само со СПЦ туку и со другите православни цркви.
– Тоа е еден чекор до очекуваното конечно постигнувањето на посакуваната цел, автокефалност на МПЦ – посочи владиката Тимотеј.
Одговарајќи на новинарски прашања, владиката рече дека очекуваат до крајот на месецов сите православни цркви да го прифатат канонското единство на МПЦ-ОА и да биде потпишан томосот од цариградскиот и од српскиот патријарх.
– Сето ова што се случува е чекор напред. Ние баравме автокефалност – појасни владиката Тимотеј.


Пендаровски со писмо до Вартоломеј

Претседателот Стево Пендаровски испрати писмо до архиепископот цариградски – Нов Рим и вселенски патријарх Вартоломеј во однос на признавањето на каноничноста на Охридската архиепископија од страна на Вселенската патријаршија.
Пендаровски во писмото оценува дека со примањето на МПЦ-ОА во канонско единство и во евхаристичко општење, била исправена „историската неправда нанесена врз Црквата и нејзините верници.“
– Вие ја исправате историската неправда нанесена врз Црквата и нејзините верници и ги исцелувате длабоките рани предизвикани од децениската изолација. Особено е важно што на нашата Црква ѝ го признавате и нејзиниот историски континуитет со древната Охридска архиепископија, која низ вековите била прибежиште и извор на духовна сила и надеж за православните верници – наведува Пендаровски во писмото.
Претседателот исто така изрази надеж и очекување за скорешно конечно решавање на административниот статус на МПЦ-ОА преку доделување томос за автокефалност од страна на Вселенската патријаршија.
Како што наведува македонскиот претседател во писмото до вселенскиот патријарх Вартоломеј, целосното заокружување на автокефалноста на МПЦ-ОА е од врвен национален интерес, бидејќи отвора можност „за нов и необременет духовен раст на Охридската архиепископија и напредок и помирување во македонското општество“.