Градежништвото, особено нискоградбата, ќе помогне во економскиот развој на државата и очекуваме Македонија да има најголем раст во регионот годинава, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
– Ние очекуваме градежништвото да биде главен двигател на економскиот раст, очекуваме годинава Македонија да биде најдобра по раст во целиот регион и тука да помогнеме со инвестициите во градежништвото. Очекуваме да отвориме 67 километри фронт за нови автопатишта на делниците на коридорите 8 и 10д. Ќе се работи на Прилеп-Битола, на Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани. Исто така до почетокот на летната сезона очекуваме да пуштиме во употреба автопат од селото Врбјани до Охрид, со еден мал исклучок кај селото Ботун. Очекувам да го пуштиме во употреба и вториот дел од експресниот пат Прилеп-Градско, претходно го пуштивме од Градско до Дреново и имавме една уникатна ситуација, која се нема видено во регионот, а тоа е во рок од две недели успеавме да пуштиме три делници, и тоа 42 километри експресни патишта и 31 километар пруга. Јас силно верувам дека градежништвото со делот на нискоградбата ќе помогне во економскиот развој затоа што многу сектори врзува околу себе и тоа е нешто на што ќе работиме во наредниот период – изјави вицепремиерот Николоски. Н.М.