На домашната политичка сцена деновиве се разгоре жестока вербална дебата за ова прашање, на едната страна се оние што сметаат дека договорот со Бугарија ја отвора европската перспектива за земјата, а од другата спорат тие што мислат дека станува збор за асимилаторски договор за Македонците и дека граѓаните треба да се изјаснат на референдум, низ што поширок демократски зафат, дали Македонија треба да се откаже од ваквиот договор

Ракурсот на меѓународноправни експерти за референдумската иницијатива

И додека се одвиваат процедурите за референдумската иницијатива во врска со „поништување на Законот за ратификација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија“, во јавноста продолжуваат дебатите за ефектите што би се постигнале со ваквиот чекор.
На домашната политичка сцена деновиве се разгоре жестока вербална дебата за ова прашање, на едната страна се оние што сметаат дека договорот со Бугарија е добар и ја отвора европската перспектива за земјата, а на другата спорат тие што мислат дека станува збор за лош асимилаторски договор и дека народот треба да се изјасни на референдум дали Македонија треба да се откаже од ваквиот, како што наведуваат, штетен договор.
Во меѓувреме, дебатата последните денови им го привлече вниманието и на експертите од областа на меѓународното право, кои, анализирајќи одредени формалноправни делови на целата иницијатива за референдумско изјаснување, укажуваат на сите правни замки во кои може да се вплеткаме и кои може директно да се одразат врз државата. Фокусот на експертите повеќе е насочен кон самото референдумско прашање, но и кон самите договори со Бугарија и со Грција, односно можноста со поништување на законите за ратификација на овие договори, всушност, да се поништат и самите договори.

Монистички наспроти дуалистички правен систем

Еден од тие експерти од областа на меѓународното право е и професорот Игор Јанев од Институтот за политички студии во Белград, кој уште на почетокот јасно кажува дека македонскиот правен систем не познава дуализам.
– Македонскиот правен систем е монистички (не е дуалистички), така што со поништувањето на Законот за ратификација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, всушност не може да се укине самиот договор и тој ќе продолжи и натаму да се смета за валиден од страна на меѓународната заедница бидејќи меѓународното право има примат над домашното право. Ако се поништи Законот за ратификација на договорот, тогаш ние немаме обврска да го применуваме во внатрешниот правен промет, но од друга страна, со оглед дека договорот продолжува да важи во меѓународни рамки, тоа ќе се протолкува како прекршување на договорот од наша страна, а не дека сме го укинале. Или поедноставно кажано, со укинувањето на Законот за ратификацијата на договорот со Бугарија се поништуваат само домашните правни ефекти од истиот тој договор. За поништување на меѓународните обврски и права од договорот, потребна е дипломатска нота упатена од Македонија до другата страна (во овој случај Бугарија) – објаснува професорот Јанев.
Гледајќи од меѓународноправен аспект, тој прецизира дека со законите за ратификација на одреден договор, всушност, се врши вклучување на меѓународните обврски и права во домашниот правен систем и затоа, ако се поништи само законот, не се поништува и договорот по автоматизам, од каде што, всушност, е изворот (коренот) од каде што потекнуваат правните последици.
– Ќе посочам само на еден пример. Имено, Привремената спогодба со Грција не беше никогаш ратификувана од нивна страна, а сепак за нас имаше меѓународноправно дејство. Затоа со поништување на Законот за ратификација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, нема да се извлечеме од обврските што произлегуваат од овој договор – категоричен е Јанев.
Според него, кога се работи за договорот со Бугарија, Македонија ги има воспоставените меѓународноправни механизми во согласност со Виенската конвенција на договорното право од 1969 година и тоа може да го направи на правно легален начин и тоа да има ефект врз самиот договор, односно да престане неговата важност во меѓународни рамки, а со тоа и обврските што ги има земјава во согласност со тој договор.
– Договорот со Бугарија треба еднострано да се раскине според моделот на Бледскиот договор од 1947 година, кој беше еднострано раскинат две години подоцна.

Но во последните денови внимание привлече дебатата на експертите од областа на меѓународното право, кои, анализирајќи одредени формалноправни делови на целата иницијатива за референдумско изјаснување, укажуваат на исклучително интересни правни детали во кои може да се вплеткаме и кои може директно да се одразат врз државата

Македонија ако сака да раскине меѓународен договор мора да се придржува до меѓународните норми

И Македонија може да го раскине формалноправно договорот со Бугарија многу чисто и педантно, прогласувајќи го за „правна глупост“, без никакви други претходни или последични постапки.
Дури и со истото образложение како она што ни го даде Бугарија во 1949 година кога го раскина Бледскиот договор, со образложение дека „не е во согласност со суверените права на државата и државниот интерес“. По истата основа „правна глупост“ може без какви било други претходни или последични постапки еднострано да се раскине и Преспанскиот договор – потенцира Јанев.
Според него, Македонија, ако сака да раскине меѓународен договор, мора да се придржува до меѓународните норми.
– Овој договор се раскинува според следните членови на Виенската конвенција на договорното право од 1969 година:

1. членот 46. очигледно кршење на домашните или уставните постапки при склучување на договорот или ратификацијата;

2. членот 52. склучување на договорот под притисок од надвор;

3. членот 53. склучување на договорот спротивно на основните и императивните норми од правото јус когенс, посебно негација на суверената правна еднаквост, непризнавање на националниот идентитет и правото на национален идентитет;

4. членот 61. неприменливост на договорот во пракса, од фактот што е спротивен на јавниот морал и општиот интерес на мнозинскиот народ, како и општа невозможност за примена на недемократска пракса спротивна на нормите од европското и меѓународното право.

5. членот 64. кршење на дополнителните јус когенс норми, поврзано за етноцид или културоцид – прецизира професорот Јанев.
Без разлика како политичките партии се обидуваат да капитализираат каква било иницијатива, па и оваа поврзана со референдумот, едно е повеќе од јасно, дека секој чекор мора да биде целосно усогласен со домашната легислатива и процедури, но и со меѓународното за да може да има сеопфатно и ефективно дејство. Сè друго е само импровизација што може да ѝ нанесе само штета на државата.