Менкиноски додава дека Македонците со пасошите што се дел од предметот за поранешниот градоначалник на селото Рилци во Благоевградскиот Регион, Живко Чукарски, ќе платат само прекршочна глоба бидејќи ја злоупотребиле постапката за вадење државјанство
Адвокатот Тони Менкиноски за случајот со незаконско издавање патни исправи во Бугарија
Вкупно 246 Македонци што се стекнале со бугарски пасоши во рамките на аферата поврзана со фиктивна регистрација на македонски државјани во Бугарија ќе можат да ги задржат патните исправи, вели адвокатот Тони Менкиноски, кој е застапник во неколку случаи на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права. Менкиноски додава дека Македонците со пасошите што се дел од предметот за поранешниот градоначалник на селото Рилци во Благоевградскиот Регион, Живко Чукарски, ќе платат само прекршочна глоба бидејќи ја злоупотребиле постапката за вадење државјанство.
Поранешниот градоначалник на селото Рилци во Благоевградскиот Регион изготвил и заверил 246 потврди за постојана адреса на живеење за лица од Македонија
Чукарски ја признал вината за злоупотреба поврзана со незаконска регистрација на македонски државјани и потпишал договор со Окружното обвинителство во Благоевград. Истрагата покажала дека Чукарски изготвил и заверил 246 потврди за постојана адреса на живеење за лица од Македонија, иако тие никогаш не биле физички присутни во селото, ниту приложиле соодветни документи за регистрација. Македонски државјани, според известувањето на бугарски медиуми, често добивале привилегии при незаконското издавање бугарски пасоши. Сведок во истрагата изјавил дека биле ангажирани над 100 посредници за прибирање документи, обезбедување фиктивни адреси и за олеснување на процесот пред институциите.
Во селото Рилци и во селото Бело Поле, Бугарија, се регистрирани со адреси близу 15.000 македонски граѓани
Во с. Рилци се регистрирани над четири илјади македонски граѓани, во периодот меѓу 2016 и 2019 година. Дел од нивните адреси биле фиктивни, наведувајќи непостојни објекти или дури и празни полиња. Во соседното село Бело Поле, пак, повеќе од десет илјади македонски државјани сè уште се регистрирани. А проблемот со лажните адреси останува актуелен, иако многу од фиктивните регистрации веќе се откажани. П.Р