Геостратегија на преживувањето: ГОЛЕМИ ПРОЕКТИ СЕ ВКРСТУВААТ ВО МАЛАТА И ВАЖНА МАКЕДОНИЈА
- Некои од клучните геостратегиски трговски трансверзали се вкрстуваат токму во Македонија, каде што се коридорите 8 и 10. Најголемите светски сили како ЕУ, САД, Кина… и денес се натпреваруваат кој и како да менаџира со протокот низ коридорите, за што и пристапот и мотивите и начинот во основа им се различни. Може ли Македонија да се наметне суверенистички во овој „мал базен” и да одигра на картата на своите национални интереси? Секако да!
Историјата нè учи од две големи империи во антиката како може економски да се тргува без да се војува. Како да се шират трговските рути, а не да се прекинуваат. Пред повеќе од две илјади години македонската империја предводена од Александар Македонски имала богата трговска размена и соработка со Кина токму на Патот на свилата. Веројатно историски една од најстарите и најзначајни цивилизациски рути за „миграција“ на стоките и капиталот, но и на модата и луксузот.
Кина и денес е империја, додека Македонија остана мала држава, која па и мораше под притисок да си го смени името на државата со додавка „северна“ за да може да стане членка на НАТО и на Европската Унија. Дали навистина мораше е посебна тема за длабока анализа, зашто сега гледаме, а веруваме дека и разбираме, оти тоа и не било „мораше“. Во воената алијанса таа карта се најде на масата каде што се играше отворен геополитички покер и земјата стана членка на НАТО, но со ЕУ работите не одат. Веќе 20 години е во европската чекалница. Дали токму Патот на свилата, кој денес се нарекува и иницијатива „Појас и пат“, е една дополнителна причина за тоа долго чекање и оставање во неизвесност? Дали, како што европската комесарка за проширување Марта Кос нагласи дека не сакаат тројански коњи во ЕУ, мислеше токму на Македонија? Ќе се укинува принципот на консензуално гласање, но тој нов принцип, доколку и се усвои, нема да важи за тројанските коњи.
ТРОЈАНСКИ И ЛИБЕРАЛНИ КОЊИ ШТО КЛОЦААТ НА УМИРАЊЕ
Прашањето е тешко, но, сепак, легитимно и ја одразува денешната геополитичка игра во која и геоекономијата се користи како оружје. Тоа можеме и да го оправдаме како нормална реакција на еден либерален систем што е во слободен пад. Но се покажува дека држави како Македонија, која е на раскрсница на повеќе важни трговски рути, се принудени да се изјаснат јасно, да одберат страна – или сте со нас (ЕУ, но и САД) или сте против нас. Кога земјата влезе во иницијативата, и не се крена премногу голема прашина, работите одеа добро во либералниот западен свет, но една деценија подоцна и ЕУ и САД истакнаа во своите стратегии дека како главна закана ја гледаат Кина. Па, дури и една Русија, која е сè уште во војна со Украина, не се најде на врвот на листата на непријателите и заканите по двете економски сили, кои сега гледаме дека бараат начин како да изградат нов мост за новата реалност во која се наоѓа трансатлантското партнерство.
Но, и покрај меѓусебните недоразбирања, ако бараме влакно во јајце за недоразбирањата, во моментов нема поочигледен доказ за гигантските разлики меѓу Брисел и Вашингтон за Унгарија и отвореното вмешување и на двете страни во парламентарните избори. Уште еден доказ? Во жестоката американско-израелска војна против режимот во Иран, ЕУ одбра да стои настрана и да глуми пацифист. Тој пацифизам не го покажува за Украина?! За да ги спознаеме подобро целите на интервенцијата против Техеран ќе наведеме дека во антиката на дел од таа територија се развивала Персија, која, исто така, играла важна улога во трговијата по сите рути на Патот на свилата. Но и покрај големите несогласувања, па дури и заканите од Трамп дека ќе ја извади Америка од НАТО, повторно Кина е на нивните радари. Дали е тоа сериозен проблем за Македонија за да ги оствари своите геостратегиски интереси и за нејзините можности да се позиционира подобро во новиот свет?
ДАЛИ ПОМИНА ЗЛАТНАТА ЕРА ВО ОДНОСИТЕ СО КИНА?
Македонско-кинеските односи беа очекувано добри по распадот на Југославија ако се земе предвид дека двете земји живееја во монопартиски комунистички системи, а Македонија уште како федерална република во Југославија имаше посебни односи со кинески провинции. Дипломатските односи на ниво на амбасади се воспоставија во 1993 година, но работите сериозно се влошија откако македонската влада во 1998 година направи една дипломатска екскурзија со тоа што воспостави и дипломатски односи со Тајван, а тоа значеше повлекување на кинеската амбасадорка од Скопје. Подоцна работите се исправија со доаѓање на нова влада и односите почнаа да се развиваат во нагорна линија. Дојдоа и кинески инвестиции, а златната ера во односите се смета од 2013 година, кога Македонија влегува во иницијативата „Појас и пат“, со што и официјално влезе во клубот 16 плус еден, а потоа и 17, откако Грција реши да се приклучи. Тој проект за малата Македонија значеше големи инфраструктурни проекти и кинески финансии, како и присуство на кинеските гиганти „Хуавеи“, „Шаоми“, „Синохидро“, Кинеската машинска групација и некои други. Клучни патишта се градат низ земјата, како и регионални трансверзали, сѐ со цел Патот на свилата да биде разгранет на повеќе клучни позиции. Но дали таа златна ера сега помина под притисок на македонскиот стратегиски партнер САД и стратегискиот и национален интерес да стане членка на ЕУ? Дали повлекувањето на кинеските банкарски пари за проекти во Македонија значи заладување на трговските односи или, пак, може да се смета дека нешто полутајно се работи на планот на поддршка и завршување на проектите што се од интерес на Кина? Според наши информации, сите врати не им се затворени на Кинезите, па оттука и прашањето – може ли малата Македонија, каде што се прекршуваат клучните геополитички интереси и коридори, да излезе како победник од тој притисок?
БАНАНА-СТРАТЕГИЈА
Два коридора се клучни за Македонија – тоа се коридорот 10, кој ја пресекува земјата по линијата Југ-Север (кинески интерес), и коридорот 8, кој оди во насока Исток-Запад (американски интерес или таканаречениот Пат на килибарот), но и од посебен интерес на ЕУ. Притоа како клучна земја на тој коридор се смета Бугарија, земја што ѝ стави вето на Македонија за почеток на преговорите за членство во Унијата. Доволно за планираните проекти што ги финансира Брисел да бидат со години заглавени. Но ветото на Софија кон Скопје во некои политички кругови се смета за уцена за земјата да попушти на политичките барања на Бугарија, надвор од Копенхашките критериуми, па дури и се наметнува прашањето дали Брисел ја користи Бугарија како свој прокси во однос на Македонија. Во некои аналитички кругови ваквиот притисок се нарекува „банана-стратегија“, односно некоја земја едноставно се заобиколува во транспортните коридори. Таков е случајот со брзата железница што од Атина оди кон Софија, а потоа кон Букурешт, за да стигне на последната станица во Будимпешта. Железница долга над 1.500 километри. Доколку брзата пруга од Атина би одела преку Скопје, а потоа од Белград за Будимпешта, тогаш таа линија би била покуса за околу 500 километри. Па така, оваа банана-стратегија има макијавелистичка оправданост.
КОРИДОР НА СУВЕРЕНИЗМОТ, ТРН ВО ОКОТО НА БРИСЕЛ
Форсирањето на проектите од коридорот 10, односно БРИ, може да се гледа и од друг агол, кој е особено важен кога зборуваме за геополитика. На тој коридор се земји што Брисел ги смета за несигурни (тројански коњи, преку кои наводно влегува руско или кинеско влијание), а тоа, освен Македонија, се Србија и, одејќи кон север, доаѓаме до Унгарија. Притоа Будимпешта не е последната станица на таа геополитичка трансферзала, затоа што е очигледно дека се создава или ферментира еден средноевропски суверенистички блок, на кој особено му се радуваат десничарските европски сили, а секако и администрацијата на Доналд Трамп. Дури се зборува и за отворено влијание на концептот МАГА во тој регион.
Како може да се премине ова, без притоа да се бројат голем број политички или економски жртви? Тешко дека некој во Скопје сега би можел да даде јасен одговор. Многу повеќе ќе се знае откако ќе се објават подетални информации од стратегискиот дијалог меѓу делегациите на Македонија и на САД што неодамна се одржа во Вашингтон. Имаме причини да веруваме дека не станало збор само за два-три проекти, како што се потребата од увоз на американски течен гас (за тоа ќе ни требаат и поголеми складишта) или, пак, планирана експлоатација на антимон.
ЧИСТЕЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ МИНСКИ ПОЛИЊА ПО НАРЕДБА НА БЕЛАТА КУЌА
Трамп стави голем влог на масата и тој не би сакал сега да загуби, оти може многу да загуби. Станува збор за мегапроект, за еден нов коридор наречен ИМЕК – коридор од Индија – Блискиот Исток-Европа. Преку овој коридор, на кој и Македонија е важна точка, трговијата треба да го заобиколи традиционалниот Суецки Канал, што е нешто неверојатно, но и Црвено Море, пред сè поради Хутите, па ќе му се даде големо значење на Персискиот Залив, со нагласка на улогата на Израел и Катар. Потоа рутата оди кон Медитеранот (Израел, Кипар, и Грција) и продолжува кон Македонија и оттука по копно кон Европа. Кој е проблемот што Македонија, но и други држави треба да го решат? Белата куќа издава наредба сите земји да ги исчистат теренот за ИМЕК, при што најголеми главоболки има Грција поради клучното пристаниште во Пиреја, кое го купија Кинезите. Во Македонија проблем е инфраструктурата, која се гради со кинески кредити, некои проекти како посебни хабови засега остануваат во неизвесност. Дали на крајот Кина и САД ќе ги решат сите Гордиеви јазли кога станува збор за трговските коридори или земјите ќе бидат притиснати сами да најдат решение, во моментов е неизвесно. Но дека постои напнатост е очигледно, особено за Македонија.
ВАРДАРСКА ДОЛИНА – ДИЈАМАНТОТ ВО МАКЕДОНСКАТА КРУНА
Има еден стар проект за кој Французите сметаа дека е нивен, но тој на чудесен начин во 1998-1999 година пропадна. Потоа одеднаш за истиот проект се заинтересираа Кинезите. Станува збор за мегапроектот Вардарска Долина, кој се наоѓа токму на коридорот 10. Пред повеќе од 150 години Ото фон Бизмарк рекол дека „тој што ја контролира долината на реката Вардар тој господари со Балканот“, а со тоа и со портата на Европа. Тоа е проект за реката што се влева во Егејско Мора да стане пловна, но и по нејзиниот тек да има повеќе брани за производство на електрична енергија и да се користи за наводнување на богатите житни и особено виноградите. Проектот е уште на маса, а Скопје е поделено меѓу Европа и Кина, но да не ги заборавиме ниту Американците, кои сега во рамките на МАГА се појавуваат со ИМЕК, проект вреден околу 200 милијарди долари. Можеби со ова стануваат појасни и дел од американските цели за војната против Иран.
Фактичката состојба е таква каква што е – Скопје е притиснато од Брисел, но и од САД, но Кина е длабоко влезена со големи проекти и во Македонија и во регионот и не е за очекување дека така лесно и ќе ги напушти. Дополнителен товар, иако тоа не би требало да биде, затоа што станува збор за геостратегиски коридори, е тоа што Македонија се обидува да најде место и во иницијативата „Три мориња“, проект зад кој цврсто стои Брисел и го смета и за безбедносен проект. Иницијативата „Три мориња“ ги опфаќа земјите од ЕУ лоцирани помеѓу Балтичко Море, Црно Море и Јадранско Море. Јасно е дека за земји што не излегуваат на море, како шо е Македонија, тоа е голема можност за побрз транспорт по вода, но равенката никако не може да се реши кога една непозната е секогаш Кина.
Но на следниот состанок на иницијативата во Дубровник, на претседавачот Хрватска, е најавено поднесување на барањето на Македонија за влегување во оваа иницијатива. Се очекува во согласност со правилата на таа организација тоа барање да биде за придружно членство откако се отстраниле, неофицијално, сите можни блокади од некоја од земјите членки, меѓу кои е и Бугарија.
За да ја решиме оваа енигма, односно дали Македонија може да преживее во овој мал базен каде што се тепаат многу крокодили, наједноставниот одговор би бил – секако да. Картата на која треба да се игра е цврсто држење и стоење до суверенизмот. Тоа би било и економски и историски оправдана позиција.































