Во прилог на ставот да изградиме свој македонски модел на измени во Уставот, или поточно устав во кој чисто, педантно, прецизно и недвосмислено ќе се препознаат темелите на македонската држава поставени со АСНОМ, во кој јасно ќе бидат препознатливи концептот и карактерот на македонската држава, во кој ќе се препознаат носителот на државноста и конститутивниот народ, како и сите други национални малцинства, кои како такви активно учествувале во конституцијата на македонската држава низ историјата, редакцијата на медиумот со најдолга традиција во Македонија, „Нова Македонија“, дава активен придонес за широката граѓанска иницијатива за дебати и дискусии во врска со оваа тема
Во еден динамичен период на политички размислувања на темата за промена на Уставот, деновиве во медиумите беа изнесени повеќе размислувања. Имено, во јавноста излегоа повеќе политички партии што образложуваа различни уставни модели што би претставувале образец за решавање на предизвикот на уставни измени на нашиот највисок правно-политички акт.
Најпрво, најголемата опозициска партија го предложи хрватскиот модел. Потоа излезе политичка партија што предложи швајцарски модел, па трета излезе за белгиски модел… Сите тие размислувања и предлози за разгледување беа регистрирани од „носителите на иницијативата за промена на македонскиот устав“, меѓутоа, за издвојување е констатацијата на високи претставници на извршната власт дека ние можеме да изградиме свој – македонски модел „што ќе одговара на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја– членка на ЕУ“!
Имаме предлози за македонски концепт за уставни измени!
Македонската влада е уверена дека земјава има и потенцијал и капацитет да има свој „македонски концепт за уставни измени“ и дека „обврска на сите политички партии е да ги поддржат ваквите стратегиски одлуки важни за државата“.
Изјави во овој контекст можеа да се слушнат од повеќе носители на извршната власт што излегоа со став дека сметаат дека треба да имаме свој македонски модел, бидејќи секогаш сме се бореле за македонска држава, за македонски јазик…
Во прилог на ставот да изградиме свој македонски модел на измени во Уставот, или поточно устав во кој чисто, педантно, прецизно и недвосмислено ќе се препознаат темелите на македонската држава поставени со АСНОМ, во кој јасно ќе бидат препознатливи концептот и карактерот на македонската држава, во кој ќе се препознаат носителот на државноста и конститутивниот народ, како и сите други национални малцинства, кои како такви активно учествувале во конституцијата на македонската држава низ историјата, редакцијата на медиумот со најдолга традиција во Македонија, „Нова Македонија“, на овој начин дава активен придонес за широката граѓанска иницијатива за дебати и дискусии во врска со оваа тема.
Мотивирани од стремежот за преземање полна одговорност во делот од јавно презентирање појави и проблеми што значат – јавен интерес, во рамките на принципите на професионалното и етичкото новинарско работење, изнесуваме свои редакциски ставови за кои длабоко сме уверени дека ќе придонесат да се дојде до решението во кое Македонија со својот неприкосновен карактер на национална и унитарна држава ќе најде непречен пат за реализација на своите одамна утврдени стратегиски цели!
Некои размислувања за преамбулата на Уставот
Преамбула претставува воведен текст на правните акти, во нашиот случај на Уставот, по која следува т.н. нормативен дел.
Во уставната преамбула има акумулирано исклучително силна енергија што зрачи и му дава животна активност на целиот следствен нормативен дел на Уставот. Во уставната преамбула се потенцира кој и по чија волја го донесува Уставот, дадени се целите, се наведуваат и темелите на државноста, карактерот на државата, носителот на државноста…
Токму поради тоа, преамбулата не може само да ја квалификуваме само како „свечен, уводен текст“ на највисокиот правно-политички акт на Македонија. Имено, токму во преамбулата се содржи најсензитивната супстанција на Уставот и фундаментите на државата чија генеза и дефинирање се наоѓаат токму тука. Затоа, доколку се размислува за измени, тежиштето на размислувања и дебати треба да биде токму во преамбулата, од каде што понатаму ќе бидат проектиран нормативниот дел што следува.
За оригинерен изворен македонски модел: конститутивен народ
и конститутивно малцинство!
Деновиве, во рамките на поширока и плодна редакциска дискусија, никна иновативно размислување (предлог) што имавме можност да го публикуваме во јавноста во нашето печатено издание од 5.4.2023 (среда) и на нашиот портал www.novamakedonija.com.mk, истиот ден, кој имаше извонреден прием кај нашите читатели.
Со најдобра намера овој предлог-концепт активно да учествува во делот од дебатите, како оригинерен, изворен македонски модел, на македонската јавност го пренесуваме уште еднаш, во целост.
… Во рамките на уставноправната материја не постои објаснување што поблизу може да ја дефинира категоријата „конститутивно малцинство“. Постојат точни дефиниции за тоа што значи и како се дефинира малцинство (или повеќе малцинства) во една национална држава.
Во нашиот случај, во Македонија, односно и според меѓународното право… „етничко, религиозно или јазично малцинство е секоја група на лица која сочинува помалку од половина од населението на целата територија на една држава чии членови споделуваат заеднички карактеристики на култура, религија или јазик, или комбинација од која било од нив“…
Во хрватскиот устав, кој деновиве се анализира во јавноста, малцинствата имаат атрибут дека се „автохтони“, што значи „дека се по потекло од местото каде што живеат, односно дека се староседелци“. (За швајцарскиот или за белгискиот устав е бесмислено да се коментира бидејќи тоа е сосема различно уредување на држави и различен карактер на држави).
Имено, со предлог-терминот „конститутивно малцинство“ се дава степен на интегрираност во националната држава, што е значително повисок од статусот „автохтон“ (автохтоно малцинство).
Со ваквиот термин/категорија, покрај тоа што тие ентитети би ги уживале сите придобивки како малцинство (имено според резолуциите на СЕ и меѓународното право), нив како малцинство им се оддава признание дека заедно со македонскиот народ, тие луѓе, како „делови на други народи што живееле надвор од својата матична држава“, се бореле рамо до рамо со државотворниот македонски народ како носител за конституирање на своја држава и заедничко ослободување (национално, социјално и ослободување на татковината од окупаторот). Терминот „конститутивно малцинство“ како категорија природно припаѓа и на сите оние што по дисолуцијата на Југославија се изјаснија „ЗА“ при прогласувањето на највисокиот државноправен и политички акт, односно, го гласале Уставот на Р Македонија!
Тој чин од 1991 година беше исто така чин на извојување јасна и апсолутна победа (како нашата победа во Втората светска војна, при конституирање на првата македонска држава во рамките на една поширока федерација).
Рака на срце, во прогласувањето на конституцијата на Р Македонија, албанските пратеници не гласаа, пропуштајќи ја можноста да бидат „искрен, чесен и чист конститутивен елемент во формирањето и изгласувањето на основниот правно-политички столб на државата“. За разлика од нив, другите малцинства гласаа за Уставот на својата држава и татковина!
Денес, сите тие, вклучувајќи го и најмногубројното албанско малцинство, уживаат највисоки малцински бенефиции. За издвојување е фактот дека динамичното зголемување на бројката на одреден малцински ентитет не значи просто и едноставно – менување на категоријата, од малцинство во народ. И тоа во државотворен народ!?
Во оваа насока, размислувањето дека во преамбулата се идентификува концепт на устави и држави (а имено национални или граѓански) е апсолутно точна. Ниту Уставот ниту државата не може да бидат „ниту риба ниту девојка“ (како што е де факто сега во нашата преамбула)!
Или ќе биде национална држава и атрибутите на носител на државноста ќе му припаднат на мнозинскиот, македонски народ, а другите ќе бидат малцинства, при што сето напред е прецизно регулирано по актуелното меѓународно право, или, пак, ќе се трансформираме во граѓанска држава, каде што целосно ќе се деноминира носителот на државноста (мнозинскиот народ), вклучувајќи ги и другите „делови на народи“. Притоа „граѓаните“ ќе бидат оние што ќе бидат конститутивен елемент на новата држава и новиот концепт, што повлекува и збогување со сите државноправни атрибути на македонскиот народ и неговата вековна историска борба за своја национална држава. Но тоа понатаму значи и лавина други длабоки промени во делот од другата регулатива, во нормативниот дел и законите (на пр. укинување на политичките партии со национален предзнак).
Во секој случај, факт е дека досегашните интервенции во преамбулата ги направија и целиот устав и државата непрепознатливи од првичниот, уставотворен концепт. И преамбулата и Уставот сега се безлична мешавина на модели, концепти, претворени во „медиум на остварени желби на оние што под закана сакаат да ја обезличат Македонија“. Мнозинскиот македонски народ, во ситуација да не влезе во стравотни војни од кои нема некрвав излез, се обиде со компромиси на своја штета, по линија на помал отпор, да го реши проблемот, допуштајќи нелогични и ирационални измени. Но проблемот уште повеќе се продлабочи…
И за крај, сепак, носител на државноста во Македонија (треба да) е македонскиот народ, а карактерот на државата (да) е унитарен. Сите малцинства имаат свои матични национални држави и таму истите тие се државотворни како народ. Таму ние сме малцинство (доколку нѐ признаваат).
Концептот на национални држави е оној што е присутен и одржлив на Балканот, во услови на малку подоцнежното национално освестување на балканските народи. Граѓанскиот концепт на држави е за други (да речеме малку поразвиени западни) демократии и држави, а балканските, вклучувајќи нѐ и нас, засега не спаѓаме во таа група. Ете, тоа се аргументите во придонесот на развивањето на нашиот македонски изворен модел. Р.Н.М.