Фото: Игор Бансколиев

Според размислувањата на повеќе видни професори, наши соговорници на оваа тема, „повеќе конститутивни народи во една држава – значи федерализација и создавање нови проблеми наместо да се реши постојниот проблем“. Во врска со тоа е посочен примерот во регионот, со Босна и Херцеговина, каде што има три конститутивни народи и постојано има проблеми со функционалноста на државата и институциите. Соговорниците сметаат дека само целосна примена на моделот на преамбулата од хрватскиот устав, за „национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства“ (кои би биле наброени) е прифатлива за Македонија“!

Повод: Хрватскиот образец на Уставот како можен модел за македонскиот

Cе чини дека во Македонија е отворена „сезоната“ за предлози и барања за уставните измени, наметнати со францускиот предлог на преговарачката рамка на ЕУ. Императив на францускиот предлог заради некаков наш напредок во евроинтегративните процеси е – внесување на барањата на Бугарите во македонскиот устав.
Со оглед на имплицитно дадените рокови во францускиот предлог, отворањето на Уставот треба да се случи најдоцна за еден месец, за да има време процесот да се затвори до ноември, кога се очекува да биде завршен скринингот од ЕУ.
Во таквиот динамичен контекст на политички размислувања по оваа основа, викендов во јавноста беше изнесен предлог од опозицијата, која досега беше со тврди ставови за неменување на Уставот. Размекнувањето на нивната позиција дојде со – од нив претставената алтернатива наречена „хрватски образец за нашиот Устав“. Тоа преточено во наши услови би имало клучна формулација „македонски народ и малцинства“ во државава, со што би се задржал карактерот на носителот на државноста да биде македонскиот народ, а сите преостанати „делови на народи во Македонија“ би ги имале сите највисоки малцински права според соодветните европски резолуции на Советот на Европа..

Применливоста на хрватската формула

Едно од првите прашања што се наметнуваат од актуелниов предлог е колку е остварлива хрватската формула како предлог за Уставот на Република Македонија. Од кого би добила поддршка? Дали на тој начин Македонија ќе се зачува како држава на македонскиот народ и малцинствата или, пак, ќе значи поттикнување нови лавини незадоволства, на пример за актуелните бугарски испорачани „конститутивни статусни“ барања, а уште повеќе за новоиспорачаните барања на привилегираниот албански блок? Според нашиот соговорник, професорот Ферид Мухиќ, повеќе конститутивни народи во една држава – значи федерализација и создавање нови проблеми. За тоа имаме жив пример во регионот, со Босна и Херцеговина, каде што има три конститутивни народи и постојано има проблеми со функционалноста на државата и институциите!
– Моделот на преамбулата на хрватскиот устав е неприменлив како решение за бугарските барања за измени на македонскиот устав пред сѐ зашто на Бугарите не им одговара таквиот пристап. Не знам зошто сите избегнуваат да ја констатираат реалноста, дека Бугарите не сакаат во македонскиот устав да бидат внесени како малцинство туку како конститутивен народ. Тие очекуваат измените што ги бараат да бидат во насока на целосна предефиниција на Уставот на Македонија, за Бугарите да бидат конститутивен народ еднакво како Македонците. Самата таа идеја претставува отворање на Пандорината кутија. Повеќе конститутивни народи во една држава – значи федерализација и создавање нови проблеми, наместо да се реши постојниот проблем. За тоа имаме пример во регионот, со Босна и Херцеговина, каде што има три конститутивни народи и постојано има проблеми со функционалноста на државата и институциите. Само целосна примена на моделот на преамбулата од хрватскиот устав, за „национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства“ (кои би биле наброени) е прифатлива за Македонија. Но да бидеме реални, тоа не е идејата на барањето на Бугарија вградено во францускиот предлог. Тоа е првата причина што овој модел нема да биде прифатен како решение за измените што се бараат за македонскиот устав, покрај некои други што произлегуваат од внатрешните политички состојби во нашето општество – вели филозофот Ферид Мухиќ.

Со упорното наметнување на Македонија за уставни измени за внесување на Бугарите се нарушува основниот принцип на меѓународното право, на суверена еднаквост

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, смета дека секое отворање на Уставот е исклучително деликатна работа. Според него, ако апетитите на албанскиот кампус партии се одамна познати, за амбициите на Софија постои мотивација плус.
– Отворањето на Уставот на Македонија ги отвора апетитите на сите и, логично, потоа сите опции влегуваат во игра. Особено што Албанците веќе ги испорачаа своите барања за отворањето на Уставот. Идејата за уставни измени според моделот на хрватскиот устав е особено деликатна. Имено, Бугарите не бараат да бидат внесени само во преамбулата туку постои и друга мотивација, да бидат наведени и во членот 78 од Уставот.
Сметам дека со впишувањето на Бугарите во македонскиот устав не би направиле никаква дистинкција меѓу Македонците и Бугарите. Бугарија и понатаму ќе остане на ставот дека Македонците се Бугари. Покрај сето ова, со наметнувањето на Македонија да направи уставни измени за внесување на Бугарите се нарушува основниот принцип на меѓународното право, на суверена еднаквост. Впрочем, ниту Бугарија (а ниту Албанија) во своите устави не ги наведува малцинствата, туку тие прашања се регулирани со Закон за национални малцинства – вели Тодор Петров.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, на крајот на својата изјава уште еднаш ја потврдува својата категоричност зошто не треба да се излезе во пресрет на бугарските ултимативни барања за измена на нашиот устав во врска со внесувањето на бугарскиот народ, покрај преостанатите „делови од народи“ што стојат во преамбулата.
– Ајде да бидам што појасен со мојот став: етнички Бугари во Македонија, Албанија и Косово – нема. Во прашање е основен логички принцип: не може да биде впишано нешто што не постои! Тие што се декларираат како Бугари во Македонија се врховистички креирани елементи и со нивно внесување во Уставот ние самите би си институционализирале петта колона за бугаризација на македонскиот национален идентитет. Националниот идентитет не се сведува само на јазикот туку во него се вградени историјата, културата, името на државата. А сите овие елементи, особено бугарската историја е антипод на македонската историја.


„Автохтоно малцинство“ и „конститутивно малцинство“: сепак е – малцинство!

Во рамките на уставноправната материја не постои објаснување што поблизу може да ја дефинира категоријата „конститутивно малцинство“. Постојат точни дефиниции за тоа што значи и како се дефинира малцинство (или повеќе малцинства) во една национална држава. Во нашиот случај, во Македонија, односно и според меѓународното право „Етничко, религиозно или јазично малцинство е секоја група на лица што сочинува помалку од половина од населението на целата територија на една држава чии членови споделуваат заеднички карактеристики на култура, религија или јазик, или комбинација од која било од нив“…
Во хрватскиот устав, кој деновиве се анализира во јавноста, малцинствата имаат атрибут дека се „автохтони“, што значи „дека се по потекло од местото каде што живеат, односно дека се староседелци“.
Но со терминот „конститутивно малцинство“ се дава степен на интегрираност во националната држава што е значително повисок од статусот „автохтон“. Имено, покрај тоа што тие ентитети би ги уживале сите придобивки како малцинство, (имено, според резолуциите на СЕ и меѓународното право), ним како малцинство им се оддава признание дека заедно со македонскиот народ, тие луѓе, како „делови на други народи што живееле надвор од својата матична држава“, се бореле рамо до рамо со државотворниот македонски народ како носител за конституирање на своја држава и заедничко ослободување (национално, социјално и ослободување на татковината од окупаторот). Терминот конститутивно малцинство како категорија природно припаѓа и на сите оние што по дисолуцијата на Југославија се изјаснија „ЗА“ при прогласувањето на највисокиот државноправен и политички акт, односно, го гласале Уставот на Р Македонија.
Тој чин од 1991 година беше исто така чин на извојување јасна победа, (како и во Втората светска војна, при конституирањето на првата македонска држава во рамките на една поширока федерација).
Додуша, рака на срце, во прогласувањето на конституцијата на Р Македонија албанските пратеници не гласаа, пропуштајќи ја можноста да бидат искрен и чист конститутивен елемент во формирањето и изгласувањето на основниот правно-политички столб на државата. За разлика од нив, другите малцинства гласаа за Уставот на својата држава и татковина.
Денес, сите тие, вклучувајќи го и најмногубројното албанско малцинство, уживаат највисоки малцински бенефиции. Динамичното зголемување на бројката на одреден малцински ентитет не значи просто менување на категоријата малцинство во народ. И тоа во државотворен народ!? Сепак, носител на државноста во Македонија е македонскиот народ, а карактерот на државата е унитарен. Сите малцинства имаат свои матични национални држави каде што истите тие се државотворни како народ. Концептот на национални држави е оној што е присутен на Балканот во услови на малку подоцнежното национално освестување на балканските народи. Граѓанскиот концепт на држави е за малку поразвиени (западни) демократии и држави, а балканските не се во таа група. Р.Н.М.