Фото: Игор Бансколиев

Низ годините на површина исплива една сериозна аномалија во македонското политичко милје, во која сите што потфрлиле во својата работа, наместо да се повикаат на одговорност, се наградуваат со некоја амбасадорска или друга функција надвор од земјава. Со таквиот однос најмалку добива Македонија, бидејќи испраќа лош сигнал до меѓународните партнери праќајќи неподобни кандидати (по однос на способноста, компетенцијата, кредибилитетот, искуството, знаењето, моралните и етички одлики, па и патриотизмот), за кои потоа тие мора да наоѓаат дипломатски начини како дискретно да ги одбијат. Да се претставува својата земја во странство е еден вид умешност, вештина, способност што мора да се научи, негува и развива, заради своите сограѓани и заради својата држава

Зошто е сè почеста појавата нашите кандидати за амбасадори да се неприфатливи за земјата домаќин

Угледот на секоја земја надвор треба да го градат луѓето што ја претставуваат и затоа е особено важно на клучни места секогаш да се испраќаат луѓе со дигнитет, високообразовани, способни, без никакви дамки во нивната кариера.
Но кога станува збор за Македонија, се чини дека тоа не е случај, па стана честа практика предложените кандидати за разни меѓународни позиции да бидат куртоазно одбивани, да се бара да биде предложен некој друг кандидат или слично, што јасно говори за несериозниот однос на државата кон земјите во кои испраќа свои претставници, нарушувајќи го и онака веќе разнишаниот углед на меѓународен план.
Низ годините на површина исплива една сериозна аномалија во македонското политичко милје, во која сите што потфрлиле во својата работа, наместо да се повикаат на одговорност, се наградуваат со некоја амбасадорска или друга функција надвор од земјава.
Неодамна амбасадорите на клучните сојузнички земји на Македонија до државниот врв препорачале да се разговара и за нови можни кандидати за амбасадор на Македонија во Париз, имајќи ги предвид неодамнешните случувања поврзани со доскорашниот првиот човек на АНБ. Пред извесно време имаше обид и поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, да биде испратена како македонска амбасадорка во ЕУ, во Брисел, но оттаму била одбиена како неподобен кандидат.
Сличен беше случајот и со поранешниот министер за надворешни работи и професор Љубомир Фрчкоски, кој беше номиниран за функцијата македонски амбасадор во Вашингтон, но беше одбиен од САД поради извесни резерви кон него што ги пројавила земјата домаќин.
Ако на ова се додадат и обидите да се испраќаат водителки/презентерки, без какво било дипломатско искуство, да бидат генерални конзули, тогаш работата е повеќе од јасна. Едноставно станува збор за класично наградување на сите што му биле некому лојални, па амбасадорската или конзулската функција е само оддолжување. Со таквиот однос најмалку добива Македонија, бидејќи испраќа лош сигнал до меѓународните партнери наметнувајќи им неподобни кандидати, за кои потоа тие мора да наоѓаат дипломатски начини како дискретно да ги одбијат.

Дипломатите се огледало на земјата што ја претставуваат

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека угледот на една земја се гради со години, децении, па и столетија. И тоа се прави многу внимателно, се гради тешко, чекор по чекор, со почитување на чинителите и субјектите во меѓународната заедница, истовремено со почитување на меѓународното право, демократијата, човековите права… Тоа се прави со меѓусебно уважување и помагање, со соработка втемелена на универзални вредности и принципи, со политики на добрососедство, со водење конструктивна регионална и поширока соработка на просперитетни економски, безбедносни, културни и други политики, такви што ќе ги заштитат позициите на својата земја, истовремено нема да ги негираат позициите на другите субјекти на меѓународниот поредок. Според соговорникот, токму ова е еден вид умешност, вештина, способност што мора да се научи, негува и развива, заради граѓаните и заради државата. За ова се развиени и научни приоди и дисциплини, бидејќи некогаш станува збор за менаџирање со судбините на цели држави и народи, токму во меѓународните односи.
Ова се прави со активирање институции, но и човечки ресурси, и назначување луѓе што се способни и подобни за позицијата каде што се номинирани. Сѐ спротивно, како што се назначувањата по пат на клиентелизам, протекционизам, султан-назначувања итн., само нанесува штета по угледот на нашата земја, а прави и мултиплицирана штета на низа суштински полиња од значење за државата и нацијата.
– За да урнеш углед, прво треба да го имаш, да го стекнеш. Треба само да се погледне кој сѐ и досега нè претставувал во странство, какви резултати покажал и сè ќе стане јасно. Во неколку наврати повторувам и тоа е став во кој цврсто сум убеден, а тоа е дека ние на секој начин и со секоја постапка самите „правиме да докажеме дека не сме држава“!? Зошто, како?! Многу мои соговорници од странство ми коментираат на оваа моја констатација дека „ние сме партиска територија во која владеат племенските и лидерските правила“ – изјави со доза на разочараност аналитичарот Пекевски.

Зошто сѐ уште длабоко во себе се чувствуваме подредено

Аналитичарот Пекевски едновремено недвосмислено, паралелно со гореискажаното, констатира дека причината зошто Европската Унија ја поддржува Бугарија во притисокот кон Македонија е затоа што „ние со ништо не покажавме дека можеме да бидеме функционална држава со функционални институции“!.
– На пример, кандидатите што ги предлагаме за надвор за нашите ДКП, никој не води сметка за нивните квалитети, туку се гледа дали тие биле подобни за некоја партија, односно дали тој кандидат претходно не е одобрен од страна на одредена партија, коалиција или партиски лидер. Не дали е способен и компетентен да одговори на предизвиците на дипломатијата во интерес на својата држава и граѓани, туку дали тој одговара како партиски војник?! Затоа ЕУ ја поддржа Бугарија во сите нејзини барања кон нас, бидејќи не покажавме државотворен капацитет, туку правиме онака како што ќе ни кажат. Па, кој би подржувал вакви квазидипломати, без знаење, вештини и без арсенал на факти и аргументи од правен, историски, економски и секаков друг аспект, со кој би ги одбранил позициите на својата држава и татковина? Затоа, поради тоа што немаме луѓе „вооружени со знаења и искуство“, ние „се чувствуваме подредено“, не знаејќи како да се заштитиме првенствено себеси и државниот интерес, а наедно да не ги навредиме странците, ние за сè ги прашуваме (странците) и всушност за секое прашање добиваме одговор дали може или не да направиме нешто – вели Пекевски.
Поранешниот министер за финансии и аналитичар Џевдет Хајредини се согласува со констатацијата дека кај нас, наместо некој да биде повикан на одговорност за лошото работење, се наградува со некоја амбасадорска функција.
– Имаше многу такви предложени кандидати што поради лошото работење дома беа одбиени од земјата каде што требаше да ја вршат новата функција. Наместо тие луѓе да ги повикуваме на одговорност, ние ги наградуваме со амбасадорски позиции. Тоа е резултат на длабокото инволвирање на партиите, односно тие го наградуваат секој што им бил лојален, без оглед што бил поврзан со некакви корупциски активности. И кога ќе им пратите на странците таков кандидат, нормално дека ќе го одбијат, бидејќи тие знаат сè за лицето што треба да оди кај нив. Со тоа испраќаме и лоша порака дека не ги почитуваме земјите во кои испраќаме несоодветни кандидати. Тоа е најдобар пример како се урива угледот на земјата надвор – вели Хајредини.