Македонија беше погодена од најголемата трагедија во нејзината понова историја, а македонските граѓани без разлика на нивната етничка, религиозна и политичка припадност се збогуваа од младите луѓе што загинаа во ужасниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Меѓутоа во овие траурни денови има искра на надеж, дека нештата и не се толку очајни и изгубени потврдуваат херојските подвизи на голем број знајни и незнајни јунаци што несебично се жртвуваа за да се спасат животите на невините жртви. Во јавноста засега посебно се истакнуваат имињата на Иле Гоцевски и Јован Костадинов
Хероите се нераскинлива симболика на секоја современа држава, општество и нација, тие се вградени во националната меморија преку народните песни и фолклорот, како и преку уметноста, литературата или филмската уметност. Но што всушност значи да се биде херој? Добро упатените за ова прашање велат дека изразот херој потекнува од антиката, а за народите во минатото херојот бил смртник, кој со своите дела ги надминувал човековото искуство и можности, со други зборови неговите дела биле еднакви со оние на боговите, го правел невозможното, оттука хероите оставале и оставаат бесмртен спомен зад себе. Хероите отсекогаш ги инспирирале заедницата и поединците дека човековиот дух триумфира над неволјите, без разлика на пречките.
– Кога херојот ќе изврши храбар подвиг, ние како држава и нација учиме од него да правиме исти или слични подвизи во нашето битисување. Хероите не се совршени луѓе, меѓутоа постигнале нешто посебно, нешто извонредно – велат нашите соговорници.
Хероите и хероините се нераскинлив дел од битисувањето на заедницата, не случајно во националната меморија на македонскиот народ се врежани сеќавањата за стотиците херои што со своите дела дадоа придонес за современата македонска држава и општество. Македонија отсекогаш имала херои, а има и денес, како што е Иле Гоцевски, возачот на Итна помош од Кочани, или Јован Костадинов од Виница.
Македонија беше погодена од најголемата трагедија во нејзината понова историја, а македонските граѓани без разлика на нивната етничка, религиозна и политичка припадност се збогуваа од младите луѓе што загинаа во ужасниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Меѓутоа во овие траурни денови има искра на надеж, дека нештата и не се толку очајни и изгубени потврдуваат херојските подвизи на Иле Гоцевски и Јован Костадинов.
Работел речиси 32 часа на денот на трагедијата!?
Гоцевски од Звегор, Делчево, со живеалиште во Кочани, возач на Итна помош, не штедеше сили и напори во спасувањето на животите на настраданите во пожарот. Тој го поминал целиот ден извршувајќи ја својата должност и давајќи сѐ од себе да им помогне на повредените. Според одредени информации, Иле Гоцевски на кобниот ден возел 11 пати од Кочани до Скопје и работел речиси 32 часа. Меѓутоа, набрзо во медиумите се појави информацијата дека Гоцевски по напорната вечер, се вратил дома да одмори, заспал, но не се разбудил. Се претпоставува дека неговото срце престанало да чука. Повеќемина негови блиски и пријатели ја споделија веста за неговата прерана смрт, а меѓу нив беа и неговите колеги.
– Прерано нѐ напушти нашиот Иле Гоцевски. Пријател што несебично секогаш го даваше својот максимум. Не знаеше да каже не. Ништо не му беше невозможно, секогаш велеше: „Ќе биде направено, пријателе. Побрзајте – полека“. Што и да напишам, премалку е… Царство небесно на нашиот ангел – пишува во една од објавите посветени на Иле Гоцевски од Кочани.
Стефан Бурназов работел кобната ноќ и следниот ден заедно со возачот на Итната медицинска помош Иле Гоцевски, кој трагично почина по неуморната и тешка работа за помош на повредените млади луѓе. Бурназов на социјалните мрежи напиша дека заедно со неговиот драг и непрежален колега Гоцевски 24 часа го оставиле срцето на терен.
– Тој беше херојот на транспортот на повредените деца од фамозната НЕДИСКОТЕКА. Единаесет пати имаше отидено за Скопје во кобниот ден. Помагаше и во пронаоѓање и препознавање на изгорените деца, како и нивно транспортирање до одредена дестинација. Денеска немаше никој што да каже за човекот, кој по 32 часа работа, заспа од умор и никогаш не се разбуди – изјави близок човек на Иле за „Делчево 365“.
Смртта на возачот Иле Гоцевски дополнително ја продлабочи тагата, но тој со своите подвизи вечно ќе биде врежан во македонската национална меморија, а во таа насока се и изјавите на министерот Арбен Таравари дека планира да го покани неговото семејство и постхумно да го одликува.

Кој е 19-годишниот херој
Голем придонес во спасувањето на повредените даде и младиот Јован Костадинов од Виница, кој во ужасните моменти успеал да влезе во дискотеката и да спаси 21 млад човек. Според достапните информации, тој иако не бил во дискотеката за време на концертот, кога дознал за пожарот, успеал да најде вода во близина за да го заштити лицето со мокра маица и без двоумење влегол внатре низ страничната соба за да ги спаси луѓето.
Тоа се потврдува и во неколкуте објави на социјалните мрежи, во кои луѓето, изразувајќи му благодарност, го опишуваат храбриот потег:
– Бил надвор за време на пожарот, нашол црево за вода во гаража во близината, ја натопил својата маица за да ја стави на лице и без двоумење преку помошна просторија на диското извадил над 20 девојчиња… Толку млад, а толку храбар. Тоа е Јован Костадинов од Виница. Побрзо оздравување, хероју – се наведува во објавата.
Македонските граѓани во многу објави на социјалните мрежи му се заблагодаруваат на Јован, за кого велат дека е тивкиот херој, му се восхитуваат и ги повикуваат властите да му доделат орден за храброст. Тој меѓу другите успеал да спаси момче чија мајка на социјалните мрежи со многу емоции истакнува дека во најтешките моменти, кога сите биле во паника и страв, Јован се појавил како надеж.
– Мојот син беше под урнатините на дискотеката. Јован го носеше на грб низ оган и чад. Го носеше до болницата во Кочани. Сакаше да го спаси. Сите други бегаа и се бореа за својот живот. Јован, ти го должам новото утре на мојот син. Ти ја должам новата насмевка. Ти ги должам новата надеж и новиот живот. Немам зборови да ти се заблагодарам. Немам зборови да ти оддадам почит. Благодарност од дното на срцето. Ти ми го даде најголемиот подарок. Го спаси животот на моето дете. Засекогаш ќе останеш во моите молитви и во нашите срца – пишува во објавата на мајката чие дете било спасено од Јован Костадинов.
Хероите никогаш не умираат
Во овие траурни моменти Иле Гоцевски и Јован Костадинов се олицетворение на храброста, но и на хуманоста. Тие со своите дела ги исполнија срцата на македонските граѓани, но и го поттикнуваат македонското општество да ги преиспита нештата околу себе. Македонија како држава и нација никогаш нема да ги заборави херојските дела на Иле Гоцевски и Јован Костадинов, затоа што хероите никогаш не умираат.
– Македонските граѓани можеби се разликуваат според религијата или социоекономскиот статус, но херојските подвизи на Гоцевски и Јован Костадинов се силен залог за заедништво во овие траурни моменти – велат нашите соговорници. Д.Ст.