Неколку дена по ред македонската метропола е во самиот врв по загаденост на воздухот во светски рамки. Големо загадување изминатите денови е регистрирано и во другите градови во државата.
По претходното петто место, Скопје вчера се искачи во тројката најзагадени градови, според мерењето на квалитетот на воздухот.
Иако времето е сончево, нема магла и не се забележува загаденост, сепак, според објавата на веб-страницата „Ај-кју ер“, во главниот град на земјава индексот на загаденост на воздухот е 195. Позагадени светски градови од Скопје вчераутро беа само Лахор и Бишкек.
На „Ај-кју ер“ денеска може да се види дека во главниот град на земјава се измерени 141,4 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички и 149,4 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички. Најголема загаденост измериле станиците во Лисиче, Гази Баба, Центар и Ректорат.
Според мерењата на „Ај-кју ер“, освен во Скопје, големо загадување има и во Кочани, Гостивар, Кавадарци и во Куманово.
Поради големото загадување, кое веќе трае три дена последователно, како во Скопје, така и во неколку други града, во сила стапија препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање.
Освен во градот Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, овие мерки и препораки стапија во сила и во Гостивар.
Препораките се однесуваат на тоа да се ослободат од работа хронично болните, да се реорганизира работното време за лицата што работат на отворено, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, инсталациите што поседуваат дозвола А-ИСКЗ да го намалат капацитетот на производство на половина, општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила, а се препорачува и ограничување на работите на градежните објекти до престанокот на важење на препораките и мерките.