Претседателот на македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, категорично тврди дека бугарските срамни обиди за побугарување на македонското малцинство во Албанија нема да поминат. Ваквите обиди за побугарување на Македонците доаѓаат во пресрет на новата територијална поделба на Република Албанија, а особено по барањето за формирање посебни општини, каде што Македонците живеат со децении и векови во пределите Преспа, Голо Брдо и Гора. Ѓурѓај апелира и до Европската Унија, како заедница на демократски држави, да не дозволи една нејзина членка да се однесува варварски кон Македонците во Албанија, но истовремено да не дозволи и погазување на европските постулати врз кои почива Унијата
Македонското малцинство во Албанија со остра реакција на бугарските обиди за негово асимилирање
Бугарија продолжува со агресивната кампања врз македонското малцинство во Албанија, обидувајќи се сега да ја искористи новата територијална поделба во земјата да наметне создавање општини во кои доминантно население би биле Бугарите.
Притисокот беше засилен особено во пресрет на пописот што беше најавен за октомври, но кој беше одложен од страна на албанските власти за следната година поради немање технички можности за негово изведување. Откако отпадна пописот, Софија сега не штеди ниту средства ниту, пак, емисари на терен што се обидуваат со поткупување да ги натераат Македонците од Албанија да се декларираат како Бугари.
Ваквата акција доаѓа во пресрет на новата територијална поделба на Република Албанија, а особено по барањето за формирање посебни општини каде што Македонците живеат со децении и векови, во пределите на Преспа, Голо Брдо и Гора. Во таа насока е и неодамнешната изјава на заменик-министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Костадин Коџабашев, кој рече дека Бугарија ги поддржува и ќе продолжи да ги поддржува Бугарите во Албанија.
На изјавата на Коџабашев реагираше претседателот на македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, кој категорично тврди дека бугарските обиди за побугарување на македонското малцинство во Албанија нема да поминат.
– Намерната замена на нашето вековно македонско чувство со некакво од Бугарите измислено бугарско национално чувство, кај нас не поминува. Напротив, кај многу од нас Македонците се создава и чувство на пизма кон бугарските официјални политички претставници поради нивната уценувачка и настојчива активност да ни ја наметнат бугарштината како чувство, иако со децении кажуваме дека не сме Бугари. И како Македонци од Преспа, Голо Брдо и Гора којзнае по кој пат им се обраќаме на европските институции да преземат мерки за контролирање на неконтролабилните бугарски политичари чие однесување е крајно неевропско, дури и нецивилизирано за 21 век – наведува Ѓурѓај.
Според него, неразбирлив е индиферентниот однос на Европската Унија кон една своја земја-членка, која ги прекршува сите европски демократски принципи.
– Она што нас нѐ загрижува е фактот што токму Европската Унија како заедница на демократски држави дозволува една нејзина членка да се однесува варварски кон Македонците во Албанија. Во своето обраќање, Коџабашев спомнува дека претставници на бугарското малцинство во Албанија побарале средба со претседателот на Бугарија, Радев, и дека ќе се потрудат таа да се реализира – се вели во реакцијата.
Понатаму уште се додава дека оваа средба е иницирана од страна на Софија, со цел да се манифестира дека во Албанија има некакво бугарско малцинство.
– Да не е смешно, ќе биде комично. Познавајќи го капацитетот на платените ликови во Албанија што треба да одглумат Бугари, не се сомневаме дека ваквата средба е иницирана од Бугарија. Но, за да не биде вистината гола, подобро е да ѝ фрлиме некоја наметка. Наметката се вика дежурни платеници, кои за пари го продаваат и мајчиното млеко. Коџабашев треба да научи дека нивните платеници, кои глумат Бугари во Албанија, утре ќе се изјаснат и како Марсовци, доколку некој плати подобро од Бугарија. Жалиме што и нашата, албанска влада дозволува на нејзината територија да шетаат емисари на други држави за да внесуваат раздор и немир среде нејзините жители. Тоа го направи и самата албанска влада во 2017 година, кога попушти пред уцените на Бугарија и без реално постоење на ниту еден Бугарин во Албанија го вметна бугарското малцинство во Законот за малцинства. Но Бугарија како член на Европската Унија и склона кон уцени ѝ се закануваше на Албанија со вето за почнување преговори за влез во европското семејство, а жртвата и цената за таквиот чин беше газењето врз коските на покојните и чувствата на живите Македонци во Албанија – истакнува Ѓурѓај.
Тој уште еднаш ја повикува Европа да реагира и да не дозволува погазување на европските постулати врз кои требаше да се гради Унијата.
– Срамно е европското демократско семејство да ги гази своите поставени постулати за основните човекови права и да молчи за недозволивата ароганција на Бугарите, кои сѐ поинтензивно работат на денационализација и геноцид на Македонците во Република Албанија. Ние имаме да порачаме дека платениците што ви се Бугари, никој не знае до кога ќе бидат Бугари. А ние, Македонци сме биле, Македонци ќе останеме – се наведува во реакцијата на Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана.
П.Р.