Дека има промени во размислувањата на европските политичари во кој правец треба да се движи Европската Унија покажува и последното искажување на италијанскиот премиер Марио Драги, според кого, треба да се надмине принципот на едногласност
Нови европски политички иницијативи
за укинување на ветото
Во изминатите децении, патот на Македонија кон Европската Унија е попречен од консензуалното одлучување и ветото, најпрво преку ирационалните барања на Грција за промена на уставното име на Македонија, а денес од Софија, која се обидува да го наметне своето видување за македонската историја. Во изминатиов период, европската политичка елита стана свесна за проблемот, првите сигнали пристигнаа од Берлин при формирањето на новата германска влада, а последната иницијатива ја даде италијанскиот премиер Марио Драги, кој посочи дека треба да се надмине принципот на едногласност. Познавачите на условите велат дека има нови европски политички иницијативи, но останува прашањето дали укинувањето на ветото е влезна варијанта за Македонија.
Ветократија
Демократските одлуки треба да се носат со консензус, каде што секој член на заедницата се согласува со одредена одлука, но светските експерти посочуваат дека консензуалното одлучување многу бргу се влошува кога групите стануваат поразновидни и се зголемува нивниот број. Ова може да доведе до појава на негативната ветократија и т.н. играчи со вето, кои можат да го блокираат дејството на целото тело, како што посочува политикологот Џ. Цобелис.
Затоа во сложени политички организми се претпочита одлуките да не се носат врз основа на консензус, туку врз основа на согласност на дел од целата група. Консензуалното одлучување во Европската Унија се покажа како проблематично, а тоа е особено видливо во евроинтегративните процеси кога одредени земји-членки го злоупотребуваат ветото за остварување одредени свои цели на сметка на интересите на целата унија. Ова е особено видливо во евроинтеграциите на Македонија, кои се попречени од консензуалното одлучување и ветото, најпрво преку ирационалните барања на Грција за промена на уставното име на Македонија, а денес од Софија, која се обидува да го наметне своето видување за македонската историја.
Нови европски политички ветришта
Изминатиов период покажа дека европската политичко-општествена елита ја осозна проблематичноста на консензуалното одлучување и ветото. Германските медиуми информираа дека трите политички партии што ја сочинуваат германската влада за првпат директно истакнаа дека федералната европска држава треба да биде патот кон кој треба да се движи Европската Унија.
Во коалицискиот договор за формирањето на германската влада се вели дека треба да се донесат европски електорален закон, заеднички министри, транснационални листи, засилување на моќта на европскиот парламент, укинување на едногласноста во донесувањето одлуки што се однесуваат на надворешните и безбедносните прашања (укинување на ветото) и др. Меѓународните експерти посочуваат дека целите на германската коалициска влада се амбициозни, ако се земе предвид дека секоја земја-членка на Европската Унија треба да се откаже од ветото, но германската влада ја има поддршката на Париз, бидејќи Франција е една од гласноговорниците за стратегиска автономија на Европа.
Дека има промени во размислувањата на европските политичари во кој правец треба да се движи Европската Унија покажува и последното искажување на италијанскиот премиер Марио Драги. Според него, збирот на актуелни кризи во Европа, воениот конфликт во Украина, зголемувањето на цените на енергијата и приливот на бегалците „нѐ принудуваат да го забрзаме процесот на интеграција.“ Марио Драги исто така посочи дека мора да се надмине принципот на „едногласност и да се движиме кон одлуки со квалификувано мнозинство, за Европа да биде способна да носи одлуки во разумен рок.“
Дали укинувањето на ветото е влезна варијанта за Македонија?
Очигледни се новите европски видувања, но останува прашањето дали ќе се случи промена во одлучувањето во Европската Унија и укинувањето на ветото. За оваа проблематика, м-р Марко Трошановски од институтот за демократија Социетас цивилис вели дека доколку се надмине принципот на едногласност и се укине ветото, тоа ќе доведе до идеално уредување на Европската Унија. Според него, оваа иницијатива е позитивна, но основачките акти на самата унија се пречка за реализација на иницијативата. Трошановски посочува дека секоја земја-членка треба да се откаже од правото на вето, но тогаш помалите држави ќе изгубат дел од своето влијание и моќ во Унијата. Затоа треба да се очекува отпор од помалите членки, а најголемиот проблем произлегува повторно од консензуалното одлучување. Трошановски вели дека е мала веројатноста некои од членките да се откажат од правото на вето, но можно е неформално влијание од помоќните европски држави за прифаќање на иницијативата за надминување на принципот на едногласност.
Експертите посочуваат дека доколку дојде до решително напуштање на консензуалното одлучување и се прифати принципот на квалификувано мнозинство, тогаш Европската Унија би можела многу полесно да донесува одлуки за голем број важни прашања, вклучувајќи го и приемот на нови членки. Промените во донесувањето на одлуките позитивно ќе влијаат врз приемот на Македонија во Европската Унија и можат да доведат до забрзување на евроинтеграцијата. Но тоа ќе зависи од големите и моќни држави, како што се Германија, Франција или Италија. Решението на проблемот лежи во нивните способности, односно во убедувањето на помалите земји-членки во прифаќањето на оваа иницијатива.