Фото: Принт-скрин

Сосема е нормално и прифатливо во секоја Влада да се случуваат кадровски промени. Конкретно предлагам Ристо Пенов да биде министер за локална самоуправа и сакам да ве уверам дека станува збор за одличен предлог кој ќе ја зајакне Владата и ќе ја зголеми ефикасноста и успешноста во нејзиното работење, рече денеска пред пратениците премиерот Димитар Ковачевски.

– Станува збор за значаен ресор за нашите општини кои за една година гледаме дека се наоѓаат во проблеми кои ги водат неспособни градоначалници. Предлагам вистински човек, на вистинско место, во вистинско време. Господинот Ристо Пенов е синоним за успешен градоначалник, за макотрпна работа, за резултати и успех. Тој е потврда за скромност, чесност и работливост. Тој е човек кој интерира, соработува и има визија. За него најдобро говорат капиталните проекти во Скопје, улиците, мостовите, инфраструктурата, километрите нови патишта, тротоари, нови плоштади, поддршка на локалните бизниси и на културата – нагласи Ковачевски на денешната пленарна седница на која се расправа за предлогот Пенов да биде избран за нов министер за локална самоуправа.

Ковачевски е убеден дека Владата со Ристо Пенов во областа на локална самоуправа ќе направи многу повеќе во стратешките политики и на локално и на централно ниво.

Според опозицијата, Владата повторно прави дефокус на јавноста.

– Што е тоа што може Пенов да го подобри во Владата? Државата се соочува со криза на енергетски, економски, социјален план, имаме тотално потфрлање и корумпираност во безбедносниот сектор, а вие Ковачевски овде ни предлагате смена на министер за локална самоуправа, демек сите ресори се добри, но во моментов најважен ресор што треба да се подобри е ресорот за локална самоуправа – рече пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Предлогот Пенов да биде избран за нов министер за локална самоуправа доаѓа откако неговиот сопартиец Горан Милевски поднесе оставка од функцијата од лични причини.

Изборот на Пенов е на дневен ред на продолжението на 88. седница. Пенов е поранешен пратеник и градоначалник на Скопје. Еден од основачите на Либерално-демократската партија и нејзин поранешен претседател. Магистрирал на Правниот факултет во Скопје, а дипломирал на Економскиот факултет.

На дневен ред на демешната пленарна седница е и изборот на уставни судии за што дебатата заврши и треба само да се гласа за Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева. За останатите седуммина кандидати, дебатата и изјаснувањето во Комисијата не е завршено.

На дневен ред на 88. седница се и законите поврзани со мерките за справување со енергетската криза, како и измените на законот за здруженија и за политичките партии и друго.