Премиерот Димитар Ковачевски смета дека не е време за предвремени парламентарни избори. Тој повтори дека следните избори ќе бидат редовни, во 2024 година, а дотогаш сите партии ќе имаат време да постигнат консензус за укинувањето на „пржинската влада“.
Ковачевски рече дека во моментот изборите не се приоритет, а државата треба да се насочи кон справувањето со здравствената и енергетската криза, преговорите со Бугарија и економијата.
Во врска со барањето на опозицијата за укинувањето на „пржинската влада“, Ковачевски рече дека со оглед на тоа што „пржинската влада“ е договорена помеѓу четирите најголеми партии тоа значи дека и нејзиното укинување треба да се направи на истиот начин, а не со еднострано барање од една политичка партија. Од таа причина, вели Ковачевски, треба работни групи да седнат и да договорат решение коешто ќе биде дел од Закон за Влада и ќе важи за изборите во 2024 година.
Во врска со прашањето за една изборна единица, Ковачевски рече дека СДСМ како партија поддржува вакво решение, но измените на Изборниот законик со кој се регулира ова прашање, секогаш се носеле со консензус на партиите.