Новиот словенечки премиер Роберт Голоб се соочува со силен притисок на јавноста да даде одговори на некои прашања откако деновиве повторно се актуализира аферата поврзана со нелегално финансирање на изборната кампања на косовскиот премиер Аљбин Курти. Како што наведуваат словенечките и косовските медиуми, словенечката државна енергетска компанија ГЕН-И, додека на нејзино чело бил Голоб, направила повеќемилионски трансакции за финансирање на изборната кампања на Курти. Клучното прашање што се поставува е чии се тие пари и од каде потекнуваат, оти повеќе од сигурно е дека словенечката државна енергетска компанија е само обичен параван зад кој се крие некој европски центар на моќ, кој инјектирајќи пари во кампањите на политичарите на Балканот се обидува да ги оствари сопствените интереси преку директна контрола на луѓето што претходно ги корумпирал

ЕУ го прекројува Балканот, но по не толку транспарентни шнитови

Не е првпат во земјите од регионот да се појавуваат афери од големи размери во кои циркулираат милионски суми евра на некакви пари што никој не ги истражува, што отвора сомнеж дека ваквата операција е со знаење на европските центри на моќ што ги аминуваат ваквите скандали, бидејќи добро знаат кој е нивниот вистински креатор.
Неодамна некои од словенечките и хрвaтските медиуми повторно ја актуализираа аферата со словенечката енергетска компанија ГЕН-И, која се сомничи дека преку својата подружница во Албанија, каде што биле префрлени 14 милиони евра, ја финансирала кампањата на актуелниот косовски премиер Аљбин Курти.
Симптоматично е што овој скандал првпат беше објавен во април минатата година, во пресрет на словенечките претседателски избори, но речиси една година подоцна нема никаква истрага, а уште помалку некој се обидува да влезе во трагата на потеклото на парите и нивната вистинска намена.

Моќни европски центри се кријат зад Словенија

Десетина месеци во медиумите во Словенија, Косово, Србија, Албанија, Хрватска и Црна Гора е присутна огромна корупциска афера тешка околу 100 милиони евра. Од самата афера може да се забележи дека финалната дестинација на милионите евра е кампањата на актуелниот косовски премиер Курти.
Ако се следи финансиската форензика, може јасно да се забележи дека трагите на парите одат од словенечката државна енергетска компанија ГЕН-И, која 16 години ја управуваше словенечкиот премиер Голоб, преку посредничките параван-компании на косовскиот амбасадор во Хрватска Мартин Беришај, до партијата на Курти, па и до самиот Курти. Сомнежите се дека на партијата на косовскиот премиер, како што наведуваат косовските медиуми што будно ја следат целата афера, се префрлени десетина милиони евра за две изборни кампањи, а дел од парите завршил и во партиските црни фондови.
Повеќе од јасно е дека станува збор за добро разработена шема преку која се инјектираат милиони евра валкани европски пари од моќни земји што сакаат да спроведуваат одредени свои политики тука на Балканот, контролирајќи ги лидерите што претходно смислено ги корумпирале. Ова е практика што Европа ја применува подолго од три децении тука на Балканот, па затоа илузорно е да се верува дека Словенија и компанијата ГЕН-И се вистинските „финансиери“ на кампањите на одредени политичари, туку многу поверојатно е дека само се обични посредници при трансферот на валканите европски пари.
Словенија ужива голем углед меѓу државите од поранешна Југославија и токму затоа некој моќен европски центар ја користи како алатка за наметнување на сопствените политики и интереси на Балканот.
Најдобра потврда дека зад целата афера се кријат моќни европски центри е фактот што Европската Унија засега не презеде ниту еден чекор во врска со овој мегаскандал, иако за него знае подолго време. Кога пред месец и половина избувна аферата „Катаргејт“, поврзана со обидот да се наметнат некакви поинакви политики во Европа со помош на катарски пари, следуваше молскавична акција, во која зад решетки заврши потпретседателка на Европскиот парламент, како и други европски функционери. Сега, кога станува збор за мегаскандал поврзан со инјектирање „некои специјални пари“ од некои европски центри на моќ во политички кампањи на Балканот, Брисел молчи и се обидува да ја забошоти целата работа.

Пари надвор од легалните текови – главна алатка за контрола на политичарите и на владите

И додека Европа молчи за мегаскандалот во нејзиниот двор, јасно се исцртуваат контурите на корупциското инфицирање на политичарите токму со валкани европски пари. Одредени центри на моќ во Европа со децении уфрлаат милиони евра некакви „од сива зона пари“, со кои се финансираат одредени политички кампањи и се носат на власт политичари што треба да одработат за интересите на оние што им ги дале парите.
Сето ова ја наметнува и главната дилема дали некои европски центри на моќ, давајќи такви „темни пари“, свесно работат на инсталирање марионетски влади што ќе постапуваат според инструкциите добиени од нив, а не според интересите на нивните држави и нивните народи, или, пак, во прашање се само корумпирани политичари што ја користат позицијата само за задоволување на сопствените интереси. Несомнено дека кога некој со такви пари ќе постави марионетска влада, тогаш лесно ќе управува и со нејзините политики, кои секогаш ќе бидат во негова полза.
Ако повнимателно се следи текот на овој вид пари, може да се забележи дека тие постојано завршуваат во некои безбедносно невралгични точки на Балканот, каде што одредени национални политики не се совпаѓаат со оние на европските бирократи. Во ситуација кога Западот сака да ја оттргне Србија од позицијата на седење на две столчиња, носи премиер во Косово што е антипод на сите досегашни премиери во поглед на нивната кооперативност со меѓународните партнери. Колку и да изгледа голем пркосот на косовскиот премиер Курти пред европските и американските моќници, целосно е провидно дека тој е добро синхронизиран со нив, а нивната одвреме-навреме модераторско-медијаторска улога е само обична претстава за широките народни маси.
И не само на Косово, за што говори последната афера, трагите на ваквите валкани европски пари водат и во БиХ, Хрватска, Црна Гора, Албанија, но и во Бугарија и Романија. Сите тие во одреден момент ќе треба да одиграат некаква улога, бидејќи секаде каде што досега постоеше некаков интерес на некој голем центар на моќ, се разработуваше коруптивна параван-шема преку која црни пари се слеваа од една во друга фирма, преку подружници, разни меѓусебни трансакции, сè додека не завршат на сметката на оној што ги носи одлуките. Крајниот корисник на овие пари лесно се открива, но испраќачот секогаш е добро скриен. Ако медиумите во регионот сега ја посочуваат словенечката компанија ГЕН-И како испраќач на валканите пари, истите тие медиуми јасно кажуваат дека Словенија е само параван зад кој се кријат некои европски центри на моќ и нивните планови за Балканот.
Гледано од оваа перспектива, можеби и многубројните „нонпејпери“ што се појавија пред некоја година и во кои беа содржани сценаријата за конечното ставање крај на распадот на Југославија не беа само наивни пробни балони, туку јасни назнаки каде ќе се движат интересите на големите центри на моќ и каде ќе се насочуваат валканите пари. Тоа сега само се потврдува.

Европа здај или Европа издај

Практиките да се инсталираат политиките на моќни европски центри на Балканот со помош на валкани пари се веќе толку провидни што прашање на време е кога оваа корупциски инкриминирачка шема целосно ќе се распадне. Корупцијата во земјите од регионот го достигна веќе тоа ниво, што е повеќе од јасно дека некој однадвор намерно посакал и стимулирал таква состојба со единствена цел да не може да им се открие потеклото на валканите пари, особено кога доаѓаат однадвор. Леглото на корупцијата не завршува со бриселската афера „Катаргејт“, туку треба да се копа уште подлабоко, да се види дали и валканите евра смрдат исто како валканите петродолари. Затоа е важно Брисел како што брзо ја реши аферата со инфилтрирањето катарски црни пари во Европскиот парламент, исто така брзо и ефикасно да истражи на кои тајни сметки завршуваат и валканите европски пари и кои се тие опскурни центри на моќ што со години ги диктираат овдешните политики. Ако десет месеци некој се обидуваше да премолчи и турне под черга афера тешка над 100 милиони евра, тогаш „испраќачот“ на валканите пари можеби е директно европската престолнина.
Како и да е, следниот период ќе се види дали Европа ќе преземе нешто околу расчистувањето со оваа афера, како и со многу други потенцијално слични афери со кои се финансирани многу кампањи и политичари во земјите од регионот. Доколку не се случи тоа, тогаш е повеќе од јасно дека истата таа Европа кон која сите се стремиме е главниот генератор на корупцијата и неевропските вредности.