Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кога синоптичарите ќе предупредат дека зимата доаѓа со сите свои атрибути и ќе предвидат дека ниските температури ќе се задржат подолго време кај нас, тогаш веќе треба да бидеме подготвени како најдобро да им парираме на таквите предизвици и најбезболно да ги поминеме

СОВЕТИ ЗА БЕЗБЕДНА ЗИМА

Кога синоптичарите ќе предупредат дека зимата доаѓа со сите свои атрибути и ќе предвидат дека ниските температури ќе се задржат подолго време кај нас, тогаш веќе треба да бидеме подготвени како најдобро да им парираме на таквите предизвици и најбезболно да ги поминеме. Зимските месеци на многумина им причинуваат главоболки, а факт е дека голем број граѓани воопшто не ја сакаат зимата. И не само поради тоа што во овој период од годината „магично рипаат“ сметките за струја туку и затоа што ладното време предизвикува големи ограничувања за граѓаните.

ПРЕВЕНТИВНИ МЕРКИ ЗА ГРАЃАНИТЕ ШТО ЌЕ ИМ ГО ОЛЕСНАТ „ЗИМСКИОТ СТРЕС“

Искуството покажува дека постојат ефикасни совети за тоа како најдобро да ги „преживееме“ зимата и минусните температури. Постојат голем број препораки за граѓаните, особено за хронично болните лица.
Имено, како прво се препорачува да не се излегува оддома ако не е неопходно, туку да се испланираат низа практични занимации, што ќе го окупираат вниманието, а нема да бидат поврзани со гледање телевизија или „сурфање“ на мобилниот телефон. Друштвените игри се повторно во тренд, како и „ротирачкото“ собирање со пријатели или соседи дома, или во рамките на семејството, каде што може со голема веројатност да се помине заедничко квалитетно време во дружба.
Но, кога се излегува надвор, задолжително е да се носи топла облека и да се пијат топли пијалаци. Откриените делови од телото, како што се образите, носот, ушите, прстите, треба да се заштитат со шал, капа и ракавици, а при екстремен студ се препорачува носење шал или маска на лицето.
Освен што со покривањето на лицето ќе ги заштитите кожата и самото лице, и воздухот што го дишете ќе биде потопол доколку носите шал, па студот нема да им причинува толку голем стрес на организмот и на белите дробови.
Чевлите не смеат да бидат тесни, особено во делот каде што се наоѓаат прстите, мора да бидат доволно длабоки, да имаат добра топлинска изолација и да не испуштаат вода, бидејќи влажните делови од телото побрзо замрзнуваат.

За оние што сакаат да поминуваат повеќе време надвор – слоевита облека
и памет во глава!

За оние што сакаат да поминуваат повеќе време надвор, особено во природа, од исклучителна важност е носењето т.н. слоевита облека.
Водно стана една од главните атракции за скопјани, па речиси секој викенд на оваа планина има вистинска врвулица од граѓани.
Со падот на температурите нема да се промени тоа, па затоа е важно оние што ќе поминат повеќе време надвор да носат слоевита облека.
– Тоа значи неколку слоја облека, со кои можеме да ја контролираме и регулираме температурата – кога е ладно, ги затвораме патентите, а кога е топло, се откопчуваме и соблекуваме по еден слој – објаснува еден планинар.
Се препорачува да се понесе ранец со дополнителна облека во случај на итност.
На посебна група луѓе пасионирани планинари им е познат „карактерот на планината“, па тие точно знаат како да се однесуваат. Но оние почетниците задолжително треба да знаат дека планината е „меч со две сечила“, особено во зима и во студени периоди. Прва работа на која предупредуваат експертите е –хипотермијата.
Ниската надворешна температура е една од најчестите причини за хипотермија, но може да биде предизвикана и од влажност и ветер, потење при ладно време, престој во вода, дехидрација и земање лекови за отстранување на вишокот течности од телото.
При оваа состојба симптомите произлегуваат од потребата на телото да се загрее, а најчести се тремор на телото, бавни, отежнати движења, несмасно одење и отежнато зборување. Втор и уште потежок облик на последици од студот е смрзнувањето на одредени делови на телото. Смрзнувањето е „локална повреда предизвикана од замрзнување на кожата“, а во посериозни случаи, според експертите, може да ги зафати и тетивите, мускулите или крвните садови. Најчесто се појавува на деловите од телото што се најмногу изложени на студ: прстите на рацете и на нозете, ушите и носот. Овие места на кожата на почетокот стануваат сјајни и розови, често може да се почувствува пецкање или печење, додека подоцна кожата станува бледа, тврда и нечувствителна на допир.
По неколку дена од смрзнатините, на кожата може да настанат плускавци или лупење.
Покрај смрзнатини, ризикот од хипотермија е доста висок кај секој што поминува подолг временски период на ниски температури.
Оваа „многу сериозна, често опасна по живот состојба“ се јавува кога телесната температура паѓа под 35 Целзиусови степени.
Единствениот безбеден начин за избегнување смрзнатини и хипотермија при многу студено време, според лекарите, е ограничената изложеност на студ, кои додаваат дека само неколку минути на екстремно ниски температури се доволни за да предизвикаат големи здравствени проблеми.
Сѐ додека временските услови не се екстремни, престојот надвор се препорачува за сите, а ниските температури и снегот носат почист воздух, се истакнува во препораките.
– Но луѓето треба времето што го поминуваат надвор да го приспособат на сопствените можности и здравствени проблеми – секој треба да биде надвор колку што сака – тврди едно истражување направено во САД.
Меѓутоа, кога температурите се под 15 или 20 Целзиусови степени, на луѓето без искуство и соодветна опрема не им се препорачува да излегуваат надвор. Тоа важи и за оние случаи кога службите советуваат да се остане дома поради обилни врнежи од дожд, бидејќи се зголемува ризикот од снег.

Зимски предизвици со автомобилот

Во овој период од годината особено треба да бидат внимателни граѓаните што патуваат со автомобил.
Првенствено, според препораките, потребно е во возилото да имате повеќе гориво отколку што сте планирале.
– Никогаш не знаете каде ќе заглавите во снегот и ќе ви треба гориво, автомобилот треба да работи во таа ситуација и да ве стопли – се наведува во советите.
Во возилото секогаш да ги имате вода и храна треба поради можноста да се помине долго време во возилото доколку се заглави во снег.
– Покрај сето тоа, потребно е да имате и ќебе, фенерче, дополнителна батерија за мобилен телефон и свеќа, кои во случај на итност може да ја подигнат температурата во вашиот автомобил за неколку степени. Секогаш треба да имате помала лопата за да не дозволите снегот целосно да ве прекрие, како и да имате можност да излезете од автомобилот, за да ве најдат спасувачите доколку се најдете во таква ситуација – се истакнува во препораките.