Македонските граѓани многу прецизно, со „генерации и генерации акумулиран народен усет и чувство за сигурност и свој опстанок“, ги препознаваат сите работи што се спротивни на интересите на нацијата, а и на државата и навремено алармираат! Но политичарите ги игнорираат нивните забелешки и се држат до она што го порачува „Европа“. Граѓаните во овие 30 години проголтаа секакви лицемерни игри, измами, уцени и неисполнети ветувања од страна на Европа, но не затоа што не се интелигентни, туку затоа што веруваа во европските вредности. Затоа сега велат доста е, оти сакаат достоинствено да преговараат и да влезат во ЕУ онака како што сите земји го правеле тоа, исполнувајќи ги Копенхашките критериуми, а не распродавајќи ги националните интереси…
Работа на политичарите е да ги штитат и надградуваат националните интереси, а не да ја оценуваат интелигенцијата на народот
Преговарачката рамка што Европската Унија ѝ ја понуди на Македонија претставува исклучителен пример за максимална заштита на интересите на земјите-членки, дури и тогаш кога тие интереси значат негирање на нечиј идентитет, јазик, историја и култура, односно претставуваат етноциден чин врз еден народ, сето тоа со амин на Европа. Апсурд или не, токму тоа се случува!
Од друга страна, пак, огромно мнозинство од македонските граѓани ја препознаа таа лицемерна политика на Брисел, отворено спротивставувајќи се на уценувачките политики од типот „земи или остави“, целосно свесни дека тоа „земи“ значи сопствено уништување.
На лицемерството и непринципиелноста на Европа предупредија и повеќето лидери од регионот, кои јасно ставија до знаење дека она што ЕУ го бара од Македонија како услов за почеток на преговорите нема никаква врска со европските критериуми за членство, туку е класична уценувачка политика од страна на една земја-членка, поточно од Бугарија.
И додека сите јасно кажуваат дека актуелната преговарачка рамка е скроена по бугарски терк, ако се земат предвид сите обврски наменети за земјава, оние што треба да ги бранат националните интереси повеќе се грижат за имиџот на ЕУ, па продолжуваат да ги убедуваат граѓаните дека земјава добила „европска преговарачка рамка“, иако и самите се добро свесни дека она што е испорачано е класична уцена.
– Една од најголемите навреди на интелигенцијата на македонскиот граѓанин е кога европската преговарачка рамка ќе ја наречеш „бугарски диктат“ – изјави неодамна претседателот Стево Пендаровски во интервју за медиумите.
Македонските граѓани во овие 30 години проголтаа секакви лицемерни игри, измами, уцени и неисполнети ветувања од страна на Европа, но не затоа што се наивни или не се интелигентни, туку затоа што веруваа во европските вредности. Затоа сега велат доста е, оти сакаат достоинствено да преговараат и да влезат во ЕУ онака како што сите земји го правеле тоа, исполнувајќи ги Копенхашките критериуми, а не распродавајќи ги националните интереси.
Интелигенцијата на македонските граѓани ја навредуваат оние што мислат дека ваквата преговарачка рамка не е бугарски диктат бидејќи еминентни академици, професори, научни работници, експерти по европски политики, невладиниот сектор, бизнисмени, обични граѓани, уште во првиот момент препознаа кој ќе биде туторот над македонските евроинтеграции и што сè ќе мора да биде жртвувано на тој пат.
Впрочем, најголемата навреда на интелигенцијата на македонските граѓани доаѓа токму од ЕУ, која еднаш ги изигра со промената на името, а сега очекува повторно да ја примени истата формула, граѓаните да се согласат на нова отстапка за неизвесна европска иднина.
Како и да е, работа на европските бирократи е да ја туркаат европската агенда и да затворат уште едно отворено прашање без оглед на цената што ќе ја плати земјата-кандидат, но работа на домашните политичари е по секоја цена да ги штитат националните интереси, а не да се грижат за имиџот на ЕУ.
Социологот и аналитичар на општествените процеси Илија Ацевски смета дека граѓаните многу прецизно, со „генерациски акумулиран народен усет и чувство за сигурност и свој опстанок“, ги препознаваат сите работи што се спротивни на интересите на нацијата и државата и навремено алармираат, но политичарите ги игнорираат нивните забелешки и се држат до она што го порачува Европа.
– Уште кога се подготвуваше тој таканаречен „француски предлог“, што некои сега го нарекуваат европски, а сите добро знаевме кој го диктираше, целиот процес беше обвиен под некаква таинственост. Никој во државата не знаеше за што се преговара, за на крајот да излезе преговарачка рамка во која постојат протоколи што мора да ни ги одобри Софија, ако сакаме да продолжиме натаму во преговорите. Ако тоа не е уцена и диктат, тогаш не знам што е – вели Ацевски.
Според него, политичарите не смеат да ја навредуваат интелигенцијата на народот и да му кажуваат дека станувало збор за европска преговарачка рамка.
– Да кажеш дека станува збор за европска преговарачка рамка, кога огромното мнозинство граѓани знаат дека не е така, всушност значи додворување на нашите политичари на Европа и на европските политики. Од друга страна, тоа е и навреда кон сопствениот народ, за сите оние што апелираа да не се прифаќа предлог што не е европски бидејќи повеќе од очигледно беше подготвен во Софија, затоа и толку мазно помина во тамошното народно собрание. Нашите највисоки функционери не треба да ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните, туку да го слушаат гласот на народот. Сите гледаат дека ова е класична уцена од страна на Бугарија, а ова што некој сака да ни го прикаже како европско, е предизвикување интелектуална траума кај сите оние што реално ги гледаат работите – истакнува Ацевски.
Тој сета дека никој не смее да им ја навредува интелигенцијата на граѓаните, најмалку оние што биле избрани од истиот тој народ.
– Бугарија не признава народ, јазик, историја на еден народ во 21 век, така што ние нема за што да разговараме со таа земја. Тука нема ништо европско, а кога овој негаторски однос е ставен во преговарачката рамка, тогаш тешко е таа да не се нарече со нејзиното вистинско име, диктат, поточно уцена – заклучува професорот Ацевски.