Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали ЕУ има еднакви критериуми кон земјите во ЈИЕ за развивање на регионалната соработка

Две информации од две различни држави објавени во ист ден ги покажуваат различното ниво и сфаќање на ЕУ за развојот на добрососедските и инфраструктурните односи меѓу земјите од Балканот. Првата информација, која беше соопштена од ЕУ-инфоцентарот, се однесува на тоа дека Европската Унија заедно со Србија ќе го финансира новиот гасен интерконектор меѓу Србија и Бугарија, чија изградба почна во средата, а планирано е да биде завршен до крајот на 2023 година. Проектот за изградба на гасната мрежа Ниш -Димитровград – Софија ќе биде финансиран со дел со неповратна помош од ЕУ, во висина од 49,6 милиони евра, и со 25 милиони евра поволен кредит од Европската инвестициска банка, а кој ќе го враќа Србија. Новиот гасовод Ниш – Софија, заедно со новиот гасовод во изградба меѓу Грција и Бугарија ќе ги диверзифицира изворите на енергија во Србија и регионот на Западен Балкан.
Од друга страна, готово во исто време се лиферува вест дека во Скопје се одржа првата средба на една од петте мешани владини комисии што беа формирани меѓу Бугарија и Македонија, а која се однесува на продлабочување на економските врски меѓу двете земји! А за тоа ЕУ ја нема никаде?!

Ќе ѝ помогне ли ЕУ на Македонија онака како што здушно им помага на други земји во регионов

Информативните служби на македонската и бугарската влада објавија дека „веќе се договорени конкретни заеднички активности“. Тие се однесуваат на соработка меѓу Фондот за иновации и технолошки развој и Фондот од Република Бугарија за развој на проекти и поддршка на компании во двете земји!?
Досега учеството на ЕУ во подобрување на врските меѓу двете земји беше сведено на финансирање проекти од локален карактер, преку програмата за меѓугранична соработка. Во овие рамки се предвидени вкупно 30 милиони евра од ЕУ, кои ќе бидат инвестирани во развојот на пограничните региони на Бугарија и Македонија во следните седум години. Средствата се во рамките на Програмата за прекугранична соработка, со која управува бугарското министерство за регионален развој и јавни работи.
– Секако дека постои простор за улога на ЕУ во промовирањето на прекуграничната соработка помеѓу Македонија и Бугарија. Иако тие средства се ограничени, сепак, зависат пред сѐ од капацитетите и интересот на двете држави. Досега прекуграничната компонента на ИПА беше насочена кон контакти помеѓу луѓето и помали проекти. Македонија како земја-кандидат за пристапување во Унијата, во делот на меѓуграничната соработка, имаше ограничени можности за користење финансиски средства, а тие се однесуваа на подобрување на локалната туристичката понуда. Несомнено, пред Бугарија, која е членка во ЕУ, постојат подобри можности да ги искористи европските фондови. Примарно е да постои интерес на двете страни за реализирање поголеми инфраструктурни проекти. Европската Унија тука може да биде комплементарен фактор. Да се потсетиме, и автопатот Демир Капија – Смоквица имаше регионално значење, но само одреден процент од тие средства беше покриен со финансиска помош од ЕУ – ни изјави Симонида Кацарска, докторка по политички науки од Институтот за европски политики од Скопје
Бугарскиот регионален заменик-министер Захари Христов, во септември минатата година објави дека средствата за подобрување на меѓуграничната соработка со Македонија ќе бидат насочени кон развој на чиста и зелена средина, одржлив туризам и поддршка на конкурентноста во прекуграничниот регион. Меѓу приоритетните проекти е изградбата на новиот граничен пункт Клепало помеѓу општините Струмјани и Берово, кој неколку децении чека реализација, поради незаинтересираноста на бугарската страна да го изгради пристапниот пат до граничниот премин. Соработката преку програмите „Интеррег“, во последните 20 години, беше насочен кон пограничните населени места на двете земји, преку обезбедување соодветен пристап до природните и историските знаменитости.

Кои се тие „ограничувачки можности за користење финансиски средства“ од ЕУ

Експертите од невладиниот сектор што ги следат европските процеси во земјите од регионот го споменуваат и „слабиот капацитетот на државните институции во Македонија и фирмите за да ги искористат парите од ЕУ-фондовите“. Тие потсетуваат дека девет милијарди евра се ставени на маса преку ЕУ-фондовите за земјите од регионот, кои може да се искористат за зајакнување и раст на економиите погодени од ковид-кризата. Средствата може да достигнат до 30 милијарди за сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, како што соопшти Европската комисија.
Освен за Зелената агенда, европските фондови може да се искористат и за проекти од областите демократија, владеење на правото, добрососедски односи, конкурентност и територијална и прекугранична соработка. Досега македонските институции половично ги користат парите од европските фондови, покажуваат извештаите од ЕУ. Причините за неискористеноста на европските фондови, граѓанскиот сектор ги гледа во ненавременото програмирање и слабите административни капацитети. Најслаба искористеност, како што објави Радио Слободна Европа, покажуваат секторите транспорт и животна средина, каде што и најмногу пари ѝ се потребни на државата. Преку ИПА-програмите, во период од 12 години, на располагање се милијарда и двесте милиони евра. Односно, во ИПА 1, која се спроведува од 2007-та до 2013-та, и во ИПА 2, чија временска рамка е од 2014 до 2020 година, се ставени по околу 600 милиони евра за раст и развој на државата, за градење институции, владеење на правото и човековите права, образование, за инфраструктура, како и за развој на животната средина. М.Ј.