Општина Центар и оваа година, петта по ред, продолжува со активностите за финансиска поддршка на невработени лица како лични асистенти на ученици со посебни образовни потреби од општинските основни училишта.
Проектот започна со целосна финансиска поддршка на УНДП и Министерството за образование, за сега веќе втора година по ред тој да се реализира со комплетно финансирање од страна на Општина Центар.
– Со овој проект, „Образование за сите“, кој е опфатен со Програмата за образование за 2022 година, предвидуваме ангажирање невработени лица како лични асистенти на ученици со попреченост од осумте основни училишта во општината. Оваа година со проектот се опфатени вкупно 17 ученици, кои во согласност со процените на стручните служби, како и наодот и мислењата што ги поседуваат, се сметаат за приоритетни во потребата од придружба при следење на наставата и совладување на наставниот материјал. Започнувајќи од март, покрај постојните 12, предвидено е вклучување дополнителни три лични асистенти, за кои дополнително се појави потреба по барање на родителите и стручните служби од училиштата – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Основната идеја на проектот „Образование за сите“ е со употреба на различни модули да им даде поддршка на сите деца во оваа целна група во повеќе насоки, и тоа: инклузија на децата со попречености во образовниот систем, подобрување на нивната социјална интеграција, поддршка при совладувањето на образовните содржини и олеснување на движењето и пристапот низ училишните простории.
Со реализирањето на овој проект се овозможува подобар успех при совладување на наставниот материјал кај учениците, се олеснува интеграцијата на 17 ученици со посебни образовни потреби, се зголемува свесноста кај другите ученици за потребите на децата со попречености и придонесува за целосна инклузија на овие деца во образовниот систем.