БАЗЕНОТ ДА НЕ СТАНЕ ПОЛИТИЧКО ПРАШАЊЕ
- Ова прашање особено е чувствително во Македонија, држава што уставно е дефинирана како секуларна и граѓанска. Секуларноста не значи непријателство кон религијата, туку напротив, таа подразбира државата да обезбеди еднаква дистанца кон сите верски убедувања. Токму затоа дел од аналитичарите предупредуваат дека секоја јавна политика што индиректно произлегува од религиски норми мора внимателно да се преиспита
Неколку часа неделно на градскиот базен во Тетово се резервирани само за жени и девојки. На прв поглед, одлуката е техничка и локална. За едни, тоа е разумна мерка што овозможува поголема вклученост на жените во спортот и рекреацијата. За други, пак, ова е опасен преседан што отвора прашања што далеку ја надминуваат темата за пливањето.
Дебатата што деновиве се развива во јавноста открива дека станува збор за многу подлабоко прашање, односно дали современите демократии треба да создаваат посебни јавни простори за различни групи граѓани или нивната задача е токму спротивната – да ги уриваат сите бариери меѓу луѓето?
Во последните две децении и Европа се соочува со слични дилеми. Во повеќе градови во Германија, Велика Британија, Холандија, Белгија и во Шведска локалните власти воведуваа женски термини во базени и спортски центри со образложение дека така ќе се овозможи поголемо учество на жените, кои поради културни, традиционални или верски причини избегнуваат мешани јавни простори. Но секој ваков обид бил проследен со остри полемики. Критичарите поставуваат едно суштинско прашање: ако државата почне да организира јавни услуги според полот, верата или културната припадност, каде е границата? Ако денес има часови само за жени, дали утре може да има часови само за припадници на одредена верска заедница? Ако јавниот простор почне да се приспособува на групни идентитети, дали постепено се губи универзалниот принцип дека сите граѓани се еднакви корисници на истите јавни добра?
Ова прашање особено е чувствително во Македонија, држава што уставно е дефинирана како секуларна и граѓанска. Секуларноста не значи непријателство кон религијата, туку напротив, таа подразбира државата да обезбеди еднаква дистанца кон сите верски убедувања. Токму затоа дел од аналитичарите предупредуваат дека секоја јавна политика што индиректно произлегува од религиски норми мора внимателно да се преиспита.
Сепак, постои и спротивен аргумент. Поддржувачите на ваквите термини велат дека критичарите ја игнорираат реалноста. Ако одредена група жени никогаш не би дошла на базен во мешана средина, тогаш резервираниот термин не одзема ничие право, туку создава нова можност. Според ова гледиште, еднаквоста не значи сите да бидат третирани идентично, туку секој да добие реална можност да учествува во јавниот живот. Но и тука се отвора нова дилема: Дали еманципацијата значи приспособување кон постојните општествени ограничувања или нивно надминување?
Дел од организациите што се занимаваат со правата на жените со години предупредуваат дека женските права не треба да се сведат на создавање „посебни простори“. Нивниот аргумент е дека историската борба за еднаквост се темелела токму на укинување на поделбите, а не на нивно институционализирање. Во таа смисла, тие стравуваат дека ваквите практики можат постепено да создадат нови суптилни форми на раздвојување меѓу луѓето.
Од друга страна, конзервативните и религиозно ориентираните кругови често гледаат на овие мерки како на пример за демократска толеранција. Според нив, современото општество не треба да ги принудува луѓето да се откажат од своите вредности за да можат да користат јавни услуги. Напротив, тие сметаат дека вистинската демократија подразбира почитување на различностите, дури и кога тие се засноваат врз традиција или вера.
Така, една навидум обична општинска одлука станува судир на две филозофии. Првата верува дека интеграцијата се постигнува преку заеднички јавен простор во кој сите граѓани се присутни под исти услови. Втората смета дека инклузијата понекогаш бара посебни механизми за различни групи, за никој да не биде исклучен од јавниот живот. Која од овие две визии е поправедна?
Ниту Европа нема конечен одговор. Токму затоа ваквите прашања и понатаму предизвикуваат жестоки дебати во парламентите, универзитетите, медиумите и во граѓанскиот сектор. Случајот со тетовскиот базен затоа не треба да се претвори во дневнополитичка расправија меѓу „за“ и „против“. Тој е можност македонското општество да отвори поширока дискусија за тоа како ги разбира еднаквоста, слободата, секуларизмот и демократијата во 21 век. Зашто најважното прашање не е дали неколку часа неделно ќе бидат резервирани за жени.
Вистинското прашање е какво општество сакаме да градиме. Општество во кое разликите се надминуваат преку заеднички простор или општество во кое институциите создаваат посебни простори за различни групи граѓани. Одговорот на тоа прашање ќе биде многу поважен од некоја расправа за еден „градски базен“, кој всушност е метафора за суштината на унапредување на демократијата во македонското повеќеслојно општество. П.Р.


































