Премиерот се бори да има храна оваа зима и гордо соопштува дека храна ќе има, напиша поранешниот македонски премиер Никола Груевски, на Фејсбук, реагирајќи на објава на актуелниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски, за снабдувањето на Македонија со храна, струја и парно греење.
– До кое дереџе дојде Македонија!!!? Премиерот се бори да има храна оваа зима, и гордо соопштува на народот дека храна ќе има!!! Ако некој низ Европа ова го прочита, првата помисла ќе биде дека тоа е изјава на премиерот на Етиопија или некоја друга африканска држава, а не Македонија – се вели во објавата на Груевски.
Тој додаде дека „дали ќе има храна во моментот е прашање само во земјите во Африка. Во Европа тоа не е тема. Исто е и за струјата“. Груевски наведува и дека „Македонија троши гас колку една просечна цементара во Европа, а премиерот и Владата бара аплаузи од нацијата дека во вакви услови нашол гас“.
Јавното обвинителство во Македонија го обвини Груевски дека ги организирал насилствата на 27 април 2017 година во Собранието. Оттогаш тој е во бегство во Будимпешта, а на 27 јуни 2019 година, судот во Будимпешта одлучи да не го екстрадира поранешниот македонски премиер. Груевски се бара и за издржување на казна и за злоупотреба на службената положба.